Свет
Сноуден тврди дека израелски софтвер бил користен за следење на Кашоги
Американскиот дојавувач Едвард Сноуден ја обвини израелската компанија за сајбер-разузнавање „НСО груп технолоџи“ за продажба на опрема за дигитална кражба за која тврди дека била користен за следење на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во Истанбул минатиот месец, пренесува „Џерусалем пост“.
Во тој контекст, Сноуден рече дека софтверот на НСО не бил користен само за лов на криминалци и за запирање на терористички напади туку за заработување пари со такво ниво на невнимателност што всушност почнува да чини животи.
Сноуден говореше преку видеолинк од непозната локација во Русија на настанот организиран од фирмата за стратешка, корпоративна, технолошка и финансиска комуникација „ОХ! Оренштајн Хосен“ од Тел Авив.
Кашоги, соработник на „Вашингтон пост“, исчезна на 2 октомври по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул, каде што отиде по потребните документи за својата претстојна венчавка. По повеќе од две недели негирање, Саудиска Арабија призна дека новинарот бил убиен во конзулатот. Ријад рече дека 18 лица се уапсени поради нивната вмешаност во инцидентот и дека ќе им се суди во Саудиска Арабија.
Саудискиот јавен обвинител, од своја страна, призна дека убиството на Кашоги било со умисла, но Ријад тврди дека убиството немало никаква врска со саудиското кралско семејството. Турција, која спроведува посебна истрага во врска со убиството, тврди дека Кашоги бил убиен од екипа убијци испратена од Саудиска Арабија специјално за задачата.
Според турскиот јавен обвинител Ирфан Фидан, Кашоги бил задавен веднаш штом влегол во конзулатот, а неговото тело подоцна било распарчено, уште еднаш потврдувајќи го планирањето на убиството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Свиркач од „Боинг“: Беше прашање на време кога ќе се случи нешто лошо, знаеа за дефектите, но чуваа во тајност
Сантијаго Паредес, свиркач од авиокомпанијата „Боинг“ каде што работеше како менаџер за квалитет, рече дека „прашање на време било кога ќе се случи нешто лошо“, мислејќи на серијата дефекти на авионите на компанијата во изминатиот период.
Паредес работел 10 години во фабриката „Spirit AeroSystems“ во американската сојузна држава Канзас, каде што ја проверил исправноста на трупот на Боинг 737, пренесува CBS News.
„Многу ретко се случуваше да не најдеме дефект“, рече Паредес, додавајќи дека квалитетните менаџери често наоѓале дефекти дури и на авионот од кој вратата падна сред лет во јануари.
„Зошто се случи тоа? Затоа што Спирит не обрнале внимание на пропустите поради притисокот што им бил наметнат на инспекторите. Да беше добра културата, ќе беа спомнати“, изјави Паредес.
Тој истакна дека Боинг со години знаел дека „Спирит“ испорачува трупови со дефекти и дека „само прашање на време било кога ќе се случи нешто лошо“.
Паредес бил под постојан притисок од претпоставените да пријави што помалку дефекти и дека притисоците нагло се зголемиле во 2018 година, кога производството на трупови се зголемило од 30 месечно на 50.
„Секогаш велеа дека немаат време да ги поправаат грешките. Бев во позиција каде што ако кажам не, ќе ме отпуштат. Ако кажам „да“, признавам дека нешто ќе згрешам“, изјави Паредес.
Во февруари 2022 година, претпоставените на Паредес, наводно, побарале од него да ги забрза инспекциите и да биде помалку детален за пропустите што ги наоѓа, што го натерало да испрати е-пошта велејќи дека нивното барање е „неетички“ и го ставиле „во многу непријатна ситуација“.
Потоа на Паредес му беше одземена менаџерската титула, по што тој се пожали до одделот за човечки ресурси, кој го врати на работа, но тој сигурно се повлече во летото 2022 година.
„Се изморив од борба. Се изморив од обидот да ја направам вистинската работа“, рече Паредес.
Свет
Протести во Тел Авив, Израелците бараат ослободување на заложниците
Илјадници Израелци излегоа синоќа на улиците барајќи владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да направи повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците кои ги држеше исламистичката група Хамас во Појасот Газа.
Како што пренесува „Ројтерс“, членовите на семејствата на заложниците носеле слики од нивните најблиски кои се уште се во заробеништво и се приклучиле на толпата што протестира во Тел Авив.
Една од нив беше Наама Вајнберг, чиј братучед Итаи Свирски беше киднапиран за време на нападот на Хамас на израелските градови на 7 октомври и, според израелските власти, бил убиен во заробеништво.
Во говорот таа се осврна на видеото кое Хамас го објави вчера, тврдејќи дека уште еден од израелските затвореници починал.
„Наскоро дури и оние кои успеаја да преживеат толку долго нема да бидат меѓу живите. Тие мора да се спасат сега“, рече Вајнберг.
„Апсолутно е јасно дека израелската влада е целосно идеолошки банкротирана. Тие немаат поим што прават. Јасно е дека не се обидуваат да спасат ниту еден заложник или да ја прекинат војната. Владата всушност ја води најекстремниот фундаменталист , чија идеологија нема никаква врска со демократските идеали“.
Како што одминуваше вечерта, некои демонстранти го блокираа главниот автопат во градот пред полицијата да ги растера со водени топови, а некои директно се судрија со полицијата. Уапсени се најмалку три лица.
Свет
Трагедија во Индонезија: на автобус со матуранти му откажаа сопирачките, загинаа најмалку 11 лица
Најмалку 11 лица, претежно ученици, загинаа во тешка несреќа со училишен автобус во Индонезија, пренесува „АП“.
Според извештаите, на автобусот му откажале сопирачките, по што удрил во неколку автомобили и мотоцикли пред да удри во столб и да се преврти.
Автобусот со 61 ученик и професор се враќал доцна синоќа во средното училиште во Депок во близина на главниот град Џакарта, од туристичкиот град Бандунг по прославата на матурирањето, изјави портпаролот на полицијата во Западна Јава, Жил Абрахам Абаст.
„Автобусот изгубил контрола на удолницата и преминал на спротивната лента, удрил во неколку автомобили и мотоцикли пред да удри во столб за струја“, рече тој.
Девет лица загинаа на местото на несреќата, а уште две починаа подоцна во болница, меѓу кои и наставникот и возачот на автобус, потврди Абаст. Уште 53 лица се хоспитализирани со повреди, меѓу кои и некои во критична состојба.
„Се уште ги истражуваме причините за несреќата, но прелиминарната истрага покажа дека сопирачките на автобусот биле неисправни“, рече Абаст.
Тешките сообраќајни несреќи не се невообичаени во Индонезија, пред се поради лошите безбедносни стандарди и патната инфраструктура.