Свет
Столтенберг: Членките на НАТО мора да трошат повеќе за одбрана
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ги повика земјите-членки да го забрзаат зголемувањето на трошоците за одбраната, бидејќи новите бројки покажуваат дека помалку од една четвртина ја исполнуваат целта на алијансата.
Столтенберг рече дека рускиот напад врз Украина минатата година покажал дека светот станал понебезбеден и дека сојузниците на НАТО мора да одговорат со поставување и исполнување на поамбициозни воени цели, пренесува Ројтерс.
Седум од 30-те земји на алијансата ја исполнија сегашната цел да потрошат два отсто од БДП за одбрана во 2022 година, еден помалку отколку во 2021 година, пред војната во Украина, според проценките во годишниот извештај на генералниот секретар на НАТО, објавен денеска.
Столтенберг рече дека очекувањата на НАТО се уште две членки да ја исполнат целта.
Членките на НАТО постојано ги зголемуваат трошоците за одбрана откако руските сили го анектираа Крим и влегоа во Донбас во источна Украина во 2014 година, но Столтенберг рече дека минатогодишната војна ја истакнала потребата да се трошат повеќе.
„Нема сомнеж дека треба да направиме повеќе и да го направиме тоа побрзо. Сегашното темпо на зголемување на трошоците за одбрана не е доволно високо. Мојата порака до сојузниците е дека го поздравуваме она што го направија, но тие мора да забрзаат, мора да направат повеќе во овој поопасен свет“, изјави тој за новинарите во седиштето на НАТО во Брисел.
На самитот во Велс во 2014 година, лидерите на НАТО се согласија за целта да потрошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана во рок од една деценија.
Извештајот на Столтенберг за 2022 година покажа дека Грција, САД, Литванија, Полска, Велика Британија, Естонија и Летонија ја исполниле таа цел.
Вкупните трошоци на сојузниците на НАТО за одбрана се зголемени за 2,2 отсто во споредба со претходната година.
Се очекува лидерите на НАТО да договорат нова цел на самитот во Вилнус, Литванија, во јули, при што Столтенберг рече дека два проценти од БДП сега треба да се гледаат како минимум, а членките имаат за цел да се движат побрзо за да достигнат повисоки нивоа.
Бројките во извештајот на Столтенберг покажуваат дека Хрватска и Франција се најблиску до исполнување на целта од два проценти, при што секоја потрошила околу 1,9 отсто од БДП за одбрана.
Назад се Белгија, Шпанија и Луксембург, чии трошоци за одбрана беа под 1,2 отсто од БДП, според Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

