Свет
Скандинавските земји му порачуваат на Трамп: Подготвени сме да ги браниме нашите вредности
Скандинавските земји вчера одлучно застанаа во одбрана на Данска, спротивставувајќи им се на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го заземе Гренланд со сила доколку Копенхаген одбие да ја продаде територијата на САД. На конференциите на Исланд и Шведска, лидерите го осудија она што го нарекоа „прикриена реторика“ на Трамп, објави „Киев пост“.
На годишната конференција „Народ и одбрана“ во Шведска, премиерот Улф Кристерсон ја осуди „прикриената реторика“ на Трамп и рече: „Шведска, нордиските земји, балтичките држави и неколку големи европски земји стојат заедно со нашите дански пријатели“.
Тој предупреди дека преземањето на Гренланд од страна на САД би било „кршење на меѓународното право и ризикува да ги охрабри другите земји да дејствуваат на потполно ист начин“. На симпозиумот во Шведска присуствуваше и врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот на воздухопловните сили на САД Алексус Г. Гринкевич, кој зборуваше за безбедносните закани на Арктикот.
„Кога гледам низ светот, Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и други ја зголемуваат својата соработка бидејќи нивните интереси се насочени против нас“, рече Гринкевич, посочувајќи на заедничките патроли на руските и кинеските бродови долж северниот брег на Русија и во близина на Алјаска и Канада.
„Тие не ги проучуваат фоките и поларни мечки. Тие спроведуваат батиметриски истражувања, обидувајќи се да разберат како да се спротивстават на капацитетите на НАТО на море и под морето“, нагласи тој. Сепак, генералот одби да коментира за „политичките димензии на неодамнешната реторика“, но потврди дека дискусиите за Гренланд се водат во рамките на Северноатлантскиот совет.
„Тие дијалози продолжуваат во Брисел. Тие беа здрави дијалози, колку што слушнав“, рече тој, додавајќи: „Не мислам дека во моментов постои непосредна закана за територијата на НАТО“. Во меѓувреме, од Исланд дојде попомирувачки тон. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадепул, пред средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио, ги истакна „стратешките предизвици на Далечниот Север“.
„Безбедноста на Арктикот станува сè поважна“ и „е дел од нашиот заеднички интерес во НАТО“, рече тој на прес-конференција со неговата исландска колешка Торгердур Катрин Гунарсдотир.
„Ако претседателот на САД разгледува какви закани можат да дојдат од руски или кинески бродови или подморници во регионот, секако можеме да најдеме одговори на тоа заедно“, додаде Вадепул, истакнувајќи дека Германија е „подготвена да преземе поголеми одговорности“ на Арктикот. САД веќе имаат воени бази во Гренланд, на земјиште изнајмено од локалната самоуправа.
Од друга страна, данската премиерка Мете Фредериксен, која исто така учествуваше на настанот во Исланд, рече дека нејзината земја е во „пресуден момент“ во конфликтот со САД околу Гренланд.
Таа објави на социјалните мрежи по состаноците: „Подготвени сме да ги браниме нашите вредности каде што е потребно, вклучително и на Арктикот. Веруваме во меѓународното право и во правото на народите на самоопределување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

