Свет
Сојузникот на Трамп убиен во атентат, ФБИ приведе осомничен, па го пушти
Чaрли Кирк (31), влијателен десничарски активист, близок до американскиот претседател Доналд Трамп и извршен директор на организацијата Turning Point USA (TPUSA), е мртов. Тој беше застрелан во вратот околу 12:25 часот по локално време за време на настан на Универзитетот во Јута Вали.
Видеата што кружат на социјалните мрежи го покажуваат моментот кога беше застрелан додека зборуваше под шатор во дворот на универзитетот, пред собрана публика од 3.000 луѓе и обезбедување од 6 полицајци. Кирк таму настапи како дел од турнејата American Comeback, организирана од локалниот огранок на TPUSA. Тој беше префрлен во болница во критична состојба, каде што почина.
Осомничениот за убиството на Кирк е уапсен, потврди ФБИ неколку часа по атентатот. Првично беше уапсено погрешно лице, кое набрзо беше ослободено.
Смртта на Чарли Кирк ја потврди американскиот претседател Доналд Трамп.
„Големиот, па дури и легендарниот Чарли Кирк е мртов. Никој не го разбираше или не го имаше срцето на младите на Соединетите Американски Држави подобро од Чарли. Сите го сакаа и се восхитуваа, особено јас, а сега го нема. Меланија и јас им упатуваме сочувство на неговата прекрасна сопруга Ерика и семејството. Чарли, те сакаме!“, напиша тој на „Тру соушал“.
Трамп потоа изрази длабока тага и гнев поради убиството на конзервативниот активист, нарекувајќи го атентатот „темен момент за Америка“. Трамп го опиша Кирк како „патриот кој го посвети својот живот на борба за отворена дебата и за земјата што толку многу ја сакаше, Соединетите Американски Држави“.
„Чарли инспирираше милиони, а вечерва сите што го познаваа и го сакаа се обединети во шок и ужас“, рече Трамп. „Тој е пример за вистината и слободата, и никогаш немало некој толку почитуван меѓу младите“.
Трамп, исто така, ја истакна „длабоката вера“ на Кирк, велејќи: „Чарли беше и човек со длабока, длабока вера. Се утешуваме знаејќи дека тој сега е во мир со Бога на небото“. Додаде дека го замолил Бога да ги чува сопругата и децата на Кирк „во ова ужасно време на болка и страдање“.
Во продолжение на изјавата, Трамп вети дека неговата администрација ќе преземе решителни чекори против политичкото насилство.
„Ќе го најдеме секој што придонел за ова злосторство и друго политичко насилство“, изјави тој. Трамп конкретно ја обвини „радикалната левица“ за насилството од кое „страдале премногу невини луѓе“, споменувајќи го обидот за атентат врз него и убиството на извршниот директор на „ЈунајтедХелткер“, Брајан Томпсон, минатата година.
Американскиот конгресмен Џејсон Чафец, кој беше на настанот со својата ќерка, за Fox News изјави дека насилството било „шокантно“.
„Сите се фрлија на подот и избегаа“, рече Чафец. „Куршумот падна право во него“. Тој откри дека разговарал со Кирк непосредно пред почетокот на натаснот.
По пукањето, луѓето почнаа да бегаат во паника и следеше хаос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас
Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.
Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.
Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.
Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.
Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.
Свет
Унгарија: ЕУ сака утре да го усвои 20-тиот пакет санкции кон Русија, ние ќе го блокираме
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, преку две објави на X повторно ја засили реториката кон Украина поради транзитот на нафта до Унгарија и Словачка преку нафтоводот „Дружба“, заканувајќи се дека Будимпешта ќе блокира одлуки на ЕУ важни за Киев.
Неговите изјави следуваат откако украинското Министерство за надворешни работи го отфрли притисокот од Будимпешта и Братислава, велејќи дека уценувањето со енергетските извори во услови на руски напади врз инфраструктурата му оди во прилог на агресорот.
„Решението е едноставно“
Во првата објава, Сијарто порача дека решението е „едноставно“ – Украина да ги обнови испораките.
„Едноставно е и лесно. Наместо да се мешате во нашите избори, рестартирајте ги испораките на нафта кон Унгарија и Словачка. И едните и другите знаеме дека нема технички пречки“, напиша тој.
Во втората објава најави дека Унгарија ќе го блокира усвојувањето на 20-тиот пакет санкции против Русија на Советот за надворешни работи на ЕУ.
„Додека Украина не го обнови транзитот на нафта преку ‘Дружба’, нема да дозволиме носење одлуки важни за Киев“, истакна Сијарто.
Украина: Не прифаќаме ултиматуми
Од украинска страна порачаа дека не прифаќаат ултиматуми и дека работат на стабилизирање на енергетскиот систем под постојани руски напади.
Киев соопшти и дека предложил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
Свет
Трамп најави одлука за напад врз Иран, но сè уште се соочува со три клучни пречки
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека во рок од десет дена ќе донесе одлука дали ќе изврши воена акција врз Иран, но сè уште не е подготвен за напад, и покрај распоредувањето на моќната американска воздушна и поморска армада во Персискиот Залив, пишува Blick.ch.
Иако многу експерти во Тел Авив тврдат дека режимот на ајатоласите, на власт од 1979 година, никогаш не бил послаб, Трамп останува воздржан. Претходно, во јуни 2025 година, САД и Израел водеа „Дванаесетдневна војна“ за уништување на делумно преживеаните нуклеарни капацитети на Иран со бомбардери Б-2.
Првата пречка: политичка нестабилност
Првиот фактор е политички. Доколку Трамп сака да го нападне режимот со цел да го „обезглави“, потребна е алтернатива на владеење. Постојат две можности:
1.Фракција во самиот режим да ја преземе власта и да дозволи договор со САД, слично на сценариото со Венецуела.
2.Промена на режимот со доаѓање на Реза Пахлави, синот на соборениот шах, кој пред неколку недели беше поздравен од повеќе од 200.000 Иранци во дијаспората.
Проблемот е што другите опозициски групи, како Курдите, категорично го отфрлаат таквото решение, а распоредување на американски копнени сили за заштита би создадало дополнителен хаос.
Втората пречка: воени гаранции и инфилтрации
Втор фактор е воен. Трамп мора да има гаранции за ефикасноста на воздушните напади во координација со Израел, чиј разузнавачки капацитет е длабоко инфилтриран во иранскиот режим.
Нападите би се соочиле со истиот проблем како и претходната „Дванаесетдневна војна“: Иран може да ги сокрие своите нуклеарни и балистички капацитети во планинската територија, а масовните напади би предизвикале голем број цивилни жртви.
Идеалната стратегија би била нападите да предизвикаат народно востание и офанзива на пријателски вооружени групи, со цел да се собори режимот, но повторно останува дилемата кој би ја наследил власта без копнени сили на САД.
Третата пречка: регионални сојузници и Израел
Третиот фактор е улогата на Израел, кој врши притисок за итен удар за отстранување на „егзистенцијалната“ закана од иранската нуклеарна програма.
По војната во Газа, Израел станал непожелен партнер за многу земји во регионот, како Турција или Саудиска Арабија, кои се позадоволни на краток рок со ослабен Иран, кој е сè помалку способен да им снабдува оружје на своите сојузници (Хутите во Јемен, Хезболах во Либан…). Затоа, Трамп мора да ги убеди регионалните сојузници – од Турција и Саудиска Арабија до Катар – дека ситуацијата е под контрола.

