Свет
Уапсен еден од најбогатите Украинци кој во 2019 година го поддржа Зеленски на изборите
Украинската служба за безбедност (СБУ) го обвини олигархот Ихор Коломојски, кој беше цел на американските санкции во последните три години, за измама и перење пари. Третманот на истакнат бизнисмен, исто така еден од најбогатите Украинци, кој го поддржа претседателот Володимир Зеленски на изборите во 2019 година, доаѓа во време кога Киев сака да докаже дека се бори против корупцијата дури и во време на војна.
„Утврдено е дека од 2013 до 2020 година, Коломојски легализирал половина милијарда гривни (14 милиони американски долари) со нивно исфрлање во странство користејќи ја инфраструктурата на банките под негова контрола“, соопшти СБУ. Коломојски претходно ги отфрли сите обвинувања против него.
Тој претприемач, цел на американските санкции почнувајќи од 2021 година, се смета за еден од олигарсите кои по распадот на СССР во 1991 година натрупале огромно индустриско богатство, притоа добивајќи исклучително политичко и економско влијание.
Во предвечерието на војната, Зеленски реши да им ги скрати крилјата на олигарсите со закон кој бараше да се регистрираат и да не се мешаат во политиката. Војната ја оштети нивната моќ бидејќи профитабилните индустриски комплекси беа тешко оштетени на југот и на истокот на земјата, а нивните телевизиски канали се емитуваат преку централизиран сигнал.
Зеленски негира дека Коломојски имал некакво влијание врз владата. Двајцата пратеници, Јарослав Железњак и Ирина Герашченко, сметаат дека нападот врз Коломојски има за цел да создаде позитивен публицитет меѓу западните земји кои и помагаат на Украина во војната против Русија.
„Западните влади нема да пумпаат пари во обновата на земјата ако веруваат дека тоа само ќе ги наполни џебовите на олигарсите“, напишаа Железњак и Герашченко на Телеграм. Киев исто така аплицираше за членство во ЕУ, а Зеленски сака да обезбеди десетици милијарди долари за обнова на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Анџелина Џоли ги посети палестинските деца од Газа во болници во Египет
Хуманитарната организација ИНАРА ја угости актерката и хуманитарка Анџелина Џоли за време на нејзината посета на програмите во Египет, каде што се сретна со палестински деца од Појасот Газа кои добиваат медицинска, образовна и психолошка поддршка.
Џоли ги посети децата кои се лекуваат во болници, учесниците во образовните програми и семејствата за време на домашни посети, како и центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка. Таму разговараше со персоналот и ги слушна сведоштвата на децата за траумите низ кои поминале.
Децата истакнаа дека медицинската помош, психолошките терапии и наставата што ги обезбедува ИНАРА им помогнале повторно да почувствуваат стабилност и да продолжат да сонуваат за иднината. Шеснаесетгодишно девојче раскажа дека по повеќемесечно лекување му била спасена повредената нога, а на денот на средбата со Џоли ѝ бил изваден гипсот.
Џоли изрази почит за храброста на децата и надеж дека еден ден ќе живеат во мир и безбедност. Од октомври 2023 година, ИНАРА обезбедила медицинска и психосоцијална помош, образование, сместување и финансиска поддршка за илјадници палестински деца и нивните старатели во Египет.
Фото: ИНАРА – хуманитарна организација (inara.org)
Свет
Рубио: САД не планираат инвазија, туку купување на Гренланд
Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио им порача на пратениците дека, и покрај сè поагресивната реторика, администрацијата не планира инвазија врз Гренланд, туку сака да го купи овој огромен остров од Данска. Оваа изјава, дадена за време на затворен брифинг во понеделникот, доаѓа во момент кога Белата куќа јавно не ја исклучува можноста за воена акција, а претседателот Трамп и неговите соработници одбиваат да ја исклучат можноста за заземање територија со сила.
Дека ситуацијата е сериозна, потврди и портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет за националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е клучно за одвраќање на нашите противници во арктичкиот регион“, изјави таа.
