Свет
Трамп и Путин ја оценија средбата корисна и успешна – „Лошите односи се променија пред четири часа“
Рускиот претседател, Владимир Путин, и неговиот американски колега Доналд Трамп се согласија дека денешните разговори во Хелсинки биле многу корисни.
Путин, кој говореше прв, за време на заедничката прес-конференција наведе дека станало збор за разни теми, меѓутоа иако напомена дека разговорите поминале во отворена и деловна атмосфера и ги оцени како успешни и корисни, сепак, понатаму додаде дека со Трамп не успеале да постигнат сосгласност за сите прашања, меѓу кои посебно беа издвоени прашањата за Крим, рускиот гасовод, како и загриженоста на Русија околу излезот на САД од иранската нуклеарна програма.
„На сите им е јасно дека билатералните односи поминуваат низ сложена фаза. Сепак, за пречките и напнатоста во суштина не постои реална основа“, изјави Путин со што изрази оптимизам дека несогласувањата би можеле да бидат совладани.
Рускиот претседател додаде дека е потребно Русија и САД да го преземат лидерството за воспоставување на мирот во Сирија и за хуманитарната соработка во оваа земја. Путин истовремено посочи дека Москва при решавањето на сирискиот конфликт ќе ги земе в предвид и интересите на Израел.

Од другата страна, претседателот на САД, Доналд Трамп, истакна дека односите помеѓу двете земји никогаш не биле полоши, меѓутоа сето тоа се сменило пред речиси четири часа. Американскиот претседател посочи дека средбата со неговиот руски колега е само почеток на долгиот процес.
„Дури и за време на периодот на Студената војна, кога светот имаше поинаков статус од сегашниот, САД и Русија беа во можност да одржат стабилен дијалог, но наште односи никогаш во историјата не беа полоши од оние во моментот. Сепак, тоа се промени пред околу четири часа, убеден сум во тоа“, истакна Трамп.

Претседателот на САД, кој го опиша разговорот како исклучително продуктивен, во овој контекст додаде дека и двете земји се виновни за колапсот на билатералните односи.
„Сметам дека САД се глупави, сите сме глупави. Можевме да го започнеме дијалогот одамна. Мислам дека сите сме виновни, но САД и Русија направија чекор напред“, увери Путин признавајќи дека и двете страни си допуштиле повеќе грешки.
Трамп се осврна и на гасоводот „Северен тек 2“ коментирајќи дека во Трамп гледа конкурент и тоа многу добар конкурент. Трамп, говорејќи на оваа тема, го повтори и ставот дека Германија е под целосна контрола на Русија поради предвидениот гасовод. Возвраќајки, првиот човек на Кремљ додаде дека Москва е подготвена да ја задржи испораката на гас преку Украина, а ако ситуацијата се искомлицира, ќе се обрати до Арбритражниот суд во Стокхолм.

