Свет
Убиецот на Џон Ленон по 45 години: Го убив за да бидам познат, само скријте ме некаде под тепих
Марк Дејвид Чепмен, кој го уби Џон Ленон, рече дека го убил од патетична желба да биде некој. Тој ова го изјави неодамна пред комисијата за условно ослободување во пресрет на 45-годишнината од шокантното злосторство.
„Ова беше поради мене и само мене, за жал, и имаше сè врска со неговата популарност“, изјавил во август седумдесетгодишниот Чепмен, кој е во казнено-поправната установа „Грин хејвен“ во округот Дачис, според транскриптот од интервјуто до кој во петокот дојде „Њујорк пост“.
Чепмен, кој го уби обожаваниот четириесетгодишен Ленон на 8 декември 1980 година, 14. пат безуспешно се обиде да излезе од затвор. Тој се извини за празнината што ѝ ја остави на публиката и на пријателите на рок-легендата, но, како што покажуваат документите, комисијата не поверувала во неговото каење.
На прашањето зошто сакал да го убие Ленон, одговорил: „За да бидам познат, да бидам нешто што не сум“.
„А потоа сфатив, еј, тука има цел“, продолжил Чепмен. „Не морам да умрам и можам да бидам некој. Толку ниско паднав“.
Во текот на претходните сослушувања за условно ослободување Чепмен давал слични изјави поврзани со желбата за слава кажувајќи дека сакал да биде познат и дека имал зло во себе.
На сослушувањето на 27 август повторно ја опишал бруталноста на убиството кажувајќи ѝ на комисијата дека доаѓал во Менхетн од Хаваи месеците претходно решен да ја убије рок-иконата откога се идентификувал со Холден Каулфилд од романот „Ловец во житото“ и почнал да верува дека Ленон е лажен.
Тогаш 25-годишниот Чепмен го чекал Ленон, но Ленон не се појавил. Два месеца подоцна, Чепмен се вратил откога опсесијата повторно почнала да се зголемува.
„Тогаш тоа утро, 8 декември, едноставно, знаев. Не знам како знаев, но знаев дека тоа ќе биде денот кога ќе го сретнам и ќе го убијам“, изјавил Чепмен.
Кога Ленон излегол од лимузината со сопругата Јоко Оно, Чепмен пукал во него четирипати во грбот, само неколку часа откога му бил потпишан албумот од страна на музичарот.
Тој бил осуден на казна од 20 години до доживотен затвор.
Во последните години Чепмен го минува времето читајќи ја Библијата навечер, играјќи одбојка со други затвореници и разговарајќи со сопругата Глорија, со која е во брак 46 години.
Чепмен изразил каење за убиството на неколку сослушувања за условно ослободување, вклучувајќи го и последното.
„Тој беше човечко битие“, рекол тој мислејќи на Ленон.
„Еве ме мене, живеам многу подолго и не само на семејството, туку и на неговите пријатели и фанови – се извинувам за агонијата низ која мораа да поминат. Во времето на злосторството воопшто не размислував за тоа, не ми беше гајле“.
Сепак, комисијата заклучила дека му недостига „вистинско каење или значајна емпатија“ кон жртвата. Следното сослушување за негово евентуално условно ослободување ќе може да се одржи во 2027 година.
Чепмен сега вели дека би сакал да избегне јавен интерес.
„Веќе немам никаков интерес да бидам познат“, рекол тој.
„Само ставете ме некаде под тепих. Веќе не сакам да бидам познат, точка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

