Свет
Торнадо на југот во САД, загинаа три лица
Најмалку три лица загинаа при силно невреме што ги погоди југоисточните делови на Соединетите Американски Држави, соопштија властите во Луизијана.
Според канцеларијата на шерифот, телата на една постара двојка биле пронајдени во близина на срушена приколка и во тек е потрагата по евентуални жртви.
Исто така се тврди дека е оштетен покривот на едно средно училиште во Бентон и дека сите простории биле поплавени.
Пријавено е дека десетици илјади домаќинства останале без електрична енергија во јужниот дел на САД.
Националната метеоролошка служба утрово издаде предупредување за торнадо во Мисисипи, пренесува „АП“.
Полицијата од Далас соопшти дека едно лице загинало кога невремето однело автомобил.
Неколку торнада уништија домови во Арканзас и Мисури и предизвикаа штета во Оклахома во бран бури што ја зафатија јужна Америка во текот на викендот.
Националниот центар за предвидување бури вчера објави дека повеќе од 18 милиони луѓе во Луизијана, Арканзас, Тексас и Оклахома се изложени на зголемен ризик од невреме, вклучувајќи тешки торнада, поплави и налети на ветер кои можат да надминат 80 километри на час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.

