Свет
Трамп не воведе царини за Русија и за Северна Кореја
Во пакетoт нови царински мерки што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп неколку земји не се на списокот, а меѓу нив Русија и Северна Кореја.
За разлика од Кина, Европската Унија или Индија, кои се соочени со драстично зголемување на царините, Москва и Пјонгјанг останаа надвор од опсегот на овој тарифен бран. Причината не е политичка попустливост, туку комбинација од постојни санкции, минимална трговија и геополитички калкулации. Така барем тврди Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави за „Аксиос“ дека Русија не е покриена со царините бидејќи американските санкции веќе спречуваат каква било значајна трговија.
„Сепак, САД сè уште тргуваат повеќе со Русија отколку со земји како Маврициус или Брунеи, кои беа на списокот на Трамп за царини, дури и со оддалечените островски области како Токелау (1.500 жители) во Тихиот океан и Свалбард (2.500 жители) во Арктичкиот круг.
Левит нагласи дека Куба, Белорусија и Северна Кореја исто така се изоставени бидејќи веќе имаат екстремно високи постојни царини и санкции.
Двете земји со години се предмет на опсежни американски санкции. Поради инвазијата на Украина, Русија е под влијание на санкции што влијаат на финансискиот сектор, енергетиката и воената индустрија. Трговијата со САД опадна од 36 милијарди долари во 2021 година на 3,5 милијарди долари во 2024 година, што го прави воведувањето дополнителни царини економски бесмислено.
Северна Кореја е уште поизолирана – американските и меѓународните санкции речиси целосно ја забрануваат трговијата, освен во хуманитарни случаи. Како што коментира аналитичарот Саурав Гош, „нелегалните канали се доминантни, а тарифите нема да имаат никаков реален ефект“.
Во вкупната структура на американската трговска размена Русија и Северна Кореја учествуваат со помалку од 0,1 отсто. Од друга страна, Кина оствари трговски суфицит од речиси 300 милијарди долари со САД во 2024 година поради што е погодена со царинска стапка од дури 34 проценти.
Исклучувањето на Москва и Пјонгјанг може да има и дипломатска заднина. Администрацијата на Доналд Трамп можеби ќе сака да задржи простор за можни преговори – со Русија за Украина и со Северна Кореја за нуклеарната програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

