Свет
Трамп се откажа од царините од 50 отсто за канадскиот челик и алуминиум
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник потврди дека Белата куќа нема да воведе царина од 50 отсто за канадскиот челик и алуминиум, пренесува „Си-Би-Ес Њуз“.
Претходно и високиот трговски советник на администрацијата, Питер Наваро, им рече на новинарите пред Белата куќа дека промената на одлуката дојде откако премиерот на Онтарио, Даг Форд го повлече планот за воведување дополнителна такса за електрична енергија, што, според мислењето на Наваро, можеше да предизвика проблеми.
„Мислам дека (Даг Форд) сфати дека ова не е борба што вреди да се бори“, рече Наваро, додавајќи дека ги повикал канадските власти да ја ублажат реториката.
Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на денот објави дека Соединетите држави ќе ги удвојат тарифите за челик и алуминиум од Канада на 50 отсто поради одлуката на канадската покраина да воведе давачка од 25 отсто за извозот на електрична енергија во САД. Но, премиерот на Онтарио Даг Форд ја суспендираше таа одлука и најави разговори во Вашингтон.
И покрај повлекувањето на двојниот тарифен план, постојните царини од 25 отсто за канадскиот челик и алуминиум ќе останат на сила и ќе стапат на сила во среда, потврди Лутник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Фластерите на рацете на Трамп не се од повреда
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека фластерите што во неколку наврати беа забележани на рацете на американскиот претседател Доналд Трамп не се резултат на повреда, пренесе „Унилад“.
Таа на прес-конференција објасни дека Трамп постојано се ракува со голем број луѓе додавајќи дека Овалната соба „е како Гранд централ станица“. Ливит наведе и дека претседателот секојдневно зема „аспирин“, што може да придонесе за појава на модринки.
Објаснувањето предизвика реакции и дополнителни прашања во јавноста, но од Белата куќа инсистираат дека здравјето на претседателот е добро. Лекарот на Белата куќа на 1 декември соопшти дека 79-годишниот Трамп е во одлична општа здравствена состојба по извршениот систематски преглед.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година, која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
Си-ен-ен објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. блек бокс предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-ен-ен.
Станува збор за предупредување што се користи за истакнување сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА-вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни процени што ги пренесува Си-ен-ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле речиси 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА-вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување блек бокс предупредување, без јавно достапни докази, може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и ХХС ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос

