Свет
Трамп го најави ослободувањето на заложникот Дени Бурч од Јемен
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот го објави ослободувањето на Дени Бурч, американски државјанин кој е заложник во Јемен од 2017 година, пренесува „Еј-би-си њуз“. Американскиот заложник бил ослободен по дипломатски пат, без воена интервенција од страна на САД.
Трамп им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати за помошта во ослободувањето на Бурч и рече дека неговата администрација досега ја обезбедила слободата на 20 Американци кои биле заробени во различни земји.
Трамп во понеделникот ја пренесе добрата вест преку неговата омилена созијална мрежа Твитер велејќи: „Чест ми е да објавам дека Дени Бурч, државјанин на САД, кој е заложник во Јемен 18 месеци, е ослободен и повторно се сретнал со својата сопруга и децата. Ја ценам поддршката на Обединетите Арапски Емирати за враќањето на Дени дома“.
Бурч бил грабнат од својот автомобил од банда вооружени лица среде бел ден на улиците на главниот град Сана во Јемен во септември 2017 година. Бурч имал 63 години кога бил киднапиран и веќе неколку години живеел во Јемен работејќи како инженер за нафтената компанија „Јемени сејфер“. Тој во Јемен преминал во ислам и се оженил со Јеменка. Двојката има три деца.
Киднапирањето се случило во област под контрола на бунтовничките Хути, поддржани од Иран, кои ја протераа меѓународно признатата влада на Јемен од Сана. Хутите првично го осудија киднапирањето како криминален и кукавички чин и ветија дека ќе ги изведат сторителите пред лицето на правдата, но на крајот беше откриено дека тие го држат заложникот.
Бурч беше префрлен од Јемен во Оман во јануари 2018 година во придружба на висок претставник на Хутите кои го опишаа овој настан како “ослободување” на Бурч, но тој до денес не беше во можност да се врати кај своето семејство.
На брифингот во март 2018 година на CriticalThreats.org беше наведува дека официјалниот претставник на Хутите кој патувал во Оман со Бурч бил преговарачот Мохамед Али ал-Хути и беше посочено дека тајмингот на наводното “ослободување” на Бурч се совпаднало со обновените напори за преговори на Хутите.
Во тоа време, Белата куќа не го разјасни статусот на Бурч од јануари 2018 година ниту објави детали од преговорите што на крајот резултираа со негово ослободување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

