Свет
Трамп повторно би го бомбардирал Иран ако извештаите покажат загрижувачки заклучоци за збогатување на ураниум
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека апсолутно ќе го преиспита бомбардирањето на нуклеарните објекти на Иран доколку смета дека е потребно, пишува „Си-ен-ен“
„Секако, без сомнение, апсолутно“, им рече Трамп на новинарите во брифингот во Белата куќа, кога директно беше прашан дали би размислил за бомбардирање на земјата доколку идните разузнавачки извештаи покажат загрижувачки заклучоци за збогатувањето на ураниум на Иран.
Трамп рече дека не верува дека Иран би можел „повторно да влезе во нуклеарната програма во скоро време“ по нападите на САД врз неговите нуклеарни објекти минатата недела.
Администрацијата продолжи да изразува доверба во успехот на тие напади, но не понуди никакви разузнавачки податоци за да го поткрепи тврдењето на Трамп дека нуклеарната програма на Иран е, според неговите зборови, уништена.
„Може ли да ви кажам – тие се исцрпени. И Израел е исто така исцрпен. Разговарав со едната и со другата земја, и двете сакаа тоа да се реши – и двете – и ние направивме одлична работа. Но, тие се исцрпени. Последното нешто за кое размислуваат во моментов е нуклеарното оружје. Знаете за што размислуваат? Тие размислуваат за утре, за тоа како да преживеат“, рече американскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Приведен еден осомничен за пукањето на Универзитетот Браун во САД
Полицијата во Провиденс приведе едно лице во врска со пукањето на Универзитетот Браун, во кое загинаа двајца студенти, а девет други беа повредени.
Портпаролката на службата за јавна безбедност на Провиденс, Кристи ДосРејс, за Ројтерс изјави дека „лице од интерес“ е во притвор по пукањето на универзитетот во Род Ајленд.
Повеќе од 400 полицајци беа ангажирани да бараат осомничен кој влегол со огнено оружје во зграда каде студентите полагале испити.
Пристапот до делови од кампусот беше ограничен, а полицијата остана на местото на настанот.
Агенти од ФБИ и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви соработуваат со локалната и државната полиција во истрагата.
Службениците објавија видео од осомничениот, за кој се верува дека е маж на околу 30 години облечен во црно.
Истражителите пронашле чаури на местото на настанот, а вооружениот напаѓач избегал по пукањето.
Свет
Зеленски: Украина се откажува од НАТО во замена за безбедносни гаранции
Украина е подготвена да се откаже од членството во НАТО во замена за западни безбедносни гаранции, како компромис за завршување на војната со Русија, изјави претседателот Володимир Зеленски пред разговорите со американски претставници во Берлин.
Зеленски оцени дека безбедносните гаранции од САД, европските земји и други партнери, би можеле да спречат нова руска инвазија и претставуваат значаен отстап од украинска страна.
Тој потсети дека членството во НАТО долго време беше стратешка цел на Украина и дел од уставните определби на земјата.
Иако официјалниот состав на разговорите во Берлин не е објавен, американски функционер потврди дека специјалниот пратеник на поранешниот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер ќе учествуваат на средбите со украински и европски претставници.
Свет
(Видео) Храбар случаен минувач го совлада и разоружа еден од напаѓачите на плажа во Сиднеј
На плажата Бонди во Сиднеј се случи пукaње, во кое, според последните информации, 12 лица се убиени, а 29 се повредени.
Светските медиуми објавуваат видео од социјалните мрежи на кое се гледа како минувач совладува и разоружува еден од напаѓачите.
Видео објавено на социјалните мрежи, според „Гардијан“, покажува како минувач го соборува на земја еден од напаѓачите на плажата Бонди и му го грабнува пушката.
Пукањето официјално беше прогласено за терористички чин.
Еден вооружен напаѓач е исто така убиен, а вториот осомничен е во критична состојба, соопшти полицијата.
На плажата се одржувал настан по повод почетокот на Ханука, еврејскиот празник на светлината, на кој присуствувале повеќе од 1.000 луѓе, соопшти полицијата.

