Свет
„Трамп ќе му каже на Путин да ја прекине војната, ако одбие, имаме план“, вели близок соработник на американскиот претседател
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин веднаш штом ќе се договорат преговорите, процес за кој рече дека веќе е во тек.
Откако како претседателски кандидат рече дека може да ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата, Трамп истакна дека му останува уште половина ден за да ја постигне таа цел. „Ќе се обидеме да го направиме тоа што е можно побргу. Знаете, војната меѓу Украина и Русија никогаш не требаше ни да почне“, им рече тој на новинарите во Овалната соба.
Изборот на Трамп за државен секретар, Марко Рубио, претходно во понеделникот изјави дека не може да постави временска рамка за завршување на војната меѓу Русија и Украина, но им рече на новинарите дека секоја страна ќе мора да се откаже од нешто како природен дел од решавањето на каков било конфликт. Тој исто така призна дека Русија е агресорот.
Роберт Вилки, шеф на транзицискиот тим на Трамп во Пентагон, зборуваше за пристапот на Трамп кон војната во Украина. Вилки вели дека Трамп ќе му се јави на рускиот претседател Владимир Путин и ќе му каже да ја прекине војната.
Тој додаде дека Трамп ќе му каже на украинскиот претседател Зеленски дека не направил доволно „затоа што не го повикал мнозинството од своето население под своето знаме“ истакнувајќи дека Зеленски ги изоставил „мажите од населението, кои обезбедуваат сила и моќ“. Ако Путин ги отфрли барањата на Трамп за завршување на војната, Вилки наведува дека една од извршните наредби на Трамп ќе ја „отвори енергетската моќ на Америка“.
„Ќе почне протокот на американски течен природен гас во Европа“, рече Вилки, „а присуството на Соединетите Американсаки Држави на светскиот пазар на нафта ќе ја намали цената на нафтата – тоа ќе ја банкротира руската економија. Ова ќе создаде огромен притисок врз воената економија на Путин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Урсула фон дер Лајен денеска телефонски ќе разговара со Зеленски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска телефонски ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други европски лидери, изјави портпарол на ЕК.
Белата куќа претходно соопшти дека Трамп ќе се сретне со Зеленски утре во Палм Бич на Флорида.
Средбата е закажана за 15 часот по локално време и ќе биде посветена на напорите за прекин на војната во Украина.
Свет
Има повредени во рускиот напад врз Киев
Пет лица се повредени во рускиот напад врз Киев синоќа, објави градоначалникот на главниот град, Виталиј Кличко, на Телеграм, цитиран од Укринформ.
„Досега, четворица од повредените во непријателскиот напад добиле медицинска помош. Тројца се хоспитализирани, а еден е прегледан и се лекува надвор од болницата“, рече Кличко.
Според него, пожар избувнал во сервис за автомобили во југозападниот дел на Киев. Во северниот дел на главниот град, остатоци од беспилотни летала паднале во населба со викендици, а во североисточниот дел од градот има остатоци на отворен терен.
Градоначалникот додаде дека сите служби за итни случаи и спасување се на местото на нападот.
Свет
Стотици летови се откажани поради снежната бура што ги зафати Њујорк и Њу Џерси
Стотици летови се откажани поради снежната бура што ги зафати Њујорк и Њу Џерси и поголемиот дел од североисточните држави на САД.
Според FlightAware, кој го следи воздушниот сообраќај во американскиот воздушен простор, во земјата се откажани 1.659 летови – речиси десет пати повеќе од претходниот ден. Предупредувањето за зимска бура останува на сила за регионот, а на некои места има прогноза и за замрзнат дожд.
Националната метеоролошка служба на САД предвидува до 13 сантиметри снег во Њујорк и до 28 сантиметри во областите северно и североисточно од градот.
Локалните власти ги повикаа жителите да избегнуваат патувања и да останат дома доколку е можно.
Според медиумските извештаи, бурата би можела да ги донесе најголемите снежни наноси во градот во последните три години. Летовите се откажани и на аеродромите во Филаделфија и Балтимор, како и во Торонто, најголемиот деловен центар во Канада.