„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна надворешнополитичка цел, а секако, користењето на американската војска секогаш е опција што му стои на располагање на врховниот командант.“
Желбата на Трамп да го купи Гренланд не е нова – тој за тоа зборуваше и за време на својот прв мандат, но сега се чини дека е поодлучен од кога било оваа територија да ја припои кон Соединетите Американски Држави.
Зборовите на Рубио биле изречени на состанок со раководството на Конгресот, на кој учествувале и министерот за одбрана Пит Хегсет и претседателот на Здружениот штаб, генералот Ден Кејн. Главна тема на состанокот била операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но разговорот се проширил и на други потенцијални воени акции.
Според извори, лидерот на сенатското малцинство, Чак Шумер, директно прашал дали администрацијата планира воена интервенција во Мексико или на Гренланд, на што Рубио, како што се наведува, се обидел да ја смири ситуацијата.
Иако не е целосно јасно дали Рубио навистина ги смирил пратениците, блискиот сојузник на Трамп, сенаторот Линдзи Греам, тврди дека агресивната реторика е всушност преговарачка тактика.
„Сето ова е дел од преговори“, изјави тој.
„Мораме да имаме правна контрола и правна заштита за да ја оправдаме изградбата на тоа место и испраќањето на нашите луѓе на терен.“
Сепак, ваквиот пристап предизвика длабока загриженост кај европските сојузници. Членките на НАТО предупредија дека американски напад врз Гренланд, кој е автономен дел од Данска, би значел крај на деценискиот воено-политички сојуз.
Дека Белата куќа не се откажува од притисокот, покажа и Стивен Милер, еден од најблиските соработници на Трамп, кој во понеделникот на Си-Ен-Ен не ја исклучи можноста за инвазија.
„Никој нема воено да се бори против Соединетите Американски Држави поради иднината на Гренланд“, самоуверено порача тој.
Самиот претседател Трамп беше уште подиректен следниот ден, во вторникот, кога им објасни на новинарите во претседателскиот авион: „Ни треба Гренланд од аспект на националната безбедност, а на Европската Унија ѝ треба ние да го имаме и тие тоа го знаат“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на контролата врз Арктикот поради Русија и Кина, како и пристапот до богатите минерални ресурси на островот.
Данската влада се обиде да одговори на безбедносните грижи на Трамп, нудејќи стационирање на поголем број американски војници и нови права за експлоатација на минерали, но Трамп во неделата ги отфрли тие предлози со изјава дека Копенхаген купува „уште едни санки за кучиња“.
Данската премиерка Мете Фредериксен во понеделникот упати досега најостро предупредување. За локалната телевизија ДР изјави дека напад врз членка на НАТО би значел крај на сè.
„Сè би завршило. Меѓународната заедница каква што ја познаваме, демократските правила на игра, НАТО – најсилниот одбранбен сојуз во светот – сето тоа би се урнало ако една земја членка на НАТО одлучи да нападне друга“, порача Фредериксен.
Стравот кај европските лидери е дополнително засилен поради неодамнешните американски воени операции во Венецуела, Нигерија и Иран, кои укажуваат дека Трамп во својот втор мандат е поподготвен да користи сила. Во меѓувреме, додека траат дипломатските тензии и закани, жителите на Гренланд, според истражувањата на јавното мислење, во големо мнозинство се противат на идејата да станат дел од Соединетите Американски Држави.
Свет
Франција: Подготвуваме план ако САД тргнат кон Гренланд
Франција, заедно со европските партнери, работи на план за одговор во случај Соединетите Американски Држави да се обидат да го преземат Гренланд, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој нагласи дека Европа сака да реагира координирано и заеднички, додавајќи дека темата ќе биде отворена на состанок со министрите за надворешни работи на Германија и Полска.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја изнесе идејата за преземање контрола врз Гренланд, тврдејќи дека островот е стратешки важен за безбедноста на САД. Белата куќа соопшти дека се разгледуваат различни опции, вклучително и воени, иако тоа наиде на европски критики.
Баро изјави дека по разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, му било потврдено дека воена инвазија врз Гренланд не е опција. Данска и Гренланд порачаа дека островот не е на продажба и побараа итен дијалог со Вашингтон.
Фото: pexels

