Свет
Турција со борбени авиони нападна цели на Курдистанската работничка партија во Ирак
По бомбашкиот напад на главниот град на Турција, целите на Курдистанската работничка партија (ПКК) се уништени во воздушни напади на северот на Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи на Турција.
Турција објави дека со борбени авиони извршила напади врз курдски цели во северен Ирак по бомбашкиот напад врз зградата на владата во Анкара.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека околу 20 цели на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) биле уништени во воздушниот напад, вклучувајќи засолништа и магацини.
Турската војска ги засили воздушните напади врз северните ирачки бази на ПКК, се вели во соопштението.
Нападите се случија неколку часа откако бомбаш самоубиец активира експлозив во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи во Анкара, при што беа ранети двајца полицајци. Вториот напаѓач е убиен во престрелка со полицијата.
Новинска агенција блиска до ПКК соопшти дека групата ја презела одговорноста за самоубиствениот напад.
Во соопштението за печатот на новинската агенција АНФ се наведува дека нападот го извршила екипа поврзана со групата „Баталјонот на бесмртните“.
Турција, Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја сметаат групата ПКК за терористичка организација.
Според турската државна агенција „Анадолија“, двајцата напаѓачи заплениле возило од ветеринар во централната провинција Кајсери, град што се наоѓа на 260 километри југоисточно од Анкара.
На снимката од надзорните камери се гледа како возилото застанува пред главниот влез на МВР, еден од патниците бргу оди кон зградата пред експлозијата, а другиот останал на улицата.
Едниот напаѓач загинал во експлозија, а другиот бил неутрализиран или убиен од властите, изјави министерот за внатрешни работи.
Нападот се случи неколку часа пред првата седница на парламентот по летниот одмор, на која требаше да се обрати претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој рече дека експлозијата е „последниот обид“ за тероризирање на Турците.
„Оние што ги загрозуваат мирот и безбедноста на граѓаните потфрлија во намерата и никогаш нема да го направат“, рече тој.
ПКК и ИСИЛ во минатото извршија вакви напади во туристичките области и центрите на градовите во Турција. За време на серијата крвави инциденти во 2015 и 2016 година, Курдите, ИСИЛ и други групи ја презедоа одговорноста или беа обвинети за неколку напади во големите турски градови.
Новинарката на „Ал џезира“, Синем Косеоглу, која известува од Истанбул, рече дека по нападот, мерките за безбедност околу парламентот и зградите на Министерството за внатрешни работи се зголемени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

