Свет
Трамп: Макрон е добро момче, но неговта изјава за признавање на Палестина нема тежина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја отфрли одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да ја признае државата Палестина во септември како неважна, објави Ројтерс.
„Она што го кажува е неважно. Тој е добро момче, ми се допаѓа, но неговата изјава нема тежина“, рече Трамп.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера објави дека земјата ќе ја признае државата Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември.
Неговата одлука да ја признае државата Палестина предизвика мешани реакции во Франција и во светот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро ја осуди одлуката на Макрон, нагласувајќи дека таа „поттикнува терор“.
„Силно ја осудуваме одлуката на претседателот Макрон да ја признае палестинската држава, по масакрот од 7 октомври. Таквата одлука го наградува теророт и ризикува да создаде уште еден ирански посредник, исто како што беше случајот со Газа“, рече Нетанјаху.
Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, денес ја поздрави одлуката како „победа за палестинската кауза“.
„Ова ја одразува посветеноста на Франција на поддршката на палестинскиот народ и нивните легитимни права на нивната земја и татковина“, рече Абас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руската воздушна одбрана соборила 79 украински дронови
Руската воздушна одбрана соборила 79 украински дронови во текот на ноќта, соопшти руското Министерство за одбрана.
– Во текот на изминатата ноќ, силите на воздушната одбрана на должност пресретнаа и уништија 79 украински беспилотни летала од авионски тип. Вкупно 36 беа над територијата на Ростовскиот регион, 10 над територијата на Брјанскиот регион, 9 над територијата на Курскиот регион, се вели во соопштението на министерството.
Свет
САД ги укинаа санкциите против сирискиот претседател
САД денес ги укинаа санкциите врз сирискиот претседател Ахмед ал-Шариа, само неколку дена пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Според белешката на веб-страницата на американското Министерство за финансии, САД ги отстранија ознаките за глобални терористи од ал-Шариа и сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хатаб. Велика Британија, исто така, денес ги укина санкциите врз сирискиот претседател, еден ден откако Советот за безбедност на ОН го стори истото.
Портпаролот на Европската унија денес изјави дека одлуката на ОН ќе влијае и врз мерките на ЕУ. Ал-Шариа и Хатаб претходно беа под финансиски санкции кои беа насочени кон Исламска држава и Ал Каеда.
фотo: принтскрин
Свет
Универзитетот Корнел постигна договор со Трамп за деблокирање на парите за истражување
Универзитетот Корнел денес објави дека постигнал договор со администрацијата на Трамп за моментален поврат на повеќе од 250 милиони долари од финансирањето за истражување кое беше замрзнато од април.
Претседателот на Корнел, Мајкл Котликоф, во соопштението изјави дека универзитетот ќе ѝ плати на владата 30 милиони долари и ќе инвестира дополнителни 30 милиони долари во земјоделски истражувања во текот на три години како дел од договорот.
Тој нагласи дека ниту една владина истрага или преглед на работата на универзитетот не открила дека ги прекршил законите за граѓански права. Администрацијата се согласи да ги затвори сите истраги.
Министерката за образование, Линда Мекмахон, објави на платформата X дека договорот е уште една победа во напорите за ставање крај на „поларизирачките политики на DEI“ на врвните американски универзитети кои ја сочинуваат таканаречената Ајви лига.
Администрацијата на Трамп го замрзна финансирањето на универзитетот во април бидејќи рече дека не направил доволно за борба против антисемитизмот.
Администрацијата на Трамп врши притисок врз врвните американски универзитети поради пропалестинските студентски протести, кои ги смета за антисемитски, и политиките насочени кон поттикнување на различноста, кои ги смета за дискриминаторски.
Харвард, најбогатиот и најстариот универзитет во Соединетите Американски Држави, е исто така цел на администрацијата на Трамп и започна правна битка, но сè уште бара спогодба. Трамп во септември изјави дека договорот со Харвард е блиску.
Универзитетот Колумбија и другите американски универзитети постигнаа договори со Трамп ова лето.
фото: принтскрин

