Свет
Уапсени лидерите на моќниот картел „Синалоа“, Ел Мајо и синот на Ел Чапо
Мексиканскиот наркобос Исмаел Ел Мајо Замбада и синот на неговиот поранешен партнер Ел Чапо се уапсени вчера во Ел Пасо, Тексас, соопшти американското Министерство за правда.
„Министерството за правда уапси уште двајца наводни водачи на картелот ‘Синалоа’, една од најнасилните и најмоќни организации за трговија со дрога во светот“, се вели во соопштението на Министерството.
Замбада и Хоакин Гузман Лопез, синот на Ел Чапо, се соочуваат со повеќе обвиненија во САД за водење криминални операции на картелот, вклучително и производство на фентанил и мрежа за шверц на дрога, се вели во соопштението објавено од „Ројтерс“.
Двајца американски официјални лица изјавија за „Ројтерс“ дека Замбада и Гузман Лопез биле приведени кога слетале со приватен авион.
Замбада го кооснова картелот ‘Синалоа’ со Ел Чапо, кој беше екстрадиран во САД во 2017 година и издржува доживотна затворска казна во затвор со максимална безбедност.
По екстрадицијата на Ел Чапо, неговата криминална империја ја наследија неговите четири сина – познати како Лос Чапитос или малиот Чапос, кои станаа еден од најголемите американски извозници на фентанил, синтетички опиоид, кој е до 50 пати посилен од хероинот и 100 пати посилен од морфинот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

