Свет
Трамп го прекрши своето најважно ветување веднаш штом положи заклетва
По победата на изборите и вселувањето во Белата куќа, многу американски претседатели во одреден момент ги прекршуваат своите предизборни ветувања. Доналд Трамп не чекаше толку долго. Тој го прекрши важното предизборно ветување веднаш штом даде заклетва.
Трамп постојано даваше сензационално и неверојатно ветување за време на есента со длабоки геополитички последици: тој ќе преговара за крај на војната во Украина во рок од 24 часа. Не само за 24 часа – тоа ќе го направат пред претседателската инаугурација, пишува „Њујорк тајмс“.
„Пред да стигнам до Овалната соба, кратко по победата на изборите, ќе ја решам ужасната војна меѓу Русија и Украина“, вети Трамп на митинг во јуни. „Ќе го решам ова дури и пред да станам претседател“, рече тој за време на телевизиската дебата со Камала Харис во септември. „Ќе ги поправам Русија и Украина додека ја чекам инаугурацијата“, рече тој повторно за време на поткаст во октомври.
Ова не беше еднократен коментар. Ова беше неговиот главен аргумент кога стана збор за најголемата копнена војна во Европа од падот на нацистичка Германија. Сепак, не само што не го исполни своето ветување туку тој исто така не вложи ни напори да ја реши војната по неговата изборна победа во ноември.
„Војните не може да се решат со бомбастични изјави. А алката што недостига во неговото размислување е неразбирањето дека Украинците ќе прифатат решение само ако се рамноправни на преговарачката маса. Тој, всушност, ја поткопа нивната позиција и тоа е една од причините зошто не постигна решение пред инаугурацијата“, рече демократскиот сенатор од Конектикат, Ричард Блументал.
„Тоа беше апсурдно ветување“, рече Кетрин Стонер, виш соработник на Институтот за меѓународни студии „Фримен Спогли“ на Универзитетот „Стенфорд“. „Единствената личност што може да ја заврши војната за 24 часа е Владимир Путин, но тој можеше да го стори тоа пред неколку години. Какви било преговори ќе траат повеќе од 24 часа, без разлика кога Трамп ќе го вклучи часовникот“.
Мајкл Кимаџ, автор на книгата Collisions за руско-украинскиот конфликт и новоименуван директор на Институтот „Кенан“, рече дека предизборните ветувања на Трамп секогаш биле давани многу лабаво и дека можеби се работи повеќе за испраќање сигнали отколку за прецизно толкување.
„Неговите цели со оваа реторика можеби се да ја предупреди владата дека неговиот пристап кон Русија и војната ќе биде поинаков од оној на Бајден, дека неговата клучна цел е да стави крај на војната, а не да овозможи Украина да победи и дека тој ќе биде главниот, а не длабоката држава што ги вкопува САД во вечни војни“, додаде тој.
На прашањето зошто Трамп не го исполнил своето предизборно ветување за завршување на војната пред неговата инаугурација, Каролин Левит, новата прес-секретарка на Трамп во Белата куќа, не одговори директно, но наместо тоа повтори дека тоа ќе го направи „главен приоритет во неговиот втор мандат“.
По изборите во ноември, Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и најави средба со Путин по инаугурацијата. Републиканскиот конгресмен од Флорида, Мајкл Валц, кој треба да стане советник за национална безбедност на Трамп, во неделата истакна дека завршувањето на конфликтот во Украина останува главен приоритет за новиот претседател.
Но, размислувањето што Волц го изнесе неодамна на Си-би-ес звучеше како формула за процес што може да потрае: „Клучните делови од него: 1. Кој ќе седне на масата? 2. Како да ги натераме да преговараат? 3. Кои се рамките на договорот? Претседателот е јасен: оваа војна мора да заврши. Мислам дека сите треба да се согласат со тоа“.
Дури и ако сите се согласат со таа цел – а има простор за сомнеж – можните услови остануваат трнливи. Дури и ако се претпостави дека членството во НАТО не е во план, Украина сака сериозни безбедносни гаранции од САД и Европа, особено ако е принудена да се откаже од својата територија.
Потоа, тука се прашањата за компензација и последиците. Кој ќе плати за реконструкција на Украина? Што ќе се случи со потерниците на Меѓународниот кривичен суд за Путин и другите руски функционери? Дали САД и Европа ќе ги олеснат санкциите воведени по инвазијата и под кои услови? Кој ќе ја следи линијата на раздвојување и што ќе се случи доколку се прекрши примирјето?
