Свет
Турција нареди притворање на 149 лица осомничени за поврзаност со Ѓулен
Турција нареди притворање на 149 лица, главно од безбедносните сили, под сомнение дека се поврзани со мрежата за која Анкара вели дека организирала неуспешен пуч во 2016 година, пренесува државната новинска агенција „Анадолија“.
Властите спроведуваат континуирана акција против наводните следбеници на американскиот муслимански свештеник Фетулах Ѓулен од неуспешниот пуч во јули 2016 година кога беа убиени 250 лица.
Ѓулен негира каква било вмешаност. Поранешниот сојузник на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, живее во самонаметниот егзил во Пенсилванија од 1999 година.
Обвинителството во западната провинција Баликешир нареди притвор за 74 лица, сите претходно отпуштени од безбедносните сили, а меѓу нив се и шестмина поранешни началници на полицијата, велат службите за безбедност и „Анадолија“.
Обвинителите во југоисточната провинција Газијантеп наредија притвор на 33 лица, меѓу кои и 24 припадници на безбедносните сили на активна должност. Во соопштението се вели дека во западната провинција Бурса обвинителите наредиле притвор за 42 лица, меѓу кои и шест војници на активна должност.
Ердоган со години ги обвинуваше приврзаниците на Ѓулен дека формираат паралелна држава со тоа што се инфилтрираат во полицијата, судството, војската и во другите државни институции.
Од обидот за пуч повеќе од 80.000 луѓе се во притвор во очекување судење, а речиси 150.000 државни службеници, воени лица и други беа разрешени или суспендирани. Западните сојузници на Турција го критикуваа обемот на реакцијата, а Анкара ги бранеше мерките како неопходен одговор на безбедносната закана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

