Свет
Трамп: Нѐ поканија да дојдеме на Гренланд; Владата на Гренланд: Тоа не е вистина
Владата на Гренланд остро го демантираше тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека американска делегација е поканета да ја посети самоуправната данска територија.
Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, би требало да слета на Гренланд во четврток, заедно со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт.
Посетата предизвика бран на незадоволство во земјата. Премиерот во заминување Муте Б. Егеде ја нарече „многу агресивна“ американска кампања за преземање на арктичкиот остров.
„Дојдовме до точка кога ова повеќе не може да се опише како невина посета на сопругата на политичар. Единствената цел е да се демонстрира моќ над нас“, рече Егеде.
Трамп, сепак, вчера изјави дека „функционерите на Гренланд“ побарале Вашингтон да испрати делегација. „Народот на Гренланд бара од нас да дојдеме таму“, рече претседателот.
Но, владата на Гренланд јасно стави до знаење дека тоа не е вистина.

„За евиденција: Владата на Гренланд, не упати никаква покана за каква било посета – приватна или официјална“, се вели во објавата на официјалниот владин профил на Фејсбук.
Пипалук Линге, висок член на парламентот на Гренланд и претседател на парламентарната комисија за надворешна и безбедносна политика, изјави за Политико дека тврдењето на Трамп за поканата „не е точно“.
Таа додаде дека се планира протест за пристигнувањето на Уша Венс во градот Сисимиут, откако во изминатите две недели се одржаа уште два протести против најавите на Трамп за преземање на Гренланд.
„Протестираме политички, во име на народот на Гренланд“, рече Линге.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран размислува за нов главен град поради колапс на водата и пренатрупаноста
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека преселувањето на главниот град од Техеран е неизбежно поради пренатрупаноста и недостигот од водни ресурси. На состанок во Казвин тој предупреди дека Техеран повеќе не може да издржи нова градба или пораст на населението, а преносот на вода од Персискиот залив би бил премногу скап.
Владата го идентификувала регионот Макран, во југоисточен Иран, како можната нова локација за главен град, но без прецизен рок.
Водната криза се влошува: нивото на водата е намалено за 43 проценти во однос на лани, а браната Амир Кабир има само 8 отсто од својот капацитет. Во Техеран веќе започнало намалување на притисокот на водата, а властите предупредуваат дека славините може целосно да пресушат.
Владата ги обвинува климатските промени и санкциите, но иранските водни експерти истакнуваат дека проблемот е резултат на децении погрешни политики, прекумерна изградба на брани без еколошки проценки, исцрпување на водоносниците и пропаѓање на инфраструктурата, кое довело до губење на 25 проценти од градската вода.
Свет
Киев и САД на консултации за можен мировен договор, Европјаните не се споменуваат во изменетата објава
Киев ќе одржи консултации со САД во Швајцарија за можните параметри на идниот мировен договор за завршување на руската агресија врз Украина, соопшти украински висок безбедносен функционер.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, на „Телеграм“ напиша дека започнуваат консултации меѓу високите претставници на Украина и САД, истакнувајќи ја „подготвеноста на американската страна за суштински разговори“.
Умеров ја измени објавата и го избриша делот во кој претходно стоеше дека разговорите ќе се одржат „со учество на европски партнери“.
Според соопштението од кабинетот на претседателот, Володимир Зеленски го одобрил составот на украинската делегација што ќе ги води разговорите, како и упатствата за преговорите. Во изјавата се наведува дека „Украина никогаш нема да биде пречка за мир“ и дека претставниците на државата ќе ги бранат „легитимните интереси на украинскиот народ и темелите на европската безбедност“.
Регион
„Фашизмот во Европа се буди“ – Вучиќ ужаснат по настапот на Томпсон и поздравот „За дом спремни“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска го отвори Меѓународниот саем на вино, храна, ракија и туризам „Винска визија Отворен Балкан“, каде што посети неколку штандови, дегустираше вина и одговараше на новинарски прашања.
На прашање дали ги поканил претставниците на Хрватска да учествуваат на саемот, Вучиќ изјави дека формално не припаѓаат на иницијативата Отворен Балкан, но дека би сакал да ги види како учесници.
„Не припаѓаат на Отворениот Балкан, но немам ништо против, би се израдувал и верувам дека ќе ги поканам,“ рече претседателот.
Коментирајќи го инцидентот во Осиек, каде што за време на концерт на Томпсон се слушнал поздравот „За дом спремни“, Вучиќ изрази загриженост.
„Ужаснат сум од буењето на фашизмот во современа Европа, но што да правите? Се надевам дека Европската унија ќе ги осуди антисрпските и антисемитските фашистички повици во срцето на Европа. Што се однесува до Србите, кај нас фашизмот никогаш немал поддршка и никогаш нема да има, тоа со гордост можам да го кажам,“ истакна Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Вучиќ повтори дека хрватските винари се добредојдени на „Винска визија“ и изрази надеж дека регионалната соработка во рамки на Отворен Балкан ќе придонесе за поголемо поврзување и промоција на гастрономијата и винската култура во регионот.