Трамп јавно не се осврна на таквите прашања. Сепак, тој изрази загриженост за жртвите во Украина и итноста да се најдат одговори, какви и да се тие. „Дел од поентата – и ова може да укаже на општата насока на неговата администрација – можеби е тоа што тој нема сценарио и затоа зборува на начини што се нејасни, а не откриваат што е вистинското сценарио. Колку помалку знаеме каква намера има, толку повеќе може да импровизира“, рече Кимаџ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Градоначалничката на Париз ги откри имињата на научниците кои ќе бидат врежани на Ајфеловата кула
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, денес ги откри имињата на 72 научници кои ќе бидат додадени на листата со имињата на научници врежани на првиот кат од Ајфеловата кула пред повеќе од 130 години, според француските медиуми.
Списокот опфаќа речиси 250 години историја, а го вклучува и името од Анжелик ди Кудре, бабица од 18 век, до неодамна починати научници, објасни претседателката на здружението „Жени и наука“, Изабел Воглен, објави Фигаро.
Градоначалничката на француската престолнина му ја довери на ова здружение, составувањето на листата.
Овие имиња сега мора да бидат доставени до Академиите за наука, технологија и медицина за нивно мислење пред конечното одобрување.
Градоначалничката според написите, не одреди датум за спроведување на овој проект.
Кога кулата била изградена во 1889 година, инженерот Густав Ајфел имал намера таа да биде „пантеон на науката“, и на големиот фриз на првиот кат ги врежал имињата на 72-та најголеми француски научници кои оставиле свој белег во историјата од Француската револуција.
Меѓу нив биле хемичарите Лавоазје и Шаптал, астрономите Араго и Лаплас, натуралистот Кивија, пронаоѓачот на фотографијата Дагер, но таму не се нашло ниту едно женско име, иако во тоа време работата на жени научници, како што е математичарката Софи Жермен, веќе била добро позната, се присетува Фигаро.
Свет
Трамп испраќа граничен експерт во Минесота: oд Волц побарано да се намали бројот на федерални агенти
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го испраќа својот „граничен цар“ Том Хоман во државата Минесота, по притисокот да се спроведе истрага за пукањето во кое федералните имиграциски агенти убија демонстрант овој викенд.
Трамп подоцна објави дека имал добар разговор со гувернерот на Минесота, Тим Волц, кој е демократ и со кого претходно имал остри размени, особено во врска со постапките на федералните имиграциски агенти во таа држава.
Протестите продолжија во Минеаполис, Минесота и други американски градови поради постапките на агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) кои го убија 37-годишниот Алекс Прети минатиот викенд.
Ова е второ убиство за помалку од еден месец во Минеаполис во кое се вклучени агенти на ICE, кои беа задолжени од администрацијата на претседателот Трамп да се справат со нелегалните имигранти, анализираат медиумите.
Трамп денес напиша на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека Хоман не бил вклучен во таа област, но дека ја познава и дека му се допаѓаат многу луѓе од таму, како и дека е цврст и фер и дека ќе му поднесува извештаи директно нему.
„Му реков на гувернерот Волц дека ќе му кажам на Том Хоман да го повика и дека ги бараме сите или сите криминалци што ги држат“, напиша Трамп на социјалните мрежи, осврнувајќи се на неговиот разговор со демократскиот гувернер на Минесота.
Трамп рече дека Волц е „среќен што Том Хоман доаѓа во Минесота“.
"Governor Tim Walz called me with the request to work together with respect to Minnesota. It was a very good call, and we, actually, seemed to be on a similar wavelength… Crime is way down, but both Governor Walz and I want to make it better!" – President Donald J. Trump 🇺🇸 pic.twitter.com/ZjrSDU8uAz
— The White House (@WhiteHouse) January 26, 2026
„Имавме толку огромен успех во Вашингтон, Мемфис, Тенеси и Њу Орлеанс, Луизијана, и практично на секое друго место што го „допревме“, дури и во Минесота, криминалот се намали во голема мера, но и гувернерот Волц и јас сакаме да биде уште подобро“, напиша Трамп, осврнувајќи се на постапките на агентите на ICE во другите федерални држави и главниот град на САД.
Волц во посебна изјава рече дека неговиот разговор со претседателот Трамп денес бил продуктивен, пренесува BBC. За време на разговорот, Волц рече дека укажал на потребата од „непристрасни истраги за пукањата во Минеаполис во кои се вклучени федерални агенти“, како и на потребата од намалување на бројот на федерални агенти во државата Минесота.
Волц рече дека Трамп се согласил да разговара со неговиот Оддел за внатрешна безбедност за да ѝ дозволи на државната полиција да учествува во истрагите за пукањето.
„Претседателот, исто така, се согласил да размисли за намалување на бројот на федерални агенти во Минесота и да соработува со таа држава на покоординиран начин за спроведување на имиграциските закони поврзани со насилни криминалци“, рече Волц.
