Свет
Трамп: Деновите на Мадуро се одбројани
Американскиот претседател Доналд Трамп верува дека деновите на венецуелскиот претседател Николас Мадуро се одбројани.
Коментарите на Трамп, дадени за време на интервјуто за Си-би-ес објавено вчера, доаѓаат во време кога САД ги распоредуваат воените единици на Карибите и извршија повеќекратни напади врз бродови за кои се тврди дека се користат за транспорт на дрога.
На прашањето дали САД би отишле во војна против Венецуела, Трамп рече: „Се сомневам во тоа. Не мислам дека ќе биде така“.
Сепак, кога беше прашан дали деновите на Мадуро како претседател се одбројани, тој одговори: „Би рекол дека се. Мислам дека се, да“.
Мадуро го обвини Вашингтон дека ја користи трговијата со дрога како изговор за наметнување промена на режимот во Каракас за запленување на венецуелската нафта. Во 15 американски напади врз бродови на Карибите и Пацификот најмалку 65 лица беа убиени.
Зборувајќи од неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, Трамп рече: „Секој брод што го гледате, а е со дрога, убива 25.000 луѓе и уништува семејства во целата наша земја“.
На директно прашање дали САД планираат копнени напади, Трамп одби да го исклучи тоа велејќи: „Нема да ви кажам што ќе правам со Венецуела, без разлика дали ќе го направам тоа или не“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Пукање на универзитет во САД – има загинати и повредени, напаѓачот е во бегство
Најмалку две лица се убиени, а девет се повредени во вооружен напад што се случи во саботата попладне на кампусот на Универзитетот „Браун“ во Провиденс, сојузната држава Род Ајленд. Локалните власти информираат дека осомничениот напаѓач сè уште не е идентификуван и е во бегство.
Според полицијата, нападот се случил во училница на приземјето, во време кога во објектот се одржувале завршни испити.
Градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, изјави дека осум од повредените биле пренесени во болницата во Род Ајленд, при што шестмина се во критична, но стабилна состојба, едно лице е во критична состојба, а друго е стабилно. Деветтата повредена жртва се здобила со полесни повреди и не е во животна опасност.
Претседателката на Универзитетот „Браун“, Кристина Х. Паксон, потврди дека и загинатите и повредените биле студенти на универзитетот.
По инцидентот, универзитетската администрација испратила итно предупредување до студентите да останат скриени, да ги заклучат просториите и да ги исклучат мобилните телефони до понатамошно известување.
Локалните власти објавија видео-снимки од безбедносните камери на кои се гледа осомничениот како ја напушта зградата за инженерство. Снимките не откриваат повеќе детали за неговиот идентитет, освен дека бил облечен во црна облека, а полицијата не ја исклучува можноста напаѓачот да носел маска.
Полицијата пронашла чаури на местото на нападот, но засега не соопштува дополнителни информации за оружјето или мотивот.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, потврди дека бил информиран за настанот, а федералните агенции, меѓу кои ФБИ и АТФ, се вклучија во истрагата и им помагаат на локалните власти.
Свет
Политико: Европските дипломати во Вашингтон во неизвесност по новата стратегија на САД
Европските дипломати во Вашингтон се соочуваат со мрачна атмосфера и чувство дека трансатлантскиот сојуз, каков што постоеше по Втората светска војна, е сериозно нарушен под администрацијата на Доналд Трамп, пишува Политико.
По објавувањето на новата американска Стратегија за национална безбедност, која поранешниот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел ја опиша како „политичка објава на војна“, европските претставници сѐ почесто чувствуваат отворен презир од Вашингтон. Според изјави на дипломати дадени под услов на анонимност, „Западниот сојуз е завршен“ и односите „никогаш нема да се вратат на старо“.
„По неколку божиќни забави во европските амбасади оваа недела, стана јасно дека атмосферата е прилично мрачна, какода го гледаат Гринч како им го краде Божиќ“, пишува Политико.
Политико наведува дека кај европските дипломати владее „психосоцијална дезориентација“ – чувство на губење на идентитет и сигурност, предизвикано од наглиот прекин со поредокот воспоставен по 1945 година. Иако дел од нив сè уште се надеваат дека ситуацијата ќе се нормализира со нов американски претседател, други признаваат дека Трамп ја принудува Европа да се соочи со сопствените слабости.
Новата американска надворешна политика, според текстот, повеќе не се темели на вредности и демократија, туку на принципот „што функционира за Америка“, што вклучува приближување кон авторитарни режими и избегнување критики кон земји како Русија, Кина и Иран.
Свет
Орбан: Одземањето на замрзнатиот руски имот значи објава на војна
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека плановите на Европската унија за користење на замрзнатиот руски имот претставуваат „објава на војна“ и носат сериозни ризици за европската економија.
Говорејќи на антивоен собир во Мохач, Орбан предупреди дека одземањето на 200 до 300 милијарди евра руски имот ќе има последици, вклучително и загрозување на довербата во еврото и потенцијален удар врз белгиската економија, каде што средствата се депонирани.
„Ќе се борам во Брисел, тие ја заобиколуваат Унгарија и посегнуваат по руски средства, тоа е објава на војна. Никогаш не сум видел дека земањето 200-300 милијарди евра средства нема никакви последици“, рече Орбан.
Тој ја обвини Европската унија дека ја водат тројца Германци кои, според него, ја туркаат Унијата во „слепа улица“.
Орбан повторно го истакна својот став дека војната во Украина ќе ја платат не само сегашните генерации, туку и идните, преку задолжување и економски притисоци, додавајќи дека Унгарија ќе се спротивстави на таквите политики во Брисел.
Фото: depositphotos

