Свет
Трамп: Случајот против Марин Ле Пен е лов на вештерки
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска и понуди поддршка на лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен, откако судот во Париз ја осуди неа и дваесетина луѓе од нејзината партија за проневера на средства од Европската унија.
Судијата ѝ забрани на Ле Пен пет години да се кандидира на избори, што ќе ја спречи да учествува во претседателската трка во 2027 година, освен ако пред тоа не може да поднесе жалба на пресудата. Судијата сега е под полициска заштита откако добил смртни закани, изјави завчера извор за Ројтерс.
Ле Пен, партиските сојузници и поддржувачи го обвинија судот за мешање во демократијата. Францускиот премиер Франсоа Бајру пред три дена пред пратениците изјави дека „безусловно го поддржува“ судството.

Во објава на Truth Social доцна синоќа, Трамп го нарече случајот против Ле Пен „лов на вештерки“ и го пофали лидерот на екстремната десница. „Таа претрпе загуби, но продолжи, а сега, непосредно пред нешто што би било голема победа, ја фатија со помал прекршок за кој веројатно не знаела. Мене ми звучи како книговодствена грешка“, напиша Трамп во објавата.
Активистите за човекови права правеа споредби меѓу Ле Пен и Трамп во текот на годините за нивните антиимигрантски ставови и антималцинската реторика.
Пресудата на францускиот суд претставува пречка за 56-годишната Ле Пен, која до пресудата беше фаворит во анкетите пред претседателските избори во 2027 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

