Свет
Следниот потег на Орбан – подјармување на судовите
Виктор Орбан ја носи својата кампања за целосна контрола на Унгарија на ново ниво. Унгарскиот премиер најави минатиот месец дека неговата влада ќе блокира судска одлука со која се обесштетуваат ромски жртви на училишна сегрегација во градот Ѓенѓеспата, пишува „Политико“.
Орбан тврди дека Унгарците никогаш нема да прифатат да даваат пари за ништо и дека вистинските жртви се неромските ученици во градот.
Импликациите од најавата на Орбан оди подалеку од судбината на Ромите во Ѓенѓеспата или во остатокот од Унгарија.
Орбановата владејачка партија Фидес, ранета од победите на опозицијата во Будимпешта и на други важни места на неодамнешните избори, сега е загрижена дека би можела да ја загуби власта. Орбан и Фидес досега се задоволуваа со играњето на картата на надворешни непријатели – ЕУ, Сорос, мигрантите – за да ја зајакнат својата контрола на сите нивоа на моќ, но сега создаваат непријатели од сопствените граѓани, а поттикнувањето антиромски расизам е можеби најлесниот метод што би можеле да го изберат.
Оваа срамна епизода ќе биде показател за тоа колку далеку ќе оди режимот за да ја задржи контролата врз Унгарија. Орбан во суштина вели дека секојпат кога жртвите на незаконски или кривични дела ќе победат на суд, владата ќе утврди дали одлуката е исправна, дали треба да има отштета и како треба да се додели таа.
Кога режимот ќе направи преседан за подјармување на судовите, секој што не им е по волја на оние на власт, ќе нема права, а тие што им се по волја, дури и ако се криминалци, ќе бидат заштитени.
Орбан најави планови и за одржување национални консултации за пресудата за отштета од судот – тактика што ја користеше и претходно за дискредитација на Џорџ Сорос. За возврат, ромските граѓански лидери организираа мирен протест на улиците на Будимпешта барајќи од владата да ги почитува правата на Ромите.
Потезите на режимот се производ на страв од губење на власта. По една деценија под Орбан, унгарските граѓани почнуваат да поставуваат прашања што владата претпочита да не ги одговара: Зошто историски голем број Унгарци ја напуштија земјата? Со што заслужиле Унгарците нагло влошување на услугите во јавното здравство? Со што заслужиле унгарските деца образовен систем, кој во последната деценија се спушти од 37. на 96. место од 138 земји рангирани од Светскиот економски форум?
И, така, режимот сега користи дел од стратегиите на крајнодесничарската унгарска партија Јобик, која се обидуваше да изгради моќ со напаѓање на Ромите.
Јобик ги креира тие стратегии пред речиси една деценија користејќи ги гневот и вознемиреноста создадени од финансиската криза и правејќи жртвени јагниња од Ромите со нивно туркање во вкоренетите стереотипи. Овие потези предизвикаа омраза кон Ромите и поттикнаа создавање униформирани паравоени сили, кои маршираа низ ромските заедници, и убиства на Роми.
Во европскиот начин на живеење нема место за омразата, а методите на Орбан се уште позастрашувачки со оглед на крајнодесничарската закана, која се крева околу него.
„Расизмот е отров“, рече германската канцеларка Ангела Меркел по последниот крајнодесничарски терористички напад во нејзината земја, во кој загинаа 10 лица во Ханау – од кои неколкумина, наводно, биле Роми. А сепак, кога станува збор за Унгарија, постапките на Меркел ги демантираат нејзините зборови. Меркел и нејзината ЦДУ, како и Европската народна партија, сè уште соработуваат со Орбан и овозможуваат ЕУ да продолжи да финансира режим што игра со истиот отров што доведе до трагедијата во Ханау.
Ова им дава на членовите на германската политичка и индустриска елита мотивација да работат со и во Унгарија – ефикасно овозможување на авторитарната кампања на омраза на Орбан.
Многу може да се стори за да се промени ова додека сè уште има средства. Првин треба да се замени политичкото лицемерство со морална јасност. И Орбан и крајнодесничарските терористи тврдат дека штитат начин на живеење – исто како и новата Европската комисија, која првпат вклучува комесар за промовирање на европскиот начин на живеење.
Европските лидери мора да појаснат дека нивната дефиниција за европски начин на живеење не е иста како онаа што ја промовираат Орбан и неговите истомисленици, како италијанскиот лидер на десницата, Матео Салвини. Политичките лидери мора да одговорат на крајнодесничарскиот тероризам со истата моќ и одлучност што ги користат против тероризмот извршен од име на исламот.
Крајнодесничарскиот тероризам тројно се зголеми во последните пет години. Дебатите за политиката на ЕУ мора да ја вклучат расистичката политика која поттикнува терор. Освен тоа, ЕПП мора да ја исклучи Фидес од семејството, а ЕУ треба да престане да ја финансира корумпираната и расистичка машина на Фидес. Ако не се преземат вакви активности, зборовите нема да имаат никакво значење кога ќе се случат следните убиства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кинескиот претседател отпушти 19 функционери пред клучниот состанок
Кина отстрани 19 функционери, вклучувајќи девет од војската, од списокот на членови на своето највисоко законодавно тело, пред најголемиот годишен политички состанок следната недела. Одлуката ја објави Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Не беше дадена официјална причина за отстранувањата, но тие доаѓаат само неколку недели откако претседателот Кси Џинпинг го разреши Џанг Јуксија, неговиот врвен генерал и еден од неговите најблиски воени сојузници.
Според извештаите на државните медиуми, меѓу отстранетите се Ли Ќаоминг, командант на копнените сили на Народноослободителната армија и Шен Џинлонг, поранешен командант на морнарицата. На листата се наоѓаат и неколку други воени офицери и голем број покраински функционери, вклучувајќи го и Сун Шаочонг, поранешниот партиски шеф на Внатрешна Монголија.
Овој потег следи по отстранувањето на генералот Џанг по обвинение за „сериозни прекршувања на дисциплината и законот“, вообичаен еуфемизам за корупција. Ова е последното во низата високорангирани воени отстранувања во последните години. Девет врвни генерали беа отстранети во октомври 2025 година, во она што властите го оценија како дел од кампањата против корупцијата.
Кси ја направи борбата против корупцијата централен столб на своето владеење, почнувајќи со кампања насочена кон високорангирани и нискорангирани функционери, започната кратко откако ја презеде власта во 2013 година. Тој неодамна рече дека битката „останува тешка и сложена“.
Клучни состаноци во Пекинг
Се очекува илјадници делегати да пристигнат во главниот град Пекинг следната недела за таканаречените „Две заседанија“. Ова се годишните состаноци на Секинескиот народен конгрес, законодавното тело на Кина, и Кинеската народна политичка консултативна конференција, највисокото политичко советодавно тело во земјата.
„Двете заседанија“ ќе се одржат од 4 до 11 март, а на нив владата ќе го објави својот петгодишен план, во кој ќе бидат наведени клучните политички цели, како и годишните економски цели.
Свет
(Фото) Епстин сакал да купи вила во земја без договор за екстрадиција со САД еден ден пред апсењето
Само еден ден пред апсењето во 2019 година, Џефри Епстин се обидел да купи вила вредна повеќе милиони долари во Мароко, откриваат документи објавени од Министерството за правда на САД минатиот месец. Епстин со години се обидувал да ја стекне сопственоста на Бин Енакхил, вила во луксузниот кварт Палмераи во Маракеш, а споровите со продавачот околу цената и условите за купување се влечеле од 2011 година, објавува Би-би-си.
Последна трансакција пред апсењето
Откако го договорил купувањето на офшор компанија која го поседувала имотот за 18 милиони евра, Епстин потпишал налог за банкарски трансфер за 14,95 милиони долари на 5 јули 2019 година, еден ден пред неговото апсење. Според објавените документи, тоа била неговата последна голема финансиска трансакција пред американските власти да го уапсат под обвинение за трговија со луѓе по неговото враќање во Њујорк.
Три дена по апсењето, сметководителот на Епстин, Ричард Кан, го откажал банкарскиот трансфер, а купувањето никогаш не било завршено. Палатата Бин Енахил е опишана како архитектонско ремек-дело, изградено од 1.300 мајстори, и располага со раскошни резби и мозаици.
Можно засолниште?
Мароко нема договор за екстрадиција со Соединетите Американски Држави, а локалните медиуми шпекулираат дека еден од мотивите на Епстин за купување на имотот бил да избега во земјата за да избегне апсење доколку бидат поднесени нови обвиненија. Сепак, поранешен соработник на Епстин, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека самата трансакција покажува дека Епстин „немал поим“ за неговото непосредно апсење.
Сепак, тој додаде дека „би имало смисла ако размислувал за потенцијално засолниште каде што сè уште би можел да живее како крал“. Објавените документи не споменуваат дека Епштајн некогаш разговарал за Мароко како можно засолниште од американските власти.
Врските на Епстин со Мароко
Врските на Епстин со Мароко датираат барем од почетокот на 2000-тите. Вирџинија Џуфре, една од неговите најпознати обвинителки, раскажа во своите мемоари како Епстин и Гислен Максвел ја однеле со авион во Тангер за да го надгледува дизајнот на ентериер за неколку луксузни имоти.
Во тоа време, Епстин сакал да реновира делови од својата островска куќа во марокански стил. Во 2002 година, на покана на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, Епстин и Максвел присуствувале на свадбата на мароканскиот крал Мохамед.
