Свет
Уапсен е осомничен за убиство на четворица студенти во САД
Властите во американската сојузна држава Пенсилванија уапсија осомничен за убиството на четворицата студенти во сојузната држава Ајдахо кои беа избодени со нож пред нешто повеќе од еден месец додека спиеле во изнајмена куќа, изјави денеска полициски претставник.
Ова злосторство го вознемири градот во Ајдахо, каде живеат околу 25.000 луѓе, и каде е седиштето на Универзитетот во Ајдахо. Градот, населен главно со земјоделци, нема убиство во последните пет години.
Околу 11.000 студенти живеат во градот Москва, во Ајдахо, а стравот од повторени напади беше толку голем што речиси половина од студентската популација се исели надвор од градот или се префрли на онлајн часови.
Според полициските документи, осомничениот се вика Кристофер Кохбергер и има 28 години. Кохбергер е во притвор во Пенсилванија и чека екстрадиција до властите за убиствата.
Апсењето беше потврдено за Асошиетед прес од полициски функционер кој побара да остане анонимен бидејќи допрва треба да се објави официјално соопштение.
Четворица студенти од Универзитетот во Ајдахо беа избодени со нож во раните утрински часови на 13 ноември додека лежеа во кревет во изнајмена куќа во близина на кампусот. Тројца биле сместени таму, а четвртиот бил на гости кај девојка. И тој и девојката се убиени.
Обдукцијата покажа дека сите четири жртви најверојатно биле нападнати додека спиеле. Некои од убиените имаа рани што укажува на тоа дека се бранеле, а секој од нив бил избоден повеќепати. Не се пронајдени траги на сексуално насилство.
Осомничениот Кохбергер е уапсен во округот Монро во планините Поконо, во источна Пенсилванија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

