Свет
Трамп: Денеска ќе се сретнам со Зеленски
Доналд Трамп денеска ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по неколкудневните гласини дека средбата е малку веројатна. Републиканскиот претседателски кандидат ја најави средбата која треба да се одржи во неговата кула Трамп во Њујорк.
Зеленски е во САД за да присуствува на Генералното собрание на ОН и е еден од бројните странски претставници кои се обидоа да се сретнат со Трамп во последните недели пред изборите на 5 ноември. Одлуката на Трамп да се сретне со шефот на украинската држава следеа по деновите во кои претставници на кампањата и луѓе блиски до поранешниот претседател посочија дека таква средба е малку веројатна.
На својата социјална мрежа Truth Social, Трамп сподели е-пошта наводно испратена од Зеленски. „Дали би биле толку љубезни да му ја пренесете оваа порака од претседателот Зеленски на претседателот Трамп“, започнува маилот.
„Драг Доналд, се надевам дека си добро. Се сеќавам на телефонскиот разговор со вас – беше навистина добар. Сите ние во Украина сакаме да ја завршиме војната со праведен мир. Затоа мора да се стремиме да се разбереме и да бидеме во контакт.
Пред неколку дена побаравме средба со вас и навистина сакам директно и од прва рака да го слушнам вашето мислење. Знаете дека секогаш зборувам со голема почит за се што е поврзано со вас, и така треба да биде. Можам да бидам во Њујорк во петок, што би било добро време за средба.
Верувам дека е важно да имаме личен контакт и да се разбираме 100 проценти. Ве молам известете ми ако сте во градот во тоа време, навистина би сакал нашата средба да се одржи, како дел од нашите напори праведно да ја завршиме оваа војна. Со почит, Володимир“, се вели во е-маилот.
„Како што знаете, Зеленски побара да се сретне со мене. Ќе се сретнеме утре околу 9:45 часот во Трамп Тауер“, потврди Трамп подоцна на прес-конференција. Трамп повеќепати изјави дека ќе ја прекине војната меѓу Русија и Украина „во рок од 24 часа“, но никогаш не појасни како.
Во последните месеци тој беше особено критичен за помошта од милијарди долари на САД за Киев во војната против Москва и ја повика Европа да се „помести“. Зеленски веќе се сретна со претседателот во заминување Џо Бајден и со потпретседателката и кандидат на демократите Камала Харис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

