Свет
Трамп: Утре ќе го вратам „Тик-ток“

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави дека утре, на неговиот прв ден на функцијата, ќе потпише извршна наредба со која ќе му се овозможи на „Тик-ток“ привремено да продолжи да работи во САД, истовремено сугерирајќи дека американската влада би можела да преземе делумна сопственост на социјалната мрежа.
Во објава на „Трут соушал“, неговата сопствена социјална мрежа, Трамп рече дека „нема да дозволи ‘Тик-ток’ да остане во темнина“ откако ќе ја преземе функцијата утре.
Апликацијата не е повеќе достапна за Американците поради законот за забрана кој беше усвоен минатата година.
„Во понеделник ќе потпишам извршна наредба за одложување на законската забрана за да можеме да направиме договор за заштита на нашата национална безбедност. Наредбата исто така ќе потврди дека нема да има одговорност за која било компанија што помогнала „Тик-ток“ да згасне пред мојата уредба. “, напиша Трамп во соопштението.
Трамп предложи дека САД би можеле да заземат „50 отсто сопственичка позиција“ во „Тик-ток“ како дел од заедничко вложување, сугерирајќи дека тоа би можело да значи соработка со матичната компанија „Бајт денс“.
„Со тоа го зачувуваме „Тик-ток“ во добри раце и му дозволуваме да го каже своето. Без одобрение од САД, не постои Тик-ток. Со наше одобрение, тој вреди стотици милијарди долари – можеби трилиони“, напиша Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски вели дека украинската армија ги продолжува операциите во рускиот регион Курск

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека украинската армија ги продолжува операциите во рускиот регион Курск.
– Нашите сили ги продолжуваат активните одбранбени операции во одредени подрачја на (руските) области Курск и Белгородск, истакна Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави Курск е целосно ослободен.
Русија повторно воспостави контрола над Курск. Авантурата на режимот на Киев целосно пропадна, изјави вчера Путин.
Претставници на украинската армија вчера ги демантираа тврдењата на Путин и на Генералштабот на руската армија дека Курск е ослободен.
Свет
Русија лансираше 97 беспилотни летала во неколку региони низ Украина

Во текот на ноќта, Русија лансираше 97 беспилотни летала во неколку региони низ Украина, соопштија Воздухопловните сили на вооружените сили на Украина.
Воздухопловните сили објавија на Телеграм дека украинските сили собориле 66 руски беспилотни летала во текот на ноќта.
Во голем број украински региони е прогласена воздушна опасност поради лансирање руски беспилотни летала, вклучувајќи ги Полтавската и Харковската област, Одеса, Киев, Суми, Чернигов, Днепропетровск и Запорожје
Свет
Од денеска за верниците се отвора гробницата на папата Франциско во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим

Од денеска гробницата на папата Франциско во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим ќе биде отворена за верниците, соопшти Ватикан.
Папата, кој почина на 88-годишна возраст на 21 април од мозочен удар, беше погребан вчера во гробница одвоена помеѓу две капели во римската базилика, по церемонија на жалост одржана во Ватикан. Церемонијата на поставување на ковчегот траеше околу половина час.
На погребот во базиликата Санта Марија Маџоре присуствуваа само најблиските, а едноставниот, дрвен ковчег на папата беше пречекан со ѕвона.
На мисата во Ватикан, според официјалните податоци од Ватикан, присуствуваа околу 250.000 луѓе, како и 170 странски делегации. Меѓу нив имаше шефови на држави и влади, монарси, поранешни државници, политичари од Италија и други земји, интелектуалци, уметници. Подоцна, италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози изјави дека најмалку 400.000 луѓе присуствувале на погребот на папата Франциск, собрани на плоштадот „Свети Петар“ и по улиците на Рим.
Целиот настан го следеа околу 2.700 акредитирани новинари.