Свет
Судот во Вашингтон одлучи: Трамп нема претседателски имунитет
Доналд Трамп нема претседателски имунитет и може да биде кривично гонет под обвинение за заговор за поништување на изборите во 2020 година, одлучи судот во Вашингтон. Трамп во историскиот правен случај тврдеше дека е имун од кривични пријави. Меѓутоа, пресудата го отфрли наведеното барање.
Тоа е неуспех за Трамп, кој со години се повикува на претседателскиот имунитет додека се соочува со обвиненија во повеќе случаи. Се очекува поранешниот претседател да поднесе жалба на пресудата, што значи дека случајот на крајот може да оди до Врховниот суд, каде конзервативците имаат мнозинство од 6-3, пишува Би-би-си.
Американскиот специјален обвинител Џек Смит го обвини Трамп (77) за заговор да ја отфрли победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година и за измама за да остане на функцијата. Судењето за тој случај првично беше закажано за 4 март, но беше одложено во очекување на одлуката за барањето за имунитет.
Може да има уште едно одложување доколку случајот заврши пред Врховниот суд. Претходно овој месец, комисија од судии го разгледуваше случајот во Окружниот апелационен суд во Вашингтон. Аргументот на адвокатот на Трамп се засноваше на идејата дека претседател кој не бил отповикан од Конгресот не може да биде предмет на кривична постапка.
Тие истакнаа дека Трамп бил отповикан од Претставничкиот дом, но Сенатот не ја потврди споменатата одлука. Судиите, сепак, звучеа скептични. Судијката Флоренс Пан сугерираше дека, со имунитет, претседателот може да продава државни тајни или да нареди атентат на политички ривал без страв од кривично гонење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Цела населба во Мостар евакуирана поради бомба од Втората светска војна од 227 килограми
Воздушна бомба од Втората светска војна со тежина од приближно 227 килограми беше успешно отстранета рано утрово во Мостар, БиХ, откако беше откриена вчера за време на градежните работи на нов станбен комплекс.
Бомбата AN-M64, произведена во Америка, беше отстранета од членови на тимот за деминирање на Федералната администрација за цивилна заштита, со поддршка на полицијата на Херцегованско-неретванскиот округ и противпожарната служба на градот Мостар.
Вадењето и отстранувањето на бомбата беше извршено под строги безбедносни мерки. Целата населба беше евакуирана утрово, а пристапот до областа каде што беше пронајдена бомбата беше забранет во радиус од 300 метри.
Оваа воздушна бомба е пронајдена и отстранета од област во поранешен рударски комплекс. Тоа е една од најчестите американски бомби што ги користеле сојузничките авиони за време на Втората светска војна за таргетирање инфраструктура, индустриски објекти и воени цели.
Мостар беше честа цел на сојузничките напади кон крајот на Втората светска војна, особено поради неговиот рударско-индустриски комплекс и аеродром. Во 2021 година, во населбата Родоч беше пронајдена бомба тешка околу 230 килограми, додека во последната деценија во близина на аеродромот беа откриени повеќе од 20 бомби од различен калибар.
Свет
Романија ги крена борбените авиони, руско беспилотно летало влезе во воздушниот простор
Романија вчера ги крена борбените авиони откако беспилотно летало влезе во нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз украинската инфраструктура во близина на границата, соопшти Министерството за одбрана.
Романија, членка на Европската Унија и НАТО, која дели граница од 650 километри со Украина, постојано наидува на остатоци од руски беспилотни летала што паднале на нејзина територија како дел од руските напади врз пристанишната инфраструктура на украинската страна од Дунав.
Министерството соопшти дека радарот прво го детектирал сигналот на беспилотното летало кога веќе влегло околу осум километри во романскиот воздушен простор, во близина на селата Периправа и Чилија Вече во округот Тулча.
Сигналот потоа исчезнал од радарот пред спорадично да се појави повторно 12 минути подоцна, во близина на село во округот Галати, додаде министерството.
Романија покрена два борбени авиони Еурофајтер кои припаѓаат на германска мисија за надзор на воздушниот простор, проследени со два романски Ф-16, и ги предупреди жителите на југоисточните окрузи Тулча и Галац да побараат засолниште.
Министерството додаде дека сè уште не добило никакви пријави за паѓање на беспилотни летала на романска територија.
Полска, исто така членка на НАТО што граничи со западна Украина, привремено ги затвори аеродромите Жешов и Лублин на југоистокот од земјата и ги покрена своите и сојузничките авиони за да го заштити воздушниот простор.
Свет
Италијанскиот министер за одбрана: Русија нè напаѓа, хибридната војна е постојана
Министерот за одбрана на Италија, Гвидо Кросето, упати силен повик до Западот да одговори на зголемената фреквенција на руски хибридни напади, кои ги опиша како потенцијално катастрофални, пишува Politico.
Во сеопфатен документ од 125 страници, објавен вчера попладне под наслов „Спротивставување на хибридното војување: Активна стратегија“, Кросето остро ја осуди инерцијата на европските и НАТО сојузниците во услови на сè подрска руска агресија.
„Хибридната војна е постојана и напаѓа критична инфраструктура, центри за донесување одлуки, основни услуги и ткивото на секоја земја, со дневни и растечки ризици од катастрофална штета“, се наведува во документот. „Ние сме нападнати, а хибридните бомби продолжуваат да паѓаат: Времето да се дејствува е сега.“
Кросето го нарече апсурдно и неодржливо тоа што Западот прави толку малку за да одговори на руските напади. Тој повлече паралела: ако бевме нападнати од копнена армија, немаше само да се барикадираме дома и да се надеваме дека ќе си одат.
Тој нагласи дека Западот е вклучен во асиметричен конфликт и поседува алатки за одговор, но неговите акции постојано заостануваат зад Русите поради тоа што се попречени од сопствените демократски процеси и бавното донесување одлуки во ЕУ и НАТО, кое се базира на консензус.
Документот наведува и други земји како закани, вклучувајќи ги Кина, Иран и Северна Кореја.
Министерот предупредува дека фреквенцијата на хибридни напади се зголемува затоа што Кремљ на Владимир Путин користи „интегрирана употреба на воени и невоени алатки за дестабилизација на своите конкуренти, нарушување на нивната внатрешна кохезија и влијание врз нивната политичка волја“.
Примерите вклучуваат голем број инциденти: тврдења дека озлогласена руска воена разузнавачка група хакери ги таргетирала компаниите што ѝ помагаат на Украина, палење на магацини за опрема во Полска, користење на мигранти од страна на Белорусија за дестабилизација на Полска, мистериозни беспилотни летала околу европските аеродроми и тврдења за руско поткопување на претседателските избори во Романија.
За да се спротивстави на овие закани, Кросето изнесе конкретни предлози. Тој се залага за формирање европски центар за борба против хибридното војување и формирање на кибер сила со 1.500 членови. Покрај тоа, тој предлага вработување воен персонал специјализиран за вештачка интелигенција, заштита на синџирот на снабдување и експерти за борба против дезинформации.
Фото: ЕПА

