Свет
Тунис ја отфрли финансиската помош од ЕУ, се сомнева во договорот од јули
Претседателот на Тунис, Каис Саид, ја отфрли финансиската поддршка што ЕУ ѝ ја најави на земјата во септември, делумно за да помогне во борбата против илегалната миграција, велејќи дека таа е во спротивност со договорот потпишан пред три месеци.
Потегот на Саид би можел да го поткопа стратешкото партнерство од јули, кое вклучува мерки за борба против шверцерите на луѓе и заострување на граничните контроли по наглото зголемување на бројот на бродови, кои од северноафриканската земја одат кон Европа, пишува „Ројтерс“.
Имено, Европската комисија минатиот месец објави дека ќе плати 127 милиони евра помош за Тунис како дел од јулскиот договор за борба против илегалната имиграција од Африка во Европа.
„Тунис го отфрла она што го објави ЕУ не поради малата сума туку затоа што предлогот е во спротивност со меморандумот за разбирање потпишан во јули“, рече Саид.
Договорот од јули, потсетува „Ројтерс“, вклучуваше помош за Тунис од една милијарда евра, која, освен за справување со миграциската криза, ќе послужи и како инјекција за економијата и државните финансии.
Сепак, помалата сума објавена од Комисијата пред десет дена предизвика фрустрација кај туниските власти, кои се борат да ја подобрат состојбата на јавните финансии и ги зголеми стравувањата кај агенциите за кредитен рејтинг дека тамошната влада би можела да не ги плати странските долгови во наредниот период.
Спорот меѓу двете страни, според „Ројтерс“, се совпаднал со пристигнувањето на рекорден број мигранти од Тунис и Северна Африка на италијанскиот остров Лампедуза.
Така, Тунис ја одложи посетата на делегацијата на Европската комисија минатата недела за да разговара за деталите од договорот за миграција. Исто така, минатиот месец тој го забрани влезот на пет члена на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент на состаноци за политичката ситуација во Тунис велејќи дека нема да дозволи мешање во внатрешните работи на земјата.
Некои европски земји, вклучително и Германија, се спротивставуваат на договорот од јули тврдејќи дека тој не се однесува на политичката ситуација и прашањата за човековите права откако Саид ја презеде власта, го затвори тунискиот парламент и почна да владее со декрет, што тамошната опозиција го карактеризира како државен удар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

