Свет
Трамп плати „нула долари данок“ во последната година на функцијата

Во последната година на функцијата, Доналд Трамп не плати ниту еден долар федерални даноци, додека за време на неговиот четиригодишен мандат плати вкупно 1,1 милион долари данок на државата.
Овие податоци станаа достапни за јавноста кога Конгресот одлучи да ги објави и покрај противењето на поранешниот претседател.
И покрај тоа што е милијардер, Трамп пријавил загуби само во 2020 година, па платил „нула долари данок“.
И во првата година на власт (2017 годона) плати само 750 долари. Меѓутоа, во 2018 и 2019 година пријавил приход и плаќал даноци, пренесува CNN.
Парите на Трамп доаѓаат од „Trump Organization“, компанија која се занимава со бизниси кои се движат од недвижен имот до модни брендови до управување со хотели. Трамп отворено се пофали дека користи дупки во законот и дека законски и плаќа најмала можна казна на државата.
Сепак, тој одби да открие колку данок плаќа иако е политичка практика претседателите да ги објавуваат даночните пријави.
Политичките противници на поранешниот шеф на Белата куќа изјавија дека Трамп не сакал да ја објави даночната пријава за јавноста да не дознае за загубите во неговата компанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пентагон бара контрола врз објавите, новинарите предупредуваат на кршење на Првиот амандман

Бројни водечки американски медиуми, меѓу кои „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Атлантик“ и „Си-ен-ен“, одбија да ја прифатат новата политика на Пентагон, објави „ДПА“. Според изменетите правила, новинарите мора да добијат одобрение од службено лице пред да објават информации – дури и ако не се класифицирани.
Здружението на новинари што известуваат од Пентагон соопшти дека правилата „се чини дека се дизајнирани да ја задушат слободата на печатот“.
Извршниот уредник на „Вашингтон пост“, Мет Мареј, оцени дека тие „ги поткопуваат заштитите од Првиот амандман“. Главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг, истакна дека условите ги кршат правата на Американците „да знаат како се распределуваат воените ресурси“. А Ричард Стивенсон од „Њујорк тајмс“ предупреди дека новата политика „се заканува да ги казни новинарите за рутинско собирање информации“.
Министерот за одбрана Пит Хегсет одговори дека правилата само бараат новинарите „да носат видлива ознака“ и „да не поттикнуваат кривични дела“.
Свет
Трамп: Мелони може да биде инспирација за сите

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ѝ оддаде почит на италијанската премиерка Џорџија Мелони, велејќи дека таа може да биде „инспирација за сите“.
„Џорџија Мелони, големата премиерка на Италија, напиша нова книга. Џорџија работи неверојатна работа за прекрасниот народ на Италија. Таа е инспирација за сите“, напиша американскиот милијардер на својата социјална мрежа Truth Social.
Пораката на американскиот претседател беше илустрирана со фотографија од корицата на книгата на италијанската лидерка, која штотуку беше преведена на англиски јазик.
„Земете го вашиот примерок денес“, предложи Доналд Трамп.
Свет
Трамп испрати помирувачка порака до Иран, доби остар одговор

Повикот за мир кој во понеделникот го упати американскиот претседател Доналд Трамп до Иран е во спротивност со постапките на Соединетите Американски Држави кои го поддржаа бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Во говорот пред израелскиот парламент во понеделник, Трамп рече дека Соединетите Американски Држави се подготвени да склучат мир со Иран, истакнувајќи дека тоа би било „огромно достигнување“, само неколку месеци откако го поддржа бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од страна на Израел за време на јунската војна.
„Министерот за надворешни работи верува дека желбата за мир и дијалог што ја изрази американскиот претседател е во спротивност со непријателското и криминално однесување на Соединетите Американски Држави кон иранскиот народ“, се вели во соопштението на иранското министерство.
Во понеделник, Трамп изјави дека „ниту САД ниту Израел негуваат никаква омраза кон иранскиот народ“.
„Ние едноставно сакаме да живееме во мир. Дури и на Иран му е подадена рака на пријателство и соработка“, рече тој.
Израел започна невидено бомбардирање против Иран на 13 јуни, при што загинаа високи воени функционери и научници поврзани со нуклеарната програма на Иран, како и стотици цивили. Иран возврати со ракети и беспилотни летала лансирани кон Израел, а војната траеше 12 дена.
По наредба на Доналд Трамп, американските сили бомбардираа три големи нуклеарни објекти во централен Иран на 22 јуни.
фото: принтскрин