Свет
Скот Морисон: Асанж може да се врати во Австралија ако биде блокирана екстрадицијата во САД
Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека коосновачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, ќе може да се врати дома во Австралија кога ќе завршат неговите судски постапки во Велика Британија, пренесува РТ.
Забелешките на Морисон доаѓаат во време на притисок од австралиски политичари кои ја повикаа владата да побара од администрацијата на Трамп да го помилува Асанж и да ја заврши својата правна кампања против него.
Додека Џорџ Кристенсен од коалицијата и независниот сенатор од Јужна Австралија, Рекс Патрик, повикаа директно на претседателско помилување, опозициската Лабуристичка партија рече дека владата треба да стори што може за да се повлече границата по ова прашање.
Говорејќи за локалната радиостаница 2GB, Морисон изјави дека ако жалбата не успее, Асанж ќе може да се врати во Австралија како и секој друг Австралиец. Сепак, премиерот се дистаницра од директното мешање во процесот или од молба до американскиот претседател велејќи:
„Правосудниот систем си има свој пат и ние не сме фактор во тоа“.
Во понеделникот лондонскиот суд пресуди дека Велика Британија не може да го екстрадира Асанж во САД поради загриженост дека тоа негативно ќе влијае на неговото ментално здравје и може да резултира во обид да си го одземе животот.
Министерството за правда на САД има 14 дена да поднесе жалба против пресудата и ја изрази својата намера да го стори тоа.
Асанж се бара по обвинение од 18 точки, што произлегува од објавувањето илјадници класифицирани документи на „Викиликс“ во 2010 и 2011 година. Ако САД го осудат по сите обвиненија, Асанж може да се соочи со затвор од 175 години иако Вашингтон тврди дека казната ќе биде четири до шест години.
Судењето привлече меѓународно внимание бидејќи адвокатите на Асанж тврдат дека случајот е политички мотивирано гонење против новинар за откривање докази за воени злосторства и за кршење на човековите права извршени од американската влада во странство.
САД не се обидоа да го негираат ова обвинување постојано тврдејќи дека овие информации биле криминални и дека загрозиле животи. Сепак, поддржувачите на Асанж тврдат дека Вашингтон едноставно бара одмазда за нивното објавување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.
Свет
Големиот пожар во Нови Пазаре локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.

