Свет
Трамп: Ако не ги уништeвме нуклеарните комплекси на Иран, тие никогаш немаше да се согласат на мир
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на прес-конференција за време на самитот на НАТО во Хаг изјави дека американските воздушни напади врз нуклеарните објекти на Иран ја уништија иранската програма и де факто ја завршија војната.
„Мислам дека ги вративме со децении назад. Поминаа низ пекол… Последното нешто што сега го сакаат е повторно да збогатуваат“, рече Трамп, додавајќи: „Тој удар ја запре војната“.
Трамп повторно ги бранеше своите тврдења дека тоа е целосно уништување на капацитетите на Иран.
„Ако нивните локации не беа уништени, Техеран немаше да се согласи на примирје“, рече тој. За конфликтот меѓу Израел и Иран, тој рече: „Како две деца на училишно игралиште – ги оставате да се борат две или три минути, а потоа лесно ги разделувате“.
Трамп беше поддржан и од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој го нарече нападот „импресивен“ и рече: „САД ги уништија нуклеарните капацитети на Иран. Тој напад испраќа порака за сила до светот“.
Трамп го искористи обраќањето за повторно да ги нападне американските медиуми за известување за протекувањето на класифицирани информации. Тој конкретно ги критикуваше CNN и New York Times, опишувајќи ги како „ѓубриња“. Бранејќи ја употребата на терминот „уништување“ за да се опише штетата на иранските локации, тој рече дека тоа е „силен збор“, но дека и Израел го употребил.
Тој исто така откри дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кој му понудил помош со Иран. „Му реков: помогнете ни со Русија, а не со Иран“, рече Трамп.
Зборувајќи за Газа, Трамп потврди дека американската администрација е блиску до постигнување договор и дека нападите врз Иран дополнително го забрзале тој процес. „Веќе бевме многу блиску до договор за Газа. Мислам дека ова помогна“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