Свет
Две медицински сестри во Индија заразени со вирусот „Нипа“, една во кома
Индиските власти потврдија два нови случаи на смртоносниот вирус „Нипа“ во Западен Бенгал, што ги натера здравствените службеници да воведат карантин и да го интензивираат надзорот. Станува збор за смртоносен вирус за кој нема лек, пишуваат медиумите.
Според извештаите, две медицински сестри во приватна болница во близина на Калкута се заразени со вирусот. „Две медицински сестри од приватна болница се заразени со вирусот „Нипа“, од кои едната е во критична состојба“, изјави здравствениот службеник Нарајан Сваруп Нигам.
Медицинските сестри работеле заедно од 28 до 30 декември, а во деновите што следеле, од 31 декември до 2 јануари, двете развиле висока температура и проблеми со дишењето. Откако нивната состојба се влошила, тие биле примени на одделот за интензивна нега во болницата каде што биле вработени на 4 јануари. Една од нив моментално е во кома, според написите.
Првичните наоди од истрагата сугерираат дека двете сестри го добиле вирусот од пациент со тешки респираторни симптоми. Пациентот починал пред да може да се тестира за „Нипа“. „Најверојатниот извор на инфекција е пациент кој претходно бил примен во истата болница. Го сметаме ова лице за пациент нулта и истрагата е во тек“, рече висок здравствен службеник вклучен во надзорот.
Воведени мерки и тестирање на лилјаци
Службениците објавија дека 180 лица во регионот биле тестирани за „Нипа“ до 20 јануари, а 20 лица кои имале контакти со висок ризик со заразените сестри биле ставени во карантин. Нигам потврди дека сите тестови досега биле негативни и дека оние во изолација ќе бидат повторно тестирани по период од 21 ден.
„Со оглед на сериозноста на инфекцијата со вирусот „Нипа“, болест со висока стапка на смртност и потенцијал за брзо ширење, на ситуацијата се пристапува со највисок приоритет“, рече висок службеник на Министерството за здравство.
Во истрагата се вклучени локални и национални агенции, вклучувајќи го и Националниот центар за контрола на болести. Како дел од истрагата, службениците започнаа и со тестирање на лилјаци во зоолошката градина Алипор во Калкута за да се исклучи можноста за инфекција. Истражувачите собрале примероци од крв и брисеви од лилјаци, а RT-PCR тестови се спроведуваат на лилјаци низ Западен Бенгал.
„Тимот собрал брисеви од лилјаци, следејќи ги сите протоколи“, рече директорката на зоолошката градина Трипти Сах. Други службеници рекоа дека се преземаат мерки на претпазливост и дека „нема причина за паника“.
Според Светската здравствена организација (СЗО), вирусот Нипа предизвикува низа болести, од асимптоматска инфекција до акутни респираторни проблеми и фатален енцефалитис, или воспаление на мозокот. Исто така, предизвикува тешки форми на болеста кај животните, како што се свињите.
Првата епидемија е регистрирана во Малезија во 1999 година, кога 100 луѓе починаа во Малезија и Сингапур. За да се спречи ширењето, еден милион свињи беа убиени, со сериозни економски последици за земјоделците.
СЗО вели дека вирусот најверојатно се пренесува преку изложеност на животински екскрети или контакт со ткивото на заразено животно. Некои епидемии се поврзани со овошје или овошни сокови контаминирани со урина или плунка на заразени овошни лилјаци. Болеста може да се пренесе и од човек на човек.
Не постои вакцина или лек за вирусот, а лекарите можат само да ги третираат симптомите. Инкубациониот период е од четири до 14 дена. Случаи на инфекција никогаш не се пријавени во Соединетите Американски Држави.
Повеќето луѓе кои се разболуваат целосно се опоравуваат, но некои пациенти пријавиле долгорочни невролошки ефекти од енцефалитис.
Рускиот орган за санитарен надзор објави дека во моментов нема регистрирани случаи на инфекција со вирусот „Нипа“ во Русија. За да се намали ризикот од внесување на вирусот во земјата, развиен е систем за дијагностичко тестирање и обезбедени се доволно залихи на тестови за навремено лабораториско откривање.
На граничните премини работи автоматизиран систем за следење познат како Периметар, кој овозможува идентификација во реално време на патниците со знаци на заразни болести и спречување на понатамошно ширење.
Тајванскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) вчера објави дека има намера да ја класифицира инфекцијата со вирусот „Нипа“ како заразна болест од категорија 5 по новите случаи во Индија. Овој потег би го сместил вирусот „Нипа“ меѓу новите или ретки инфекции со висок ризик за јавното здравје, што бара итно известување и посебни контролни мерки.
Според CDC, вирусот е под зголемен надзор во Тајван од 2018 година. Откако вирусот беше првпат откриен во 1998 година, регистрирани се повеќе од 750 случаи низ целиот свет, со стапка на смртност од околу 58 проценти.

