Свет
Трамп на „Твитер“ најави масовни апсења на мигранти
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на „Твитер“ најави масовни апсења на мигранти. Иронично за објавата на Трамп е дека големите миграциски операции вообичаено се чуваат во тајност.
„Следната недела, Службата за миграции и царина (ИЦЕ) започнува процес за отстранување на милиони имигранти кои нелегално влегле во САД. Тие ќе бидат отстранети еднакво брзо како што влегле“, напиша Трамп на „Твитер“.
….long before they get to our Southern Border. Guatemala is getting ready to sign a Safe-Third Agreement. The only ones who won’t do anything are the Democrats in Congress. They must vote to get rid of the loopholes, and fix asylum! If so, Border Crisis will end quickly!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) June 18, 2019
„Вашингтон Пост“ пишува дека Трамп со месеци подготвува операција во која илјадници илегални мигранти, вклучувајќи ги и нивните деца, ќе бидат приведени во големите градови во САД.
„Мексико, со користење на своите силни закони за имиграција, прави многу добра работа со запирање на луѓето долго пред тие да стигнат до нашата јужна граница. Гватемала се подготвува да потпише договор за трета безбедна земја. Единствени кои нема да направат ништо се демократите во Конгресот. Тие треба да гласаат за отстранување на дупките во законот и да се реши азилот! Ако е така, кризата на границата ќе биде брзо завршена!“, додава Трамп.
Трамп и други високи претставници на власта му се заканија на градоначалникот на Оукланд, Калифорнија, дека кривично ќе го гонат затоа што ги предупреди граѓаните дека се спремаат рации за илегални имигранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По критиките од Трамп, Лондон објасни зошто не дозволил користење на базите за напади врз Иран
Даунинг стрит реагираше на изјавата на Доналд Трамп, кој рече дека е „многу разочаран“ од премиерот Кир Стармер затоа што не дозволил веднаш САД да ги користат британските воени бази за започнување офанзивни напади врз Иран.
Официјалниот портпарол на премиерот изјави дека Обединетото Кралство донело внимателна одлука да не се вклучува во офанзивни акции, бидејќи сака да придонесе кон решение на ситуацијата во регионот.
Тој појасни дека американското барање за користење на базите во одбранбени цели се совпаднало со иранските напади врз британските интереси и загрозување на британските граѓани. На тоа барање, додаде, Обединетото Кралство „одговорило соодветно“.
Претходно денеска Трамп изјави за британски весник дека на Стармер му требало „предолго“ да се предомисли.
„Тоа веројатно никогаш досега не се случило меѓу нашите земји“, изјави американскиот претседател за „Телеграф“.
„Звучи како да бил загрижен во однос на законитоста“, додаде Трамп.
Премиерот на Обединетото Кралство подоцна го прифати американското барање за користење на британските бази за одбранбени напади врз складишта на ирански ракети или нивни лансирни позиции.
Фото: ЕПА
Свет
Не сме во војна, порача Лондон по нападот врз базата на Кипар
Британската влада соопшти дека Обединетото Кралство не е во војна, и покрај нападот со дрон од иранско производство врз базата на Кралското воено воздухопловство (РАФ), Акротири, на Кипар.
Според британските власти, дронот ја погодил пистата доцна во неделата. Нема повредени, а штетата е оценета како минимална. Подоцна биле пресретнати уште два дрона насочени кон островот.
Министерот за Блискиот Исток Хамиш Фалконер изјави дека Иран не смее да располага со балистички ракети насочени кон регионот и повика на дипломатско решение.
Велика Британија не учествувала во почетните напади врз Иран, но премиерот Кир Стармер во неделата дозволи САД да ги користат британските бази за одбранбени напади врз ирански ракетни системи. Владата нагласи дека базите не смеат да се користат за напади врз политички или економски цели во Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е разочаран од одложувањето на британската одлука. Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека од безбедносни причини се преместуваат семејствата на персоналот од базата.
Свет
Израел соопшти дека ликвидирал висок функционер на Хезболах во прецизен напад
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во прецизен напад во Бејрут го убиле Хусеин Маклед, за кого тврдат дека бил на чело на разузнавачкиот штаб на Хезболах.
„ИДФ потврдува дека во синоќешен прецизен напад во Бејрут е елиминиран Хусеин Маклед, кој служеше како шеф на разузнавачкиот штаб на Хезболах“, се наведува во соопштението.
Нападот доаѓа откако Хезболах официјално се вклучи во конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, отворајќи нов фронт со ракетни и дрон-напади од јужен Либан. Израел потоа изврши одмазднички удари врз цели на групата во Либан.
Фото: ЕПА

