Свет
Судот во Москва го одложи судењето на Навални за 5 февруари

Судот во Москва го одложи почетокот на судењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, обвинет за клевета на ветерани од Втората светска војна, соопштија неговите адвокати.
Адвокатката Олга Михаилова рече дека судењето е одложено за 5 февруари бидејќи Навални беше ставен во карантин поради пандемијата на коронавирусот по враќањето од Германија.
Судот пресуди дека рочиштето мора да се одржи во негово присуство, рече таа, додавајќи дека ја поддржува одлуката.
Во твит во јуни Навални рече дека ветераните и другите што се појавија во провладиното видео се срам за земјата и дека се предавници.
Видеото ги промовира уставните амандмани донесени минатото лето, со кои се дозволува рускиот претседател Владимир Путин да остане на функцијата до 2036 година.
44-годишниот Навални бил задржан на аеродромот во Москва по враќањето од Германија, каде што бил пренесен во август на лекување од труење.
Тој е обвинет за кршење на условите за условно ослободување врз основа на казната изречена во 2014 година за измама, со тоа што двапати месечно не се јавувал пред руските власти како што требало.
Тој е во притвор до 15 февруари. Првите 14 дена мора да ги помине во карантин поради пандемијата на коронавирусот.
Судот ќе одлучи на 2 февруари дали условната казна од три и пол години изречена за измама треба да се промени во затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Работата во Газа не е завршена, втората фаза од мировниот договор започнува веднаш

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека работата во Газа не е завршена, бидејќи телата на починатите заложници не се вратени како што беше ветено, објави вечерва „Тајмс оф Израел“.
„Сите 20 преживеани заложници се вратија и се чувствуваат добро, како што може да биде. Тешкиот товар е отстранет, но работата не е завршена. Телата не се вратени, како што беше ветено“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.
Договорот потпишан од Израел и Хамас минатата недела значеше дека Хамас ќе ги ослободи сите 48 заложници во рок од 72 часа од стапувањето во сила на прекинот на огнот.
Рокot истече во понеделникot напладне и Хамас ослободи 20 заложници живи, но ги врати само телата на само четворица од 28-те што загинаа во Газа, додека вечерва најави предавање на уште четворица.
Дадениот рок во договорот важи и за телата, пишува „Тајмс оф Израел“, но се чини дека на Хамас му треба повеќе време за да ги лоцира, па затоа е формирана заедничка работна група за да помогне во пронаоѓањето на телата што не се вратени во рок од 72 часа.
„Втората фаза започнува веднаш“, додаде Трамп, алудирајќи на делови од неговиот план од 20 точки за повоено управување и реконструкција на Газа, кој ќе го води преодна влада на палестински технократи и ќе го надгледува мировен комитет со кој претседава американскиот претседател и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Првата фаза, според Трамп, вклучува ослободување на заложниците, повлекување на Израел од Газа и обезбедување хуманитарна помош, додека Хамас сè уште не се согласил со втората фаза, која вклучува нивно разоружување.
Фото: принтскрин
Свет
Сикорски: Европа мора да се подготви за „длабок“ руски напад

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес предупреди дека Европа мора да биде подготвена за руски напад длабоко на нејзина територија. Тој оцени дека е „неодговорно“ што не гради одбранбени системи како што е „ѕид од беспилотни летала“ на неговото источно крило.
Во Лондон, каде што го претстави иранскиот дрон „Шахед-136“ соборен во Украина, Сикорски ги повика европските земји да „останат доследни“ во својата поддршка за Украина, наведувајќи дека се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги стави на располагање ракетите Томахавк со долг дострел на таа земја, пренесува Ројтерс.
Тој процени дека снабдувањето на Украина со дополнителна муниција за противвоздушна одбрана, како и оружје со краток и среден дострел, е неопходно за да се помогне во заштитата на Европа, наведувајќи ги како примери упадите на руски беспилотни летала над Полска и борбените авиони над Естонија.
Тој рече дека сè уште не е познато дали беспилотните летала забележани над Копенхаген биле руски.
Запрашан за можноста за проширување на иницијативата „ѕид од беспилотни летала“ за да се спротивстави на идните упади, Сикорски за Ројтерс изјави дека руските напади „за жал би можеле да стигнат длабоко во Европа“.
„Треба да бидеме подготвени да се спротивставиме на тоа и затоа мислам дека би било неодговорно ако не изградиме капацитети против беспилотни летала денес“, рече Сикорски, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Силен земјотрес во Турција

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала вечерва ја погоди западна Турција, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Во соопштението се наведува дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од девет километри.
Засега нема информации за евентуални повредени или штети.