Свет
Странските државјани во Кабул предупредени веднаш да заминат од аеродромот

Американската, австралиската и британската влада ги предупредија своите граѓани да не одат на аеродромот во Кабул поради закана од терористички напад.
Австралиското Министерство за надворешни работи денеска ги предупреди луѓето да не одат на аеродромот Хамид Карзаи, а оние што се во близина да се засолнат на безбедно место и да чекаат дополнителни совети.
Амбасадата на САД во Кабул, исто така, ги советува своите државјани да избегнуваат да одат на аеродромот и да избегнуваат влегување на аеродромот во овој момент, освен ако не добијат индивидуални насоки од американски владин претставник да го сторат тоа.
Во предупредувањето понатаму се вели дека граѓаните кои веќе се на портите на аеродромот треба веднаш да заминат.
Британската канцеларија за надворешни работи издаде сличен совет за своите државјани во Авганистан.
Недела и половина откако талибанците го окупираа Кабул, можностите за воена евакуација од Авганистан брзо се затвораат, а американскиот претседател Џо Бајден се држи до планот за повлекување на американските сили до 31 август.
Ако американските војници го напуштат аеродромот во Кабул, во држава под контрола на талибанците, не може да се гарантира безбедност на аеродромот за понатамошна евакуација.
Ситуацијата е хаотична бидејќи толпи луѓе се собираат на аеродромот со надеж дека ќе можат да се качат на летовите пред истекот на рокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белорусија ја предупредила Полска за беспилотни летала во нејзин правец

Началникот на Генералштабот на полските вооружени сили, генерал Вислав Кукула, потврди дека Полска добила информации од Белорусија за беспилотни летала кои се движеле во нејзин правец, пренесува ТВN24.
Кукула ја потврди изјавата на Белорусија дека испратила предупредување до Полска во врска со леталата.
„Белорусите нè известија дека беспилотни летала го прелетуваат нивниот воздушен простор кон Полска“, изјави тој.
На прашањето за моментот на предупредувањето, рече дека тоа му било корисно, додавајќи дека е изненаден што Белорусија, и покрај напнатите односи на копнената граница, се одлучила за соработка од ваков вид.
Во меѓувреме, Полската армија соопшти дека соборила беспилотни летала кои го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз Украина.
„Распоредено е оружје, а службите работат на лоцирање на соборените објекти. Се работи за сериозно нарушување на воздушниот простор“, соопшти Полската оперативна команда.
Премиерот Доналд Туск изјави дека најмалку 19 беспилотни летала влегле во полскиот воздушен простор. Досега се пронајдени остатоци од 15 беспилотни летала и ракети со неидентификувано потекло.
Свет
(Видео) Расправија за време на минутата молк за Кирк во Претставничкиот дом

За време на минутата молк за Чарли Кирк во американскиот Претставнички дом избувна жестока расправија.
„Ве молам, станете за момент молитва за Чарли Кирк и неговото семејство“, ги повика присутните претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.
Додека пратениците стоеја во тишина во речиси целосно исполнетата сала на Претставничкиот дом, за време на минутата молк за влијателниот десничарски активист што беше убиен на универзитетски настан во Јута, републиканската пратеничка од Колорадо, Лорен Боберт, побара гласна молитва.
„Тивки молитви даваат тивки резултати,“ рече Боберт и побара молитвата да се изговори „на глас.“
Според „Њујорк тајмс“, во тој момент демократските пратеници почнале да довикуваат обвинувања дека републиканците го игнорираат пукањето во училиште во Колорадо, кое исто така се случило истиот ден.
Во меѓувреме, пратеничката Ана Полина Луна, републиканка од Флорида, стана и почна да вика: „Сите вие сте виновни за ова.“
Претседателот Џонсон неколку пати се обидуваше да ги смири пратениците, удирајќи со чеканот и повикувајќи на ред. На крајот рече: „Ќе се приклучиме во молитва веднаш по ова, во ред?“
Свет
Медведев: Можеби е време МАГА да сфати дека со поддршката на Украина, поддржува убијци

Дмитриј Медведев, поранешниот руски претседател и премиер, а денес заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, го коментираше убиството на влијателниот десничарски активист Чарли Кирк.
„Политички злосторства и атентати неодамна беа извршени од разни лево-либерални злобници кои го поддржуваат бандеровски Киев. Фицо, Кирк. Кој е следен? Можеби е време тимот на МАГА да сфати дека со поддршката на Украина, поддржува убијци“, напиша Медведев на „Икс“.
Кирк, инаку близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, држеше говор пред публика на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута, кога беше застрелан во вратот. Тој беше префрлен во болница во сериозна состојба за итна операција, но почина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо го преживеа атентатот во мај минатата година. Фицо беше подложен на неколку операции откако се здоби со животозагрозувачки повреди во пукањето. Атентаторот беше идентификуван како 71-годишниот Јурај Цинтула, кој рече дека не се согласува со политиката на сегашната влада.