Свет
Трамп: Отворен сум за идејата Маск да го преземе „Тик-ток“
Доналд Трамп вчера изјави дека се согласува со идејата Илон Маск да ја преземе популарната кинеска видео апликација „Тик Ток“, која е привремено забранета во САД, доколку сопственикот на Икс, Спејс Икс и Тесла сака да ја купи од кинеската компанија „Бајт денс“.
Американскиот претседател завчера и нареди на својата влада да ја прекине примената на законот на 75 дена, за да се обиде да најде решение. Тој, исто така, предложи субјектот што го купува „Тик Ток“ да даде половина од својот капитал на САД во замена за лиценца.
Предметниот закон, кој стапи на сила пред три дена, бара од матичната компанија на платформата да ја продаде, под закана за забрана на територијата на САД. Поради ова, социјалната мрежа беше недостапна неколку часа во текот на викендот.
Законот предвидува многу високи казни за давателите на интернет услуги и продавниците за апликации, до 5.000 долари по корисник. Овие санкции ќе ги воведе Министерството за правда, на кое Трамп му нареди да не интервенира два и пол месеци, време кое му е потребно за да се консултира со советниците.
Мерката беше доволна за да се смири Oracle, американската компанија која е домаќин на „Тик Ток“ на своите компјутерски сервери, но не и Apple и Google, кои ја отстранија социјалната мрежа од нивните мобилни платформи за преземање апликации во неделата. Затоа, 170 милиони американски корисници кои веќе имаат „Тик Ток“ можат да продолжат да го користат, но повеќе не можат да ја ажурираат платформата редовно како и обично.
Американските избраници го оправдаа законодавството со потребата да се спречат кинеските власти да пристапат до податоците на американските корисници или да манипулираат со мислењето во Соединетите држави. Трамп, кој за време на неговиот прв мандат сакаше да го забрани TikTok во име на националната безбедност, сега има поинаква перспектива. „Има толку многу производи произведени во Кина, а единствениот на кој се жалат е Тик Ток“, рече завчера Доналд Трамп, мислејќи на избраните функционери во Конгресот.
Вчера, одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека ќе биде отворен за идејата најбогатиот човек на светот, Илон Маск, да ја преземе платформата доколку сака. Маск водеше кампања за Трамп и доби советодавна улога на владата за да заштеди пари. Новиот американски претседател предложи „Бајт денс“ да им даде на САД 50 отсто од капиталот на „Тик Ток“ во замена за непримена на законот. „Можеби ни треба согласност од Кина, но сигурен сум дека тие би ја дале“, заклучи Доналд Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер за одбрана: Европа можеби го имаше последното мирно лето
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ дека германскиот начин на живот е загрозен и дека европските држави мора итно да ја зајакнат одбранбената способност.
„Путин не ги крие своите империјални фантазии, во кои нашата слобода, нашиот ред, каков што го знаеме, немаат никакво значење. Мораме брзо и јасно да реагираме на оваа закана со зајакнување на нашите одбранбени капацитети“, нагласи Писториус.
На прашањето кога Русија би можела да биде способна за напад, Писториус дава претпазлив одговор.
„Воените експерти и разузнавачките служби можат грубо да проценат кога Русија ќе ги обнови своите вооружени сили до степен до кој би била способна да започне напад врз земја членка на НАТО на исток. Секогаш сме велеле дека тоа би можело да биде веќе во 2029 година. Сега, сепак, има и други кои велат дека тоа е замисливо уште во 2028 година, а некои воени историчари дури велат дека ова беше нашето последно мирно лето“, рече тој.
Сепак, тој ја смирува јавноста со пораката: „Не треба да оставаме впечаток дека НАТО не може да се одбрани. Може. Има значаен потенцијал за одвраќање. Конвенционален, но секако и нуклеарен.“
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, брзо реагираше на изјавата на Писториус, велејќи дека сега нема сомнение кој е агресорот.
Свет
ЕУ разгледува три опции за финансиска поддршка на Украина
Фон дер Лајен им испрати писмо на лидерите на ЕУ со три можни решенија за финансирање на Украина.
Првата опција е секоја земја членка да одобри билатерарна бесповратна помош за Украина. Втората е заедничко задолжување на ниво на ЕУ, при што земјите би дале правно обврзувачки и неотповикливи гаранции за заемот. Третата опција е репарациски заем од 140 милијарди евра, користејќи го запленетиот руски имот, при што Украина би го враќала заемот само ако и кога Русија ќе плати воена отштета.
Фон дер Лајен наведува дека првите две опции би го зголемиле фискалниот товар на земјите членки, додека третата не би предизвикала дополнителни трошоци или ново задолжување.
Според писмото, на Украина ѝ се потребни 135,7 милијарди евра за 2026 и 2027 година – 83,4 милијарди за воени потреби и 52,3 милијарди за стабилизација на економијата и покривање на буџетскиот дефицит. Лидерите на ЕУ треба да донесат одлука на самитот на 18 и 19 декември.
Прашањето за користење на замрзнатиот руски имот останува отворено поради противењето на Белгија, која бара гаранции дека ризикот ќе биде споделен ако се донесе пресуда за враќање на средствата на Русија.
Фон дер Лајен во писмото наведува дека „Европа не може да си дозволи парализа“, и дека нема едноставни решенија, но потребно е да се дејствува.
Регион
Албанија со торта во Брисел го прослави отворањето на последниот преговарачки кластер со ЕУ
Албанија со торта во Брисел го прослави отворањето на последниот од вкупно шест преговарачки кластери со ЕУ.
„Го отворивме последното кластер-поглавје од преговорите со Европската унија, поставувајќи апсолутен рекорд во процесите на европската интеграција со отворање на сите поглавја за само 14 месеци. Сега следува завршување на преговорите до 2027 година, согласно Заедничкиот план со Европската комисија“, соопшти премиерот на Албанија, Еди Рама.
Албанија е земјата што најбрзо напредува во пристапните преговори. Според новата методологија на пристапните преговори, 35 преговарачки поглавја се поделени во шест тематски единици, шест кластери. Преговорите повеќе не се отвораат во поединечни поглавја, туку во кластери, што не е случај со затворањето, каде што секое поединечно поглавје сè уште се затвора одделно.
По отворањето на сите кластери за преговори, следниот чекор е да се исполнат привремените критериуми во основниот кластер, кој ги опфаќа правдата и внатрешните работи, што е услов за затворање на другите поглавја од преговорите. Албанската влада си постави цел да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година.

