Свет
Трамп: Кинескиот претседател е еден од најпаметните луѓе во светот, тој точно знае што треба да направи
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе паузира некои од своите нови царини на 90 дена и дека дополнително ќе ги зголеми царините за увоз од Кина. Ненадејната промена дојде помалку од 24 часа откако стапија на сила новите американски царини за увоз од десетици земји кои се трговски партнери на Соединетите Американски Држави.
Новите трговски бариери им нанесоа удар на пазарите, ја зголемија веројатноста за рецесија и доведоа до контрамерки од Кина и од Европската унија. Трамп рече дека ќе ги зголеми царините за увоз од Кина на 125 отсто од 104 отсто. Тој нагласи дека ќе ги зголеми царините за Кина поради „недостатокот на почит што Кина го покажа кон светските пазари“.
Претходно Кина објави царини од 84 отсто на увозот од САД. „Ја одобрив 90-дневната пауза и значително ги намалив реципрочните царини од 10 отсто во тој период“, рече тој, додавајќи дека одлуката за пауза и за зголемување на царините за Кина стапува на сила веднаш.
Трамп подоцна во Овалната соба изјави дека е подготвен да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг. „Се разбира, тој е мој пријател. Ми се допаѓа“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање дали би бил подготвен да разговара или да се сретне со кинескиот лидер. „Секако дека би се сретнал со него“, додаде тој.
На прашањето на новинарот зошто Белата куќа првично инсистираше дека нема да отстапи, ако целта е да ги охрабри другите земји да преговараат, Трамп одговори кратко: „Тоа се преговори“. „Кси е паметен човек и на крајот ќе постигнеме многу добар договор“, продолжи Трамп. Тој го нарече кинескиот претседател „еден од најпаметните луѓе во светот“.
Тој накратко се осврна и на американската воена моќ: „Имаме оружје за кое никој не знае“, рече тој, пред да се врати на темата и уште еднаш да го пофали кинескиот претседател.
„Кси е човек кој точно знае што треба да се направи. Тој ја сака својата земја. Во одреден момент телефонот ќе заѕвони – а потоа започнува трката“, рече Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

