Свет
Трамп најави нови казни за Русија, пристигна првата реакција на Кремљ
Кремљ реагира на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции за сите земји што соработуваат со Русија. Портпаролот Дмитриј Песков, изјави дека Москва ќе одговори многу остро на усвојувањето ваков закон.
„Москва би реагирала исклучително негативно на усвојувањето на американскиот закон за санкции против земјите што соработуваат со Русија“, рече Песков.
Трамп објави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции за сите земји што соработуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да важат и за Иран, клучен воен сојузник на Москва, пишува „Киев индипендент“.
„Секоја земја што соработува со Русија ќе биде предмет на многу строги санкции“, изјави Трамп пред новинарите во Палм Бич, Флорида.
Претстојниот закон се темели на низа мерки што администрацијата на Трамп ги презеде во последните месеци. Првите санкции против Москва беа објавени во октомври, насочени кон две од најголемите руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“ – заедно со нивните подружници.
Сепак, Министерството за финансии на САД неодамна ги одложи санкциите врз „Лукоил“, кои првично требаше да стапат во сила на 21 ноември, за да ѝ се даде време на компанијата да ги продаде своите странски средства.
Порано оваа година, Вашингтон воведе и царини од 50 проценти за стоки од Индија, еден од најголемите увозници на руска нафта. Причината беше упорноста на Њу Делхи да купува и покрај предупредувањата дека би можеле да следуваат секундарни санкции ако Москва не покаже напредок во мировните напори во Украина.
Иако Трамп не понуди дополнителни детали за законот што се подготвува, тој рече дека Иран, веројатно, ќе биде меѓу целите. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Иран се појави како клучен сојузник на Кремљ, снабдувајќи ја Москва со оружје и воена опрема.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

