Свет
Уапсени 43 милитанти во Индонезија

Индонезиската полиција соопшти дека уапсила 43 лица осомничени за тероризам, за кои се верува дека имаат врска со минатонеделниот самоубиствен напад врз полициската станица во Медан.
Портпаролот на Националната полиција, Деди Прасецио, изјави дека уапсените се осомничени дека се припадници на локален огранок на Исламската држава.
Според него, апсењата биле извршени во седум провинции, а меѓу уапсените е и водачот на групата.
Тој рече дека се верува дека тие имаат врска со самоубиствениот бомбашки напад на 13 ноември во Медан во кој беа повредени шест лица, пренесува АП.
Во саботата полицијата уби двајца милитанти во Северна Суматра за кои се верува дека биле бомбаши во нападот на Медан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски му порача на Трамп: Нема да вратиме ниту 10 центи

Украинскиот претседате Володимир Зеленски рече дека се надева оти првичниот договор за минерали со Соединетите Американски Држави ќе доведе до нови договори, но потврди дека сè уште не се постигнати безбедносни гаранции, пренесуваат медиумите во регионот.
Договорот го окарактеризира само како „рамковен договор“.
Зеленски спомна заеднички фонд во кој ќе се инвестираат 50 отсто од приходите од природните ресурси на Украина, но додаде дека „се уште е рано да се зборува за пари“.
„Сакав договорот да содржи клаузула за безбедносни гаранции за Украина и ми е важно таа да е таму“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина ги коментираше и претходните барања на Доналд Трамп, Украина да врати воена помош од милијарди долари, велејќи: „Нема да вратиме ниту 10 центи“.
На прашањето на Би-Би-Си дали Украина ќе се повлече од договорот ако не добие безбедносни гаранции, Зеленски одговори: „Сакам да најдам пат во НАТО или нешто слично. Ако не добиеме гаранции, нема да имаме примирје, ништо нема да успее, ништо“.
Регион
Додик се огласи по пресудата

Милорад Додик, по пресудата, со која беше прогласен за виновен, изјави дека нема причина за загриженост.
„Мора да бидеме весели. Една година сум осуден на нивните с****, на нивниот затвор. Тие велат дека сум виновен, а сега луѓето тука ќе објаснуваат зошто не сум виновен“, рече Додик пред Народното собрание во Бања Лука.
„Значи, нема причина за грижа, научив да се справувам со потешки работи, па ќе го надминеме и ова. Важно ми е да сте тука и да ме поддржувате“, рече Додик.
Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
Регион
Додик осуден на една година затвор

Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење службена или политичка функција.
Станува збор за првостепена пресуда, која засега не е правосилна, а таква ќе стане кога и одбраната и Обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година.
Ако правосилната пресуда е иста како првостепената, тоа значи дека Додик нема да може да извршува никаква официјална или политичка функција во наредните шест години.
Кога станува збор за директорот на „Службен весник на Република Српска“, Милош Лукиќ, тој беше ослободен од сите обвиненија.
Во 2023 година Националното собрание на РС усвои закон според кој одлуките на високиот претставник во БиХ,нема да се објавуваат во „Службен весник на РС“, ниту ќе се спроведуваат во тој ентитет. Набргу потоа, високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, го поништи законот, но Милорад Додик потпиша указ за прогласување на законот.
Во меѓувреме, високиот претставник го измени и Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот во спроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело. Обвинителството поднесе обвинение против Додик и директорот на „Службен весник на Република Српска“, Милош Лукиќ.