Свет
Трупите на Хафтар се криминалци и насилници, рече премиерот на Либија

Премиерот на Либија, Фајез ал-Сераџ, изјави во ексклузивно интервју за „Еурољуз“ дека трупите на командантот Калифа Хафтар не се организирана војска како што тие тврдат дека се, туку криминалци и насилници.
„Тие се криминални банди, идеолошки групи, насилници и одметници”, изјави Ал-Сераџ.
„Ние го браниме сонот на сите либијци за воспоставување цивилна држава. Ќе продолжиме да го браниме нашиот сон, нашиот главен град, нашите домови, нашиот народ, додека овој напад не биде запрен и сите инванзивни трупи не се вратат назад од каде што дојдоа“, додаде тој.
Либиската национална армија на Хафтар, со седиште во источниот дел на земјата, започна напад за да го освои главниот град во април.
Во битката за Триполи загинаа најмалку 510 лица, 75.000 беа протерани од своите домови, а илјадници мигранти беа заробени во притворски центри, според Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп до Москва: Имате 50 дена; Лавров: Што точно мислите?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва сака точно да знае што мисли американскиот претседател Доналд Трамп со својата изјава дека Украина и Русија имаат 50 дена да постигнат договор.
„Секако дека би сакале да разбереме што стои зад оваа изјава за 50 дена. Пред тоа, веќе беа поставени рокови од 24 часа и 100 дена – сето тоа го видовме. Навистина сме заинтересирани за мотивацијата на американскиот претседател“, рече Лавров на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тјенџин.
Лавров повтори дека Вашингтон претходно поставил рокови во контекст на војната во Украина, но дека, според Русија, зад нив не стои конкретна стратегија. Неговите коментари доаѓаат еден ден откако Трамп го засили дипломатскиот притисок со објавувањето дека, доколку не се постигне договор, ќе бидат воведени нови царини врз Русија и дека „висококвалитетно оружје“ ќе биде испратено во Украина преку НАТО.
Москва сè уште официјално не одговорила на заканата со царини, но Лавров посочи дека Русија се обидува да процени колку сериозно администрацијата на Трамп има намера да ги спроведе најавените мерки.
Европа
Путин ќе го игнорира ултиматумот на Трамп, ги изнесе условите за мир, објави Ројтерс

Владимир Путин планира да ја продолжи војната во Украина сè додека Западот не се согласи на мировни преговори под руски услови, а неговите територијални претензии би можеле дополнително да се прошират ако руските сили продолжат да напредуваат, изјавија за Ројтерс три извори блиски до Кремљ.
Според овие извори, Путин не е импресиониран од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за нови санкции и верува дека и руската војска и економија се доволно силни за да издржат дополнителен притисок од Западот.
Путин смета дека никој сериозно не сакал да се договори со него
„Путин верува дека никој, дури ни Американците, сериозно не се ангажирал со специфичните услови на Русија за мир, па затоа ќе продолжи сè додека не го добие она што го сака“, рече еден извор под услов да остане анонимен.
Трамп вчера изрази фрустрација од одбивањето на Путин да прифати прекин на огнот и најави нови испораки на оружје за Украина, вклучувајќи системи „Патриот“, и дополнителни санкции ако не се постигне мировен договор во рок од 50 дена.
Кремљ: Нема основа за мир, само нејасни контакти
Иако Трамп и Путин разговарале по телефон неколку пати, а американскиот претставник Стив Виткоф, исто така, ја посетил Москва во неколку наврати на средби со Путин, рускиот претседател, според изворите, верува дека немало сериозен обид да се дефинира основа за мир.
„Важно е Путин да го зачува својот однос со Трамп и имаше добри разговори со Виткоф, но интересите на Русија се над сè“, додаде еден од изворите.
Барањата на Путин: Повлекување на НАТО, Украина мора да остане неутрална
Според извори блиски до Кремљ, Путин бара правно обврзувачка гаранција дека НАТО нема да се прошири кон исток, неутрален статус за Украина и ограничувања на нејзините вооружени сили, како и заштита за нејзиното рускојазично население. Тој, исто така, бара признавање на територијалните придобивки на Русија.
Путин, наводно, е подготвен да разговара и за безбедносни гаранции за Украина што би ги вклучиле големите сили, но не е јасно како тоа би изгледало во пракса. Канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.
„Путин не се плаши од царини, Русија го надминува НАТО во муниција“
Друг извор рече дека Путин верува дека целите на Москва се поважни од какви било економски последици и не е загрижен за заканите на САД за царини против Кина и Индија за купување руска нафта.
Два извори рекоа дека Русија има предност на бојното поле и дека нејзината воена индустрија го надминува производството на клучна муниција на НАТО, како што се артилериски гранати.
Европа
Украинскиот премиер поднесе оставка

Украинскиот премиер Денис Шмихал објави дека поднел оставка од функцијата што ја извршуваше повеќе од четири години. Одлуката доаѓа еден ден откако претседателот Володимир Зеленски го предложи Шмихал за нов министер за одбрана, како дел од најавената реконструкција на кабинетот.
Во објава на Телеграм, Шмихал им се заблагодари на украинските ветерани, претседателот и членовите на владата:
„Благодарност до нашите бранители кои го држат фронтот и ја штитат Украина! Благодарност до претседателот на Украина Володимир Зеленски за довербата! Благодарност до целиот тим за нивната неуморна работа за нашата земја! Слава на Украина!“, напиша тој покрај фотографија од неговата рачно напишана оставка.
Зеленски вчера објави дека ќе ја номинира Јулија Свириденко, поранешната прва вицепремиерка, за нов шеф на владата. Тој рече дека смета на парламентарна поддршка за најавеното реструктуирање на извршната власт.
Зеленски веќе некое време најавува промени во кабинетот, кои се толкуваат како обид за освежување на политичкото раководство на земјата, бидејќи војната со Русија влегува во својата четврта година, а предизвиците во економијата и одбраната остануваат исклучително големи.