Свет
Судот на ОН пресуди дека Велика Британија незаконски ги окупирала островите Чагос
Велика Британија незаконски окупирала група острови во Индискиот Океан, кои му припаѓаат на Маврициус, пресуди Меѓународниот суд на правдата (МСП), пренесува РТ.
Целокупното население на архипелагот Чагос било избркано од Британците помеѓу 1967 и 1973 година за да се направи простор за американската база на Диего Гарсија, која е единствениот населен дел од архипелагот денес.
Велика Британија претходно го признала архипелагот како дел од Маврициус, но ги издвоила островите како предуслов за давање независност на поранешната колонија.
„Судот заклучи дека како резултат на незаконско издвојување на архипелагот Чагос и негово незаконско присоединување во нова колонија, процесот на деколонизација на Маврициус не бил законски завршен кога Маврициус прогласил независност во 1968 година“, се вели во издаденото советодавно мислење на МСП во понеделникот, во кое се додава дека Велика Британија има обврска што побргу да стави крај на својата администрација на архипелагот Чагос.
Тринаесет од 14 судии на панелот застанаа на страната на Маврициус во советодавното мислење побарано од Генералното собрание на ОН. Единствениот судија што се издвоил е од САД. „Гардијан“ ја нарече пресудата понижувачки удар за британскиот престиж на светската сцена.
Документите цитирани од МСП покажуваат дека Лондон му кажал на Вашингтон дека кога воените објекти ќе бидат изградени на Диего Гарсија, таму нема да има локално население. Околу 1.500 островјани биле депортирани од архипелагот до 1971 година за да се направи простор за американската база и им било забрането да се вратат.
Во жалбата до Генералното собрание на ОН лани, Маврициус тврдеше дека со поделбата била прекршена Резолуцијата 1514 на ОН од 1960 година, со која се забранувало растурање на колониите пред да им се даде независност.
„Ова е историски момент за Маврициус и за целиот народ вклучувајќи ги и жителите од Чагос, кои беа безусловно отстранети од својата татковина и спречени да се вратат во последниот половина век. Нашиот територијален интегритет сега ќе биде заокружен и кога тоа ќе се случи, жителите од Чагос и нивните потомци, конечно, ќе може да се вратат дома“, рече премиерот на Маврициус, Правинд Кумар Југнаут, коментирајќи ја одлуката.
Тој исто така ја нарече пресудата историски момент во напорите да му се стави крај на колонијализмот.
Лондон се обиде на разни начини да ги спречи жителите на Чагос да се вратат дома плаќајќи им 4 милиони фунти на речиси 1.400 од нив во 80-тите и воспоставувајќи ексклузивна поморска област.
Коментирајќи ја пресудата, портпаролот на Форин офисот посочи дека одбранбените објекти на британската територија во Индискиот Океан, како што Лондон ги нарекува островите Чагос, помагаат да се заштитат луѓето во Велика Британија и во светот од терористички закани, организираниот криминал и пиратството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

