Свет
Трамп: Ким ми рече дека ќе го уништи големиот ракетен полигон
Американските медиуми пренесуваат дека обврската на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за денуклеаризација не била наведена во документот што го потпишаа двајцата лидери. Но, американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето пред новинарите го објасни тој момент.
„Се договоривме за тоа по потпишувањето на договорот“, рече Трамп додавајќи дека со потпишувањето на договорот Ким ја потврдил својата недвосмислена посветеност кон денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров и нагласи дека севернокорејскиот лидер сака да го направи тоа.
Трамп исто така истакна дека САД ќе стават крај на воените игри. Како што пренесе Си-ен-ен, американскиот претседател, најверојатно, мисли на воените вежби со Јужна Кореја, кои Пјонгјанг веќе долго време ги оценува како провокативни.
Исто така, Трамп рече дека се надева оти ќе може да ги повлече американските сили од Јужна Кореја кога ќе дојде време за тоа. Со прекинувањето на воените игри Трамп вели дека САД ќе заштедат огромна количина пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Привремениот либански премиер Микати: На Либан му треба итен прекин на огнот
Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, денеска изјави дека на неговата земја и е потребен итен прекин на огнот меѓу Израел и милитантите на организацијата Хезболах и најави дека околу 1,2 милиони луѓе се раселени поради израелските напади.
„Запрете ги борбите. Не ни треба повеќе крв. Не ни треба повеќе уништување“, рече Микати на онлајн конференција организирана од Американската работна група за Либан, непрофитна организација со седиште во САД, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека „итно е потребно прекин на огнот“.
Свет
Бајден: Не поддржувам напади врз иранските нуклеарни постројки како одговор на нападот
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денеска дека не поддржува напади врз иранските нуклеарни постројки како одговор на ракетниот напад врз Израел.
„Ќе разговараме со Израелците за тоа што ќе направат, но сите седуммина (земјите од Г7) се согласуваме дека имаат право да одговорат, но тие треба да одговорат пропорционално“, им рече Бајден на новинарите, пренесе Ројтерс.
Бајден одговори дека ќе бидат воведени нови санкции кон Иран и додаде дека наскоро ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Очигледно е дека Иран отстапи далеку од курсот“, нагласи тој.
Иран вчера лансираше повеќе од 180 балистички ракети кон Израел, потег што Бајден претходно го опиша како „неефикасен“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Иран ќе плати за нападот.
Некои аналитичари наведуваат дека одговорот на Израел овој пат веројатно ќе биде поостар, што укажува на тоа дека Израел би можел да ги таргетира иранските нуклеарни или нафтени постројки, пренесува Танјуг.
Свет
Претставникот на Израел во ОН: Итно да се воведат санкции кон Иран поради неговиот ладнокрвен напад врз Израел
Претставникот на Израел во ОН Дени Данон побара денеска на итната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на кризата на Блискиот Исток, веднаш да се воведат санкции кон Иран поради, како што наведе, ладнокрвнниот ракетен напад врз Израел.
„Ова е напад врз милиони израелски цивили. Тоа се жени и деца, муслимани, христијани, Евреи, луѓе од сите вери. Во овој невиден чин на агресија, Иран истрела речиси 200 балистички проектили“, рече Данон, ОН, соопшти Советот за безбедност.
Тој изјави дека милиони луѓе се во засолништа и посочи дека нападот на Иран е обид да се нападне срцето на израелското општество и дека на мета биле најсветите места – џамиите, црквите и синагогите.