Свет
Стив Вознијак го тужи „Јутјуб“: Нарушен ми е угледот, исто како и на Маск
Стив Вознијак поднесе тужба против „Јутјуб“ тврдејќи дека таа платформа постојано ги игнорирала неговите барања да ги симне лажните биткоин-наградни игри што го користат неговото име.
Тој ги спореди постапките на „Јутјуб“ со она што го стори „Твитер“ затоа што оваа социјална мрежа бргу отстрани слични измами кога Вознијак и другите познати личности беа хакирани минатата недела.
Вознијак ја поднесе тужбата заедно со 17 други лица, а нивната цел е да ги принудат „Јутјуб“ и неговата матична компанија „Алфабет“ да ги избришат спорните видеа и да ги предупредат корисниците за измамата. Овие јутјуб-измами ја користат фотографијата на Вознијак за да ги убедат корисниците дека биткоините што ги инвестираат ќе се удвојат.
„Кога корисниците ја префрлаат својата криптовалута на измамници во трансакција што не се враќа, тие за возврат не добиваат ништо“, се наведува во тужбата. Како што тврди Вознијак, „Јутјуб“ исто така профитира од овие измами така што не сака да ги отстрани, пренесува Engadget.
Кога беа хакирани сметките на познатите на „Твитер“, Вознијак коментира дека тоа веќе му случило нему и на Илон Маск, но на платформата на „Јутјуб“.
„Нашиот углед е нарушен. Луѓето ни испраќаат имејлови и ги бараат ветените биткоини, тие се лути. Вистинскиот проблем е што не постои вистински начин со алгоритам да се исклучат ваквите измами, дури и при очигледно кршење на авторските права“, рече Вознијак.
Засега нема конкретен одговор од „Јутјуб“ на обвинувањата на Вознијак, но тие претходно во слични ситуации се повикуваа на Законот за почитување на комуникациите, во кој се вели дека давателите на услуги (т.е. давателите на услуги на платформа) не може да бидат одговорни за содржината што ја објавуваат корисниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик: БиХ е завршена приказна, нека оди по ѓаволите
Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, денес повторно се послужи со националистичка реторика и закани за отцепување на Република Српска од БиХ, а причина за тоа беше одлуката на Уставниот суд на БиХ да ја отфрли неговата жалба против пресудата со која беше осуден на една година затвор и за која го изгуби мандатот.
„Јасно е дека Уставниот суд на БиХ е дел од клан чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор“, рече Додик на прес-конференцијата што ја одржа во седиштето на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука. Додик е сè уште претседател на партијата, иако постојат толкувања според кои тој не можел ниту да ја извршува таа функција откако Судот на БиХ го осуди на шестгодишна забрана за политичка активност покрај затворската казна.
Ова моментално се дискутира помеѓу Судот на БиХ и општинскиот суд во Бања Лука, каде што е регистрирана СНСД. Сепак, Додик се претстави како претседател на РС, иако тој мандат му беше одземен по сила на закон, а парламентот ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател до изборите закажани за 23 ноември.
Тој рече дека зборува од просториите на СНСД „само од формални и правни причини“ и го искористи своето појавување пред печатот за да испрати порака дека БиХ ќе се распадне, а РС ќе стане независна држава. „Сè што кажавме дека се наши политички цели ќе продолжи да нè води во иднина“, рече тој.
Додаде дека за него, БиХ е „завршена приказна“ и најави дека ќе следи општа парализа на државно ниво. Во февруари, парламентот на РС донесе низа закони со кои де факто се обидоа да спроведат сецесија, но овие закони беа откажани под притисок на американската администрација, која пак ги укина санкциите врз Додик.
Американскиот претставник во Советот за безбедност на ОН минатата недела разјасни дека администрацијата на Доналд Трамп сега очекува „деескалација и стабилност“ во БиХ, но Додик денес посочи дека не се откажува од реториката што го доведе до санкции.
Тој рече дека „обединетите муслимани и глобалисти“ упорно го уништуваат Дејтонскиот поредок, па затоа БиХ всушност се распадна поради тоа. „РС и јас како претседател веруваме дека не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам нека оди по ѓаволите“, рече Додик.
Тој ја обвини Европската Унија за поттикнување на бездржавност и желба да ги одземе сите права на РС, а ја именуваше европската комесарка Марта Кос како главен виновник. „Ако нè влечат во ЕУ без статус и право на глас, јас сум против тоа. РС ќе биде против тоа“, рече тој.
Регион
Првиот човек на грчката пошта поднесе оставка по најавата за затворање 200 филијали
Планираното затворање на 204 поштенски филијали скапо го чинеше директорот на Грчката пошта (ЕЛТА), Григорис Скликас, кој поднесе оставка, пренесе весникот „Катимерини“.
Скликас ја поднел оставката откако многу граѓани дознале дека нивните локални пошти биле затворени преку ноќ, што предизвикало остри реакции. И покрај оставката, владата останува при планот за затворање на околу една петтина од вкупно нешто повеќе од илјада пошти.
Директорот се бранел дека работат со застарена опрема и несоодветна дигитална инфраструктура. Грчката пошта се соочува со недостиг од персонал и милионски загуби, а долгот изнесува околу 140 милиони евра.
Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, изјави дека планот за реструктурирање и затворање на филијалите е конечен, но призна дека одлуката за нивно затворање без претходна консултација со граѓаните била погрешна.
Тој најави дека реформата ќе се спроведе по дијалог со јавноста и дека целта е сите граѓани да имаат пристап до поштенски услуги.
Свет
Орбан му одговори на Зеленски: Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му возврати удар на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини во едно интервју дека го поддржува Путин со блокирање на пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, објави „Евроњуз“.
Во интервју објавено вчера Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа наместо да бара отстапки.
„Не мислам дека треба да му понудам нешто на Виктор Орбан“, рече Зеленски.
„Мислам дека Виктор Орбан треба да ѝ понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.
Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер ја отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.
„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа и никогаш нема да го сториме тоа. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и од НАТО, чиј член, за среќа, Украина не е“, рече Орбан.
Тој истакна дека Унгарија досега обезбедила приближно 200 милиони евра хуманитарна помош и продолжува да ја снабдува земјата разорена од војна со гас и електрична енергија.
Премиерот го повтори цврстото противење на Унгарија на пристапувањето на Украина во ЕУ.
„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи тоа би донело војна во Европа и би ѝ одзело унгарски пари на Украина“, рече Орбан додавајќи дека би претпочитал да види Киев да добие статус на стратешки партнер наместо полноправна членка.

