Свет
Трамп негира дека ги оддал тајните за американските нуклеарни подморници: „Таа приказна е лажна и смешна“
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги демантираше извештаите на американските медиуми дека набрзо по заминувањето од функцијата, на австралиски бизнисмен му ги открил тајните на американските нуклеарни подморници во неговата вила на Флорида.
Трамп, во објава на социјалните мрежи, ја нарече приказната „лажна и смешна“, велејќи дека тој само им кажал на луѓето дека Америка ги прави „најдобрите подморници и воена опрема насекаде во светот“, што е „прилично добро познат факт“.
Тој рече дека слични приказни „исфрлаат корумпирани обвинители кои се обидуваат да се мешаат во претседателските избори“, пренесува „Фајненшл тајмс“.
„Секогаш ќе ја промовирам големината на Америка и нејзината воена опрема“, рече Трамп, додавајќи дека во спротивно другите земји ќе купуваат од „Русија, Кина или од некое друго место“.
Приказната за откривањето на тајните на Трамп за американските нуклеарни подморници првпат ја објави „Еј-би-си њуз“, тврдејќи дека неколку месеци откако ја напуштил Белата куќа, тој разговарал за овие доверливи информации со член на неговиот клуб Мар-а-Лаго, еден австралиски милијардер кој потоа ги споделил информациите со многу други луѓе.
„Фајненшл тајмс“ потсетува дека поранешниот американски претседател претходно ги негираше обвинувањата дека бил невнимателен со американските воени тајни. Во врска со рацијата на ФБИ во неговата вила Мар-а-Лаго на Флорида во август 2022 година, Трамп прво рече дека ќе соработува со властите во истрагата. Подоцна, кога ФБИ објави дека пронашле речиси десетина доверливи документи, тој тврдеше дека агенти незаконски влегле во неговиот дом и дека доказите биле подметнати.
После тоа, тој рече дека како претседател имал постојана наредба да ги декласифицира сите документи што ги донел со себе од Белата куќа, потсетува „Фајненшл тајмс“.
Според тврдењата на „Еј-би-си њуз“, кој се повикува на добро информирани извори, меѓу оние на кои Трамп наводно им оддал тајни за подморниците има повеќе од десетина странски функционери, како и неколку новинари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тешка несреќа во Аргентина: Најмалку 90 лица се повредени во судир на воз и локомотива
Најмалку 90 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Возот вчера се движел од Буенос Аирес кон северните предградија кога излетал од шините околу 10:30 часот на мост во населбата Палермо, соопштија безбедносните служби, пренесе „АП“. Во судирот оштетен е првиот вагон од патничкиот воз.
На местото на настанот им била укажана помош на десетици повредени, а 30 лица се префрлени во болници во умерена и тешка состојба, додека најмалку двајца биле пренесени со хеликоптер со повреди на градниот кош и скршеници на коските.
Иако сè уште не е познато зошто празниот вагон бил на пругата, аргентинскиот железнички синдикат соопшти дека од железницата е украден неколку метри бакарен кабел што се користи за пренос на електрична енергија по пругата, што го оневозможува сигналниот систем наменет да спречи такви несреќи. Обвинителите соопштија дека започнале истрага.
Официјални лица од аргентинската железничка управа Тренес Аргентинос соопштија дека сообраќајот на популарната железничка линија е прекинат. Лидерите на синдикатот кои жестоко се спротивставија на економското штедење на либералниот претседател Хавиер Милеи, ја обвинија владата за неуспехот да инвестира во јавната инфраструктура.
Судирот доведе до зголемена контрола на безбедноста на железницата во Аргентина, каде што во серија железнички несреќи од 2012 до 2014 година загинаа повеќе од 50, а беа повредени стотици луѓе.
Свет
Зеленски: Знаеме за планот на руските сили да ја пробијат одбраната на регионот Харков
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинското воено-политичко раководство има информации за обемот на руските сили и нивниот план да ја пробијат одбраната на регионот Харков, додавајќи дека украинските одбранбени сили им даваат отпор на руските војници.
„Главната цел е регионот Харков. Руските војници денеска се обидоа да ги прошират операциите против Украина“, рече Зеленски во видео порака и посочи дека вооружените сили на Украина се зајакнати во правец на Харков.
„И долж нашата државна граница и по целата линија на фронтот, ние секогаш ќе го уништуваме окупаторот за да ги спречиме сите руски офанзивни намери“, рече тој, пренесе Интерфакс Украина.
Зеленски изјави дека сега се прави се’ што е потребно за да се заштитат сите позиции, додавајќи дека во исто време е важно партнерите да го поддржат Киев со навремени набавки.
Свет
Израел ги повика Палестинците од централниот дел на Рафа да се евакуираат, повеќе од 150.000 луѓе веќе го напуштиле градот
Израелската армија утринава ги повика жителите на населбата во централниот дел на градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат додека ја продолжува операцијата против Хамас во тој град.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Авичај Адрае на платформата „Икс“ објави список на нови зони во Рафа од кои треба да се евакуираат Палестинците.
Цивилите се повикани да се евакуираат во проширената хуманитарна зона во областите Ал-Маваси и Кан Јунис. Адрае ги предупреди Палестинците да не се движат кон израелската граница, објави „Тајмс оф Израел“.
Овој потег доаѓа откако израелскиот воен кабинет гласаше во четвртокот вечерта за одобрување „ограничено проширување“ на воената операција во Рафа.
ИДФ во понеделникот започна со евакуација на Палестинците од источната периферија на Рафа, пред израелските сили да влезат во областа.
Околу еден милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во другите делови на енклавата, најдоа засолниште во Рафа. Повеќе од 150.000 Палестинци веќе го напуштија градот, објави Гардијан.
Издадена е посебна наредба за евакуација за областа Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, каде на жителите им беше кажано да се евакуираат во засолништата западно од градот Газа, рече Адрае.