Свет
Турција не добила ултиматум од САД за откажување од договорот за С-400
Анкара не добила ултиматум од Вашингтон за договорот за С-400, рече турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во интервју за турскиот канал „Хабертурк“.
Коментарите на Акар доаѓаат по извештаите дека САД и поставиле ултиматум на Турција, заканувајќи се дека ќе ја исфрлат Анкара од програмата за борбените авиони Ф-35 ако турската влада не се откаже од руските системи за противракетна одбрана.
Министерот истакна дека нема да коментира претпоставки кога беше прашан како ќе реагира Турција ако САД наметнат санкции против Анкара.
„Ние дејствуваме во целосна согласност со обврските што ги презедовме”, додаде Акар, нагласувајќи дека Турција целосно платила за испорака на Ф-35 од САД, а турски пилоти веќе се обучуваат за новите авиони.
Во меѓувреме, „Ројтерс“ цитираше два неименувани извори со познавање на ситуацијата, тврдејќи дека Вашингтон размислува да ја прекине обуката за турските пилоти бидејќи двете земји веќе со месеци се во вербален конфликт.
Пентагонот и Стејт департментот допрва треба да ги коментираат тврдењата. Турските пилоти во моментов се обучуваат во базата на воздухопловните сили во Аризона иако Пентагон веќе ги прекина испораките на опремата за Ф-35 во Турција.
Минатата недела портпаролот на американскиот Стејт департмент, Морган Ортагус, изјави дека купувањето на рускиот С-400 ќе има многу реални и многу негативни последици. САД во многу наврати тврдеа дека С-400 не се компатибилни со воената опрема на НАТО и дека руските системи за воздушна одбрана претставуваат закана за Ф-35.
Анкара, од своја страна, инсистираше на тоа дека купувањето на тоа оружје е нејзина суверена работа и ја исклучи можноста за напуштање на плановите за купувањето С-400. Турската страна, исто така, истакна дека С-400 не се поврзани со безбедноста на алијансата, САД или Ф-35 на кој било начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