Путин додаде дека САД и Русија можат да работат заедно на регулирањето на нафтениот и гасниот пазар, а истовремено му предложи на Трамп да создадат заедничка работна група за борба против тероризмот. Од другата страна, Трамп истакна дека САД и Русија планираат да работат заедно на решавањето на нуклеарните проблеми со Северна Корја, како и обезбедувањето на безбедноста на Израел во сирискиот конфликт.
Двајцата претседатели во однос на Крим, истакнаа дека нивните позиции драстично се разликуваат пришто Путин посочи дека Русија нема да прави никакви отстапки по ова прашање. На новинарско прашање, рускиот претседател негираше било какво влијание на Москва врз претседателските избори во САД.
Е. Т.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Принцезата Кејт за нејзината борба со ракот: Постојат моменти на страв и исцрпеност
Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, по повод Светскиот ден на ракот, објави емотивна порака во која се осврна на сопственото искуство со болеста. Во јануари минатата година, таа објави дека е во ремисија, откако во март 2024 година ѝ беше дијагностициран рак.
Светскиот ден на ракот се одбележува секоја година на 4 февруари, а 44-годишната принцеза сподели видео на социјалните мрежи по повод овој настан. Краткиот клип прикажува снимки од нејзината посета на Кралската болница Марсден во Челзи во јануари 2025 година, каде што самата се лекуваше. Истиот ден кога ја посети болницата, таа објави дека е во ремисија.
Во видеото принцезата Кејт вели: „На Светскиот ден на ракот, моите мисли се со сите што се соочуваат со дијагноза, се на третман или се на пат кон закрепнување. Ракот допира до толку многу животи – не само на пациентите, туку и на нивните семејства, пријатели и лица кои се грижат за нив.“
„Секој што го поминал тоа знае дека патувањето не е права линија. Има моменти на страв и исцрпеност, но и моменти на сила, љубезност и длабока поврзаност“, продолжи таа.
„Деншниот ден е потсетник за важноста на грижата, разбирањето и надежта. Знајте дека не сте сами“, заклучи таа.
Во март 2024 година, принцезата од Велс објави дека и бил дијагностивиран рак и дека се повлекува од јавноста за да се фокусира на своето здравје. Во септември истата година, таа потврди дека завршила со хемотерапија, а во јануари 2025 година, по ненајавена посета на Кралската болница Марсден, објави дека е во ремисија.
Исто така, беше објавено дека таа и принцот Вилијам станале заеднички покровители на Фондацијата на Кралскиот Марсден NHS, преземајќи кралска улога во светски познатата болница за рак.
Принцезата Кејт отворено зборуваше за предизвиците со кои се соочи во периодот по третманот, опишувајќи го како „навистина, навистина тежок“ за време на посетата на болница во Колчестер минатиот јули.
„Се држите цврсто, го издржувате третманот стоицистички. И кога третманот ќе заврши, мислите: „Можам да продолжам понатаму, да се вратам во нормала“. Но, всушност, фазата што следи е навистина, навистина тешка“, рече таа во тоа време.
„Веќе не сте нужно под грижа на медицински тим, но не сте во можност нормално да функционирате дома на начинот на кој можеби сте можеле порано“, продолжи принцезата. „И затоа е навистина вредно да имате некој да ви помогне да разговарате за тоа и да ве води низ таа фаза по третманот.“
„Мора да ја пронајдеш својата нова нормалност, а тоа одзема време… Како ролеркостер е, не е толку мазно како што би очекувале. Реалноста е дека поминуваш низ тешки времиња“, заклучи Кејт.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Наскоро размена на затвореници со Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека наскоро се очекува размена на воени затвореници, што е резултат на првата рунда преговори со Русија и САД во Абу Даби, пишува „Украинска правда“.
„Доаѓа важен чекор: наскоро очекуваме размена на воени затвореници. Мора да ги вратиме нашите луѓе дома“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.
Зеленски, исто така, рече дека добил извештај од украинската делегација по состанокот во Абу Даби, на кој присуствувале и делегации од Русија и САД.
„Контактот е одржуван и со американската страна. Рустем Умјеров, Кирил Буданов и Давид Арахамија известија за ова. Тие останаа во контакт. Денес ги разгледавме привремените резултати од разговорите, а тие ќе продолжат утре“, рече тој.
Објавата доаѓа откако Зеленски на 30 јануари изјави дека Русија ги прекинала размените на затвореници бидејќи верува дека се бескорисни.
фото/Depositphotos
Свет
Иран им дозволи на жените да возат мотоцикли
Жените во Иран сега официјално можат да добијат возачка дозвола за мотоцикл, објавија локалните медиуми, со што се стави крај на долгогодишната правна несигурност околу возењето мотоцикл.
Претходниот закон не им забрануваше експлицитно на жените да возат мотоцикли и скутери, но во пракса властите одбиваа да издаваат возачки дозволи. Поради овој правен вакуум, жените честопати беа одговорни во сообраќајни несреќи, дури и кога тие беа жртви.
Првиот потпретседател на Иран, Мохамед Реза Ареф, вчера потпиша декрет со кој се разјаснуваат одредбите од законот за сообраќај, кој иранската влада го одобри кон крајот на јануари, објави новинската агенција Илна.
Одлуката бара од сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатки, да организира испит под директен полициски надзор и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, објави Илна.
Одлуката дојде по бранот протести низ Иран, кои првично избувнаа поради економски проблеми и ескалираа во масовни антивладини демонстрации минатиот месец.
Од Исламската револуција во 1979 година, жените во Иран се соочуваат со низа социјални ограничувања, при што кодовите за облекување претставуваат посебен проблем за оние што возат мотоцикли. Од жените се бара да носат шамии и широка облека на јавно место, но во последниве години тие сè повеќе ги прекршуваат овие правила.
Трендот на кршење на правилата дополнително се забрза по смртта во 2022 година на Махса Амини, млада Иранка која почина во полициски притвор откако беше уапсена за наводно кршење на кодексот за облекување. Нејзината смрт предизвика масовни протести низ Иран, предводени од жени кои бараа поголеми слободи.
фото/ЕПА

