Свет
Тинејџер од САД си ја избол девојката 114 пати, ќе му се суди како на возрасен

На тинејџер од Флорида ќе му се суди како на возрасен бидејќи ја убил својата девојка прободувајќи ја 114 пати со нож.
Четиринаесетгодишното момче е осомничено за убиството на Тристин Бејли (13). Тој првично бил обвинет за убиство од втор степен, но по разгледувањето на случајот и тежината на извршеното злосторство, властите поднесоа обвинение за убиство од прв степен до судот за возрасни.
Девојчето било пронајдено мртво во шума на 9 мај со 114 убодни рани.
Осомничениот им рекол на пријателите дека има намера да убие некого, а на неговата облека била пронајдена ДНК на жртвата, пишува „Ен-би-си њуз“.
„Не кажал за кого станува збор, но им навестил на пријателите дека ќе убие некого со тоа што ќе ја однесе жртвата во шумата и ќе ја прободе со нож“, изјави државниот правобранител.
На 9 мај, додека бил во полициско возило, осомничениот објавил селфи. Полицијата соопшти дека тој се фотографирал додека Бејли сè уште се сметала за исчезната, а осомничениот за сведок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
Свет
Завршија разговорите меѓу ЕУ и Иран во Женева

Преговорите меѓу европските министри за надворешни работи и иранската делегација во Женева, одржани со цел смирување на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, завршија. Средбата траеше цел ден, а по завршувањето, учесниците дадоа кратки изјави за медиумите.
Потпретседателката на Европската комисија и естонска премиерка, Каја Калас, нагласи дека регионалната ескалација „не е од корист за никого“ и дека „затоа мора да ги држиме отворени каналите за комуникација“.
Таа додаде дека двете страни се согласиле да продолжат со разговорите за нуклеарните прашања, но и за пошироките прашања.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, беше директен:
„Јасно ставивме до знаење: Иран не смее да има нуклеарно оружје“.
Тој додаде дека тој и неговите европски колеги се „решени да продолжат со преговорите со Иран“ и ја нагласи важноста од продолжување на разговорите меѓу Иран и САД.
„Ова е опасен момент и е исклучително важно да нема регионална ескалација“, предупреди Лами.
Свет
Иран: Разговорите во Женева беа сериозни и достоинствени, подготвени сме да продолжиме

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша денешните разговори во Женева со претставници на Обединетото Кралство, Германија, Франција и Европската Унија како „сериозни и достоинствени“.
Во изјава по состанокот, тој рече дека Иран е подготвен да го преиспита дипломатскиот пристап и го поддржува продолжувањето на разговорите.
„Подготвени сме за нови состаноци со земјите од Е3 и Европската Унија во блиска иднина“, рече Арагчи.
Така, Иран ја отвори вратата за понатамошна дипломатија откако сите учесници на денешните разговори во Женева, одржани со цел да се спречи ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, ја нагласија важноста од продолжување на дијалогот и спречување на регионалното ширење на конфликтот