Свет
Сопартијка на Салвини добива закани со силување откако се спротивстави на изградба на џамија
Сопартијка на популистичкиот сенатор и лидер на италијанската партија Лига, Матео Салвини, добива закани со смрт и со силување, многу од нив наводно од мигранти, откако се спротивставила на изградбата на привремена џамија, пренесува „Ил џорнале“.
Силвија Сардоне, пратеничка на Лига во Европскиот парламент, доби закани откако се изјасни против предлогот за изградба на привремена џамија во областа Виа Новара во Милано.
Објавите на социјалните мрежи и апликациите за испраќање пораки наводно покажуваат дека европратеничката на Лига добива закани дека ќе биде запалена, според скриншотови до кои дошил „Ил џорнале“. Во друга порака се вели „Ние странците ќе ти влеземе дома и ќе те силуваме“.

Според Сардоне, многу од заканите доаѓаат од странци. Таа рече дека тие уште еднаш потенцираат оти постои латентна омраза кон оние што се осмелуваат да бараат правила, контроли и безбедност по прашањето на џамиите.
„Овие закани со силување или смрт нема да ме спречат да го осудам потчинувањето на Демократската партија кон одредени исламски заедници и ризиците по градот“, рече таа.
„Веќе му порачав на мојот адвокат да ги осуди овие ѓубриња. Ќе продолжам да стојам покрај граѓаните кои бараат затворање на нелегалните џамии. Со години ги слушав ветувањата на градоначалникот Сала, а потоа се разочарав“, додаде таа.
За Демократската партија (ПД) во Милано со години се тврди дека има блиски врски со локалната муслиманска заедница. Во 2018 година, џамијата во Сеграте на периферијата на градот ги повика локалните муслимани да гласаат за ПД поради поддршката за политиката на право на државјанство со раѓање или juc soli. Тоа не беше единствената џамија што им порача на муслиманите да гласаат за левичарските партии таа година.
Сардоне не е единствената членка на Лига што добива смртни закани. И Матео Салвини доби многу закани, вклучувајќи повици за негов атентат од екстремно левичарски екстремисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

