Свет
Трамп му рече на новинар да не го срами саудискиот принц прашувајќи за убиството на новинарот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, свечено го пречека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во Белата куќа на Јужниот тревник со прегратка и надлетување со авион во чест на посетата.
По краткиот разговор и прес-конференцијата, атмосферата стана напната кога еден новинар постави прашање за убиството на новинарот Џамал Кашоги. Трамп одговори коментирајќи му на новинарот да не го „засрамува“ саудискиот лидер. Ова е прва посета на бин Салман на САД откако Кашоги беше убиен во 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул.
Имено, американските разузнавачки служби заклучија дека наследникот на престолот е тој што ја одобрил операцијата за апсење или убиство на Кашоги, кој беше истакнат критичар на саудискиот режим. Иако Бин Салман го негираше тоа, тој ја призна одговорноста како де факто владетел на земјата.
„Што се однесува до овој господин, тој заврши феноменална работа“, рече Трамп во одбрана на својот гостин. „Споменувате некој што беше исклучително контроверзен. На многу луѓе не им се допадна тој господин за кој зборувате, сакале или не, се случуваат работи, но тој не знаеше ништо за тоа и можеме да го оставиме на тоа. Не треба да го засрамувате нашиот гостин поставувајќи прашања.“
За време на состанокот во Овалната соба, саудискиот престолонаследник го пофали Трамп, велејќи дека Саудиска Арабија „верува во она што го прават САД“. Тој истакна дека Трамп направил „многу добри работи“ и поставил „добра основа за создавање поголем економски раст“ и ја пофали неговата работа за „светскиот мир“.
Бин Салман, исто така, објави дека Саудиска Арабија би можела да ги зголеми своите ветени инвестиции во САД на речиси трилион долари во наредните денови. Трамп ја прими веста со воодушевување. „Одлично е, го ценам тоа“, рече тој. „Остваруваме бројки што никој досега не ги постигнал“.
Двете земји се исто така подготвени да потпишат договори за одбрана. Трамп им рече на новинарите во понеделник дека планира да продаде напредни борбени авиони Ф-35 на Ријад, кој сака 48 од нив. Тоа би била прва продажба на американски борбени авиони на Саудиска Арабија, потег што би можел да го промени балансот на моќ на Блискиот Исток. Досега, само Израел го имаше Ф-35 во тој регион.
Исто така, се очекува дека Трамп ќе изврши дополнителен притисок врз Саудиска Арабија да се приклучи на таканаречените договори на Авраам за нормализација на односите со Израел. Саудијците досега не сакаа да преземат таков значаен чекор без јасен пат кон формирање палестинска држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

