Свет
Турција: Санкциите на ЕУ за турската поморска компанија се пристрасни
Турција денес ја критикува одлуката на Европската Унија за наметнувањето санкции врз турската поморска компанија обвинета за кршење на ембаргото за оружје за Либија воведено од ОН како доказ за двојни стандарди на ЕУ, пренесува РТ.
ЕУ претходно го замрзна имотот на „Аврасија шипинг“, чиј товарен брод „Циркин“ беше вклучен во поморскиот инцидент меѓу Франција и Турција и двете членки на НАТО во јуни. Брисел ја обвини компанијата дека го користела бродот за шверц на оружје во Либија. Анкара го негира тврдењето за трговија со оружје велејќи дека бродот носел хуманитарна помош.
„За нас нема вредност додавањето на нашата поморска компанија на списокот со санкции во контекст на Либија што произлезе од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ. Многу жално што е донесена толку погрешна одлука кога се прават напори да се намалат тензиите во источен Медитеран. Операцијата ‘Ирини’ на ЕУ го поддржува либискиот воен лидер Калифа Хафтар и ја казнува владата за национално единство призната од ОН“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Воената операција, одобрена од министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 март годинава, се спроведува од воздух, на море и со сателити за да се осигури дека сите земји ја почитуваат забраната за обезбедување оружје на страните вклучени во либискиот конфликт.
„Додека помошта што нашата земја ѝ ја дава на легитимната влада е опишана како кршење на ембаргото, игнорирањето на земјите и компаниите што му испраќаат оружје на пучистот Хафтар по копно и воздух, особено ОАЕ, е јасен показател за пристрасниот став на ЕУ“, велат од Министерството.
Во соопштението се вели дека ако ЕУ сака безбедност и стабилност во регионот, треба да се откаже од овој пристрасен став и да дејствува во консултација и соработка со Турција.
Сепак, ЕУ воведе санкции и за уште две други компании: казахстанската „Сигма ерлајнс“ и „Јорданс мед вејв шипинг“ и против двајца Либијци. Еден од нив е Махмуд ал-Верфали за кој ЕУ вели дека е командант во источна Либија, одговорен за убиството на 33 лица и едно масовно погубување. Вториот е Муса Дијаб кого официјалните претставници на ЕУ го обвинија за трговија со луѓе, силување и за убиство на бегалци.
Според либискиот премиер Фајез ал-Сараџ, иако операцијата има цел да го спроведе ембаргото на ОН за вооружување на завојуваните страни на Либија, главно се фокусира на поморските активности во Средоземното Море, а страната на Хафтар – непријател на легитимната либиска администрација – продолжува да прима оружје и муниција главно по воздух и копно, пренсува „Анадолија“.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на повеќедеценискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година. Во 2015 година беше формирана влада на национално единство според договорот предводен од ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива од страна на силите лојални на пучистот Калифа Хафтар.
ОН ја признаваат владата предводена од премиерот Фајез ал-Сараџ како легитимен претставник на земјата што се бори против нападите на Хафтар. Дипломатските напори за постигнување решение за либискиот конфликт сè уште траат по низата победи на либиската Армија против милициите на Хафтар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Русија би можела да ја користи морнарицата ако Западот ги заплени нашите бродови
Русија би можела да ја користи својата морнарица за да ги спречи европските сили да ги запленат нејзините бродови, а исто така би можела да возврати и на европскиот превоз ако бидат запленети руски бродови, изјави Николај Патрушев, близок сојузник на претседателот Владимир Путин.
Западните земји се обидуваат да ја исклучат Русија од глобалната трговија и да ѝ го одбијат финансирањето со воведување на повеќе од 30.000 санкции поради војната во Украина.
Тие, исто така, се обидоа да ги блокираат танкерите за нафта за кои се сомнева дека превезуваат руски пратки нафта.
Во јануари, САД запленија танкер за нафта под руско знаме како дел од напорите за ограничување на извозот на венецуелска нафта.
Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша ваквите дејствија како пиратство.
„Ако не им пружиме силен отпор, наскоро Британците, Французите, па дури и балтичките земји ќе станат толку арогантни што ќе се обидат да го блокираат пристапот на нашата земја до морињата, барем до оние во Атлантскиот басен“, рече Патрушев, советник на Путин и претседател на Рускиот поморски комитет, за рускиот медиум „Аргументи и факти“.
„Веруваме дека, како и секогаш, најдобриот гарант за безбедноста на пловидбата е морнарицата. Во главните поморски области, вклучувајќи ги и регионите далеку од Русија, мора трајно да бидат распоредени значајни сили, сили способни да ги смират страстите на западните пирати“, рече Патрушев.
РЕ-Дигитал
Русија целосно ќе го блокира Телеграм
Русија се подготвува целосно да ја блокира популарната апликација за пораки Телеграм од 1 април, објави рускиот Телеграм канал База. Руското тело за цензура Роскомнадзор ниту ја потврди ниту ја негираше оваа информација, пишува Украинска правда.
Повикувајќи се на своите извори, База наведува дека Роскомнадзор ќе иницира целосно блокирање на апликацијата, слично на она што го направи со Инстаграм и Фејсбук. Овие социјални мрежи во сопственост на Мета се означени како екстремистички и забранети во Русија. Според истите извори, Телеграм треба да престане да работи на целата територија на Русија, и преку мобилен интернет и преку Wi-Fi мрежи.
Кога беше прашан за најавената блокада, Роскомнадзор кратко рече: „Агенцијата нема што да додаде на претходно објавените информации за ова прашање“.
фото/Depositphotos
Свет
Орбан: Унгарија им помага на САД подобро да го разберат конфликтот во Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата им помага на Соединетите Американски Држави подобро да ја разберат ситуацијата во Централна Европа и конфликтот во Украина со цел да се олесни мирното решение.
Коментирајќи ја посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на Будимпешта, Орбан оцени дека посетата им била од помош на САД.
„Америка е далеку, Централна Европа е комплицирана, тешка за разбирање, а перспективата на војната е сосема поинаква од онаа од тука. Се обидувам да им помогнам на нив, на Американците, обидувајќи се да им дадам поинаква перспектива, поблиска, поширока, поисториска, подлабока, за да можат да донесуваат добри одлуки во мировниот процес“, изјави Орбан во видео порака на Фејсбук.
Државниот секретар на САД во понеделникот за време на посетата на Будимпешта изјави дека односите меѓу Соединетите Американски Држави и Унгарија се во „златна фаза“ и дека се засноваат на солидна соработка, која не е само реторичка, туку и конкретна во областите на економијата и енергетиката.
Тој потсети на блиските врски меѓу Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп и рече дека Трамп е посветен на Унгарија и нејзиниот успех, пренесува Танјуг.
Рубио го повтори ставот на САД дека една од клучните цели е што побрзо да се заврши војната во Украина, додавајќи дека САД ја презеле иницијативата во водењето преговори меѓу Русија и Украина, додека другите меѓународни институции не успеале да постигнат напредок во таа насока.

