Свет
Талибанците одлучија жените во Авганистан да мора да ги покриваат лицата во јавност

Талибанците во саботата одлучија дека авганистанските жени мора да ги покриваат лицата на јавни места.
Портпаролот на талибанското Министерство за ширење на доблест и превенција ја прочита одлуката на талибанскиот лидер Хибатула Ахунџад на прес-конференција во Кабул, велејќи дека таткото или најблискиот машки роднина на жена која не го покрива лицето надвор од домот ќе добие предупредувачка посета и ќе заврши во затвор,или ќе остане без работа во државната служба.
За идеално решение, како што се наведува, се смета сината бурка која го покрива целото тело и стана глобален симбол на претходниот талибански режим, кој беше на власт од 1996 до 2001 година. Повеќето жени во Авганистан носат шамија од религиозни причини, но многумина во урбаните области како што е Кабул не го покриваат лицето.
Талибанците ги затворија средните училишта за девојки во март на денот кога требаше да започнат со работа, поради што САД ги откажаа закажаните состаноци за да ја ублажат финансиската криза во земјата. Талибанците тврдат дека се промениле, но во последните месеци воведоа построги ограничувања за жените, не дозволувајќи им да патуваат без машка придружба и да посетуваат паркови истовремено со мажите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД сакаат повторно да ја преземат базата Баграм во Авганистан

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД сакаат повторно да воспостават контрола врз клучната воена база Баграм во Авганистан, четири години по целосното повлекување на американските трупи.
На заедничка прес-конференција со британскиот премиер Киер Стармер, Трамп ја нагласи стратешката положба на базата и порача: „Ја сакаме назад таа база. Се наоѓа на еден час летање од местото каде што Кина го произведува своето нуклеарно оружје“.
Планот доаѓа во пресрет на разговорите со кинескиот претседател Шји Џинпинг, во време кога Вашингтон изразува загриженост поради проширувањето на кинескиот нуклеарен арсенал. Според информации од медиумите, американски функционери веќе неколку месеци остваруваат контакти со талибанската власт во Кабул.
Свет
Хеликоптерот со кој патуваат Трамп и Меланија принудно слета: пренасочен поради техничка грешка

Хеликоптерот на американскиот претседател Доналд Трамп изврши непланирано слетување на аеродромот Лутон кон крајот на неговата државна посета на Обединетото Кралство. Пренасочувањето се должеше на мала техничка грешка, но Трамп безбедно го продолжи своето патување, објави BBC News.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, потврди дека леталото слетало поради мал хидрауличен проблем. Одлуката за слетување беше донесена како мерка на претпазливост, а претседателот и првата дама безбедно се качија на друг хеликоптер, по што го продолжија своето патување до аеродромот Станстед, каде што пристигнаа со околу дваесет минути задоцнување.
Ова се специјално адаптирани летала познати како „бели врвови“ поради нивната карактеристична боја. Хеликоптерот во кој патува Трамп е означен како „Marine One“. Опремен е со најсовремени системи, вклучувајќи ракетна одбрана, радарски блокирачи и електроника што може да издржи електромагнетен пулс од нуклеарна експлозија. Од безбедносни причини, „Марин Уан“ речиси секогаш лета со неколку идентични хеликоптери кои дејствуваат како мамки, според написите.
Воздушна придружба и обезбедување
Претседателската формација обично е придружена од два до три авиони MV-22 Osprey, познати како „зелени врвови“. Овие авиони со навалувачки ротор ја комбинираат способноста за вертикално полетување на хеликоптер со брзината на авион. Тие носат помошен персонал, специјални сили и агенти на Тајната служба, задолжени за решавање на каква било кризна ситуација.
Втора државна посета на Обединетото Кралство
Трамп го користеше хеликоптерот во текот на неговата втора државна посета на Обединетото Кралство. По пристигнувањето во вторникот вечерта, тој беше однесен од аеродромот Станстед до Винфилд Хаус, официјалната резиденција на американскиот амбасадор во Лондон. Следниот ден, претседателот и првата дама го посетија замокот Виндзор, каде што се сретнаа со кралот и кралицата. Во четвртокот, тој патуваше со хеликоптер „Марин Уан“ од Виндзор до Чекерс на разговори со британскиот премиер Кир Стармер.
На заедничка прес-конференција во Чекерс, Трамп и Стармер се осврнаа на низа теми, од војната во Украина и Газа до нелегалната миграција. Трамп посочи дека Велика Британија би можела да се справи со проблемот со миграцијата со помош на армијата. Тој, исто така, потврди дека има „несогласување со премиерот“ околу прашањето за палестинската државност, што Стармер планира да го признае пред Генералното собрание на ОН следната недела во Њујорк.
Фото: принтскрин
Свет
Делови од руски дрон пронајдени во Латвија

Делови од руски дрон „Гербер“ се пронајден на плажа во Латвија, додека делови од ракета, веројатно употребена за соборување на еден од авионите, се откриени во Полска, објавија локалните власти вчера и денес, пишува „Киев Индепендент“.
Наодите доаѓаат нешто повеќе од една недела откако Русија го изврши најголемото кршење на воздушниот простор на НАТО од почетокот на нејзината инвазија на Украина во 2022 година, кога најмалку 21 дрон влегоа на полска територија за време на масовниот напад врз Украина, анализираат медиумите.
Делот од опашката на дрон „Гербер“ е пронајден во близина на летонското село Варве, во западниот округ Вентспилс. Латвискиот министер за одбрана Андрис Спрудс потврди дека, според проценката на војската, остатоците не содржеле експлозиви. Латвија е членка на НАТО.
Дроновите од типот „Гербер“ се дизајнирани како мамки за преоптоварување на украинската воздушна одбрана. Тие се направени од полистирен и иверица, тежат помалку од 20 килограми и имаат дострел до 600 километри. Се верува дека ова се беспилотните летала што го нарушија полскиот воздушен простор на 10 септември, според написите.
Латвиската премиерка Евика Силина побара од министрите за одбрана и внатрешни работи да контактираат со своите полски колеги за да утврдат дали пронајдениот дрон е еден од оние што беа забележани над Полска минатата недела.
„Наш приоритет е зајакнување на источната граница, но јасно е дека заштитата на брегот на Балтичкото Море со инсталирање на потребните сензори е подеднакво важна“, напиша Силина на социјалната мрежа X.
Во исто време, полската воена полиција вчера објави дека делови од ракета се пронајдени во селото Чоини, на околу 70 километри од украинската граница. Се претпоставува дека ова е оружјето што е употребено за соборување на рускиот дрон. Полицијата соопшти дека нема повредени или материјална штета и дека е во тек форензичка истрага.
Фото: принтскрин