Свет
Трамп одбива да го потпише пакетот за помош на населението
Претседателот на САД, Доналд Трамп, засега одбива да го потпише пакетот за помош за Американците погодени од пандемијата. Тој повтори дека сака финансиската помош „да се зголеми од мизерни 600 на 2.000 американски долари“.
Конгресот го одобри пакетот помош за „Ковид-19“ вреден повеќе од 900 милијарди долари, но Трамп ја блокираше таа одлука. Тој го нарече законот „срамен“ и побара да се зголеми износот на помошта за Американците.
„Јас само сакам да им обезбедам на нашите големи луѓе 2.000 американски долари, а не мизерни 600 американски долари што сега стојат во законот“, напиша на „Твитер“ американскиот претседател во заминување.
Одбивањето на републиканскиот претседател да го стори тоа е неодговорно и ќе има „катастрофални последици“, рече Бајден во саботата. Во случај Трамп да не го потпише пакетот веднаш, околу 10 милиони Американци би ги изгубиле бенефициите за невработеност, предупреди Бајден.
Демократот уште еднаш го повика републиканецот да го потпише законот за пакетот помош за загрозените од пандемијата, кој беше изгласан од Конгресот со поддршка на републиканците и демократите.
Почетокот на јануари е официјалниот рок до кога Трамп може да го потпише законот или да стави вето.
„Владините финансии завршуваат за само неколку дена, со што се доведуваат во прашање и платите за воениот персонал“, предупреди Бајден.
По инаугурацијата што ќе се одржи на 20 јануари, Бајден има намера да се заложи за уште еден пакет стимулации за спречување на пандемијата и зајакнување на економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.

