Свет
Удрил во барикада пред Капитол, а потоа се застрелал
Непознат човек загина откако утринава прво удри со својот автомобил во барикада во близина на американскиот Капитол, а потоа пукаше во воздух, по што си впери пиштол во себе, соопшти тамошната полиција.
Во полициското соопштение се наведува дека мажот бил зафатен од пламен додека излегувал од згмечениот автомобил. Откако излегол од автомобилот испукал неколку истрели во воздух на улицата „Источен Капитол“. Полицијата брзо реагирала, но мажот самиот се застрелал. Никој друг не бил повреден.
Смртта ја истражува Метрополитен полицискиот оддел на Вашингтон, кој не го објави идентитетот на мажот или какви било детали за мотивот за неговото самоубиство.
„Во овој момент, се чини дека човекот немал цел да нападне ниту еден член на Конгресот и се чини дека локалната полиција не пукала од оружјето. Членовите на Конгресот во овој момент се на летен распуст“ – објави полицијата на Капитол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украина е подготвена за мировниот договор со САД и Европа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да продолжи напред со рамката за мировен договор во соработка со Соединетите Американски Држави и Европа, пишува Ројтерс.
Повикувајќи се на текст од говор во кој имал увид, Ројтерс наведува дека украинскиот лидер им порачал на сојузничките земји дека сите безбедносни одлуки што се однесуваат на Европа мора да ги вклучуваат и европските држави.
Зеленски истакнал дека е подготвен да разговара за чувствителните точки од мировниот договор со Доналд Трамп, но нагласил дека на тој состанок мора да учествуваат и европските лидери.
На крајот порача дека сојузниците на Киев треба да продолжат да ја поддржуваат Украина сè додека Русија не покаже подготвеност да ја заврши својата инвазија.
Регион
Захарова ѝ одговори на фон дер Лајен: Западот насилно ги прекрои границите на Србија
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече условите на Европската унија за постигнување мир во Украина апсурдни.
„По средбата со лидерите на ЕУ, Урсула фон дер Лајен ги изнесе условите на ЕУ за постигнување мир во Украина“, напиша Захарова на својот канал на Телеграм.
Конкретно, ЕУ во своите услови нагласува дека границите не можат да се менуваат со сила.
„Урсула не можеше да не слушнала за Косово. Западот прогласи и со сила спроведе еднострано прекројување на границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“, предупреди Захарова, пренесе руската државна новинска агенција РИА Новости.
Во врска со ограничувањето на големината на украинската армија, Захарова потсети дека Германија во историјата прифатила слични ограничувања за својата војска, нагласувајќи дека фон дер Лајен, како Германка, би требало да го знае тоа.
Изјавата дека Украина ја одбрала европската иднина, Захарова ја нарече најапсурдна.
„Сите добро се сеќаваме како легитимно избраниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, изјави дека земјата што тогаш легитимно ја водеше го суспендира договорот за европски интеграции затоа што ‘украинската економија и законодавство не беа подготвени за приклучување кон Европската унија’“, истакна таа.
„Во исто време, Западот го покрена Мајдан, што доведе до неуставен пуч во 2014 година и, на крајот, до воспоставување на неонацистички режим во Киев под водство на глобалното малцинство“, додаде Захарова.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата порача дека украинските граници не можат да се менуваат со сила, дека украинската армија не смее да се намалува и да се остави ранлива на напад, како и дека Европската унија мора да има централна улога во мировниот договор за Украина.
„Секој веродостоен и одржлив мировен план треба пред сè да го запре убивањето и да го заврши војувањето, а не да посее семе за идни конфликт“, наведе шефицата на Европската комисија.
Свет
Стармер и Зеленски разговараа пред состанокот на коалицијата на подготвените
Британскиот премиер Кеир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа во пресрет на состанокот на „коалицијата на подготвените“ земји, која ќе понуди поддршка за Украина додека продолжуваат напорите за постигнување мировен договор со Русија.
Украина и понатаму е изложена на руски напади, при што загинаа најмалку шест лица, а делови од Киев останаа без вода и струја. Украинските сили, пак, изведоа дрон-напад врз руската Ростовска област, при што, според наводите, загинале три лица, а осум биле повредени.
Нападите следат по викенд-разговорите во Женева меѓу американски и украински претставници за мировниот план што го предлага администрацијата на Доналд Трамп.
Зеленски соопшти дека имал „добар и многу продуктивен“ разговор со Стармер и дека биле координирани ставовите за денешниот состанок на коалицијата, како и следните чекори во процесот.
Во меѓувреме, американскиот секретар за армија Ден Дрискал во Абу Даби разговарал со руски претставници за последните случувања по женевските разговори. Се очекува Зеленски да отпатува во Вашингтон до крајот на ноември за да ги финализира чекорите и да постигне договор со претседателот Трамп, соопшти украинскиот функционер Рустем Умеров.