Откако бил осуден во САД во 2008 година за подведување на малолетник во проституција, интересот на Епстин за Мароко се чини дека се зголемил по неговото ослободување од домашен притвор во 2010 година. Објавените досиеја покажуваат дека истата година тој го замолил поранешниот министер Питер Манделсон да му најде асистент кој би можел „да му најде куќа во Маракеш“.
Документите детално опишуваат како, од 2012 година, Епстин повремено го посетувал Мароко и престојувал во ексклузивната населба Палмерај, дом на богата заедница на иселеници. Меѓу нив бил и Џабор ал Тани од катарското кралско семејство, близок соработник кого Епстин го опишал како свој „арапски брат“. Самото споменување или фотографирање во документите на Епстин не подразбира никаква вина.
Долготрајни преговори за палатата
Потрагата по имотот во Маракеш ја водеше долгогодишната девојка на Епстин, Карина Шулиак, а нејзините бројни посети и преговори се документирани во е-пошта. Марк Леон, партнер во „Кенсингтон Луксузи Пропертис“, изјави за Би-би-си дека Епстин го насочил вниманието кон нивниот имот, Бин Енахил, што на арапски значи „меѓу палмите“, уште во 2011 година.
Сопственикот во тоа време, германскиот тајкун Гинтер Кис, барал 55 милиони евра, што Епстин го сметал за превисоко. Неговата почетна понуда била толку ниска што Кис бил навреден и одбил да соработува со него, изјавил извор близок до Епстин за Би-би-си. После тоа, Епстин ја искористил својата девојка Шулиак и мрежа на контакти во Мароко за понатамошен увид во имотот.
Во 2018 година, Епстин лично го посетил имотот, по што Шулиак дал конечни понуди, преправајќи се дека дејствува во име на Леон Блек, милијардер и пријател на Епстин.
На крајот стана јасно дека Епстин бил вистинскиот купувач, но продавачот, наведен во е-пораките како „Господин Кис“, се согласил да продолжи со преговорите, според документите и извор близок до Епстин.
Контроверзна даночна стратегија
Документите покажуваат дека во еден момент, „Кенсингтон Луксузи Пропертис“ му предложилe на Епстин „стратегија за продажба и данок“. Според планот, имотот би бил регистриран кај мароканските власти како продаден за 10 милиони евра, додека посебна трансакција од 20 милиони евра би била направена за акции во офшор компанијата што го поседувала имотот.
Таквиот аранжман би му овозможил на Епстин да го регистрира своето име во книгите за имот, но и да го намали данокот што би го платил на мароканските власти. Сепак, агенцијата негираше за Би-би-си дека имало каков било неетички или нелегален обид за намалување на данокот. „Оваа трансакција не ги прекршила даночните закони“, рече Леон.
„Г-дин Епстин сакал да ги плати таксите за регистрација во Мароко, иако не бил должен да го стори тоа… за да го регистрира имотот на свое име.“ На крајот, Епстин одлучил да го купи имотот исклучиво со плаќање за акции во офшор компанијата, а во времето на неговото апсење во 2019 година, тој бил во процес на сфаќање како да го регистрира во Мароко.
Свет
Естонскиот премиер: Путин не може да си дозволи крај на војната
Претседателотот на Русија, Владимир Путин, не може да си дозволи да ја заврши војната во Украина, изјави естонскиот премиер Кристен Михал, споредувајќи го владеењето на Путин со „возење велосипед“.
Во интервју за утринската емисија на Euronews „Europe Today“, Михал ја повика Европската Унија да деблокира 90 милијарди евра помош за Киев и да инвестира повеќе во одбраната, пишува Euronews.
Иако нагласи дека не тврди дека го разбира Путин, Михал верува дека логиката на диктатурата ја објаснува континуираната агресија на Москва, дури и додека преговорите се во тек.
„Путин во моментов има повеќе војници отколку на почетокот на војната“, рече Михал. „Ако престанете да убивате во Украина, што би правеле со нив?“
„Во Русија, херојот слави. Ако престане, ќе падне“, додаде тој. Михал предупреди дека прераниот мир без цврсти безбедносни гаранции може да предизвика нестабилност не само во Русија, туку и низ цела Европа.
Коментарите на естонскиот премиер доаѓаат во време кога планот на ЕУ за мобилизирање на 90 милијарди евра помош за Украина останува политички блокиран. Михал изрази уверување дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе најдат алтернативни начини за деблокирање на средствата.
„Тие имаат различни планови за испорака на овие пари“, рече тој, осврнувајќи се на посетата на европските лидери на Киев. Запрашан да разјасни какви се плановите, Михал одби. „Тие ќе го кажат тоа“, рече тој отсечно, нагласувајќи дека влоговите се високи.
„Ако Европа не може да донесе толку големи одлуки што влијаат на нашата безбедност, тогаш веројатно ќе има многу дискусии за тоа како Европа ќе одлучи за нешто во иднина“, рече тој.
фото/Facebook

